Данска и пред оваа средба како единствена непоразена досега обезбеди прво место и полуфинале, а дуелот против Словенија беше можност за нов триумф. Сепак, натпреварот од последното коло од групата 2 на главната фаза одигран во Хамбург му припадна на словенечкиот тим кој ги совлада Данците и тоа по подобра игра во текот на целиот натпревар.
Веќе во првото полувреме Словенија го навести овој исход. Одиграа организирано и не му дозволија на противникот да дојде до предност. На полувреме беше +3, 17:14 за Словенија. До крајот изостана пресвртот на фаворизираните Данци, па Змајчеците забележаа вреден триумф со кој го обезбедија третото место во групата. Со оваа победа успеаја да ја „прескокнат“ Португалија, која претходно денеска ремизираше со Холандија (33:33).
Интересно, пред овој дуел, Данска не знаеше за пораз од октомври 2022 година, кога загуби во Купот на ЕХФ од Шведска. Оттогаш е забележано само нерешено против Хрватска на Светското првенство лани, како и со Норвешка во Златната лига.
Во победничкиот тим најефикасен беше Хорцен со шест гола, а ист учинок кај Данска имаа Јоргенсен и Киркелоке.