Оттаму констатирале дека нема повреди ниту на телото ниту на главата, туку измрзнатини кои со терапија ќе бидат санирани.
Според Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола, изутрината во 7:44 часот од прилепската Противпожарна единица било пријавено дека на местото викано „Чуле" на Селечка Планина, 15 -годишната малолетничка од Прилеп со иницијали М.Д. паднала и, евентуално може да има повреди.
– Полицијата веднаш излегла на местото и бидејќи теренот бил недостапен, бил повикан хеликоптер на МВР кој брзо пристигнал и го извлекол девојчето кое било префрлено во прилепската Градска болница „Борка Талески", информира Стаматова.
Според Драган Богоески, директор на прилепската болница девојчето нема повреди туку измрзнатини и доби соодветна терапија и е надвор од животна опасност.
– Девојчето е доведено околу пладне во свесна состојба. Констатирано е дена нема повреди, ниту скршеници и нема повреди на главата. Според тоа постапено е со затоплување, доби витаминска и антибиотска терапија. На набљудување ќе остане ден-два во болницата, изјави Богоески.
Петнаесетгодишната малолетничка и момче, за кое нема детали, цела ноќ поминале на планина. Наводно се упатиле синоќа накај планинарскиот дом на Селечка и ноќта ја поминале на отворено на нестабилното дождливо и ветровито време. Изутрината кога сакале да се вратат, девојката паднала и мислејќи дека се повредила, повикани се противпожарната единица и прилепската полиција, а потоа, поради непристапниот терен, повикан бил хеликоптер на МВР.
Од полицијата каде работат на расветлувањето на случајот, не соопштуваат други детали за настанот кој можел да биде кобен за младите./МИА