За разлика од конкурентните луксузни марки чии теренци често го сочинуваат лавовскиот дел од нивната продажба, „Ferrari“ одлучи да го ограничи производството на својот прв кросовер на не повеќе од 20 отсто од годишното производство, со цел да ја задржи ексклузивноста.
Дури и ако се претпостави дека вкупното производство на „Ferrari “на сите модели се искачува на 15.000 со додавањето на новата моделска линија, тоа сепак изнесува само 3.000 автомобили годишно.
„Имаме ризик да не можеме да ја задоволиме побарувачката и можеби ќе треба да ги затвориме нарачките многу брзо“, рече главниот комерцијален и маркетинг директор на „Ferrari“, Енрико Галиера.
„Purosangue“ користи атмосферски „V12“ под хаубата, карактеристика што ниту еден од неговите конкуренти фокусирани на перформанси не ја нуди, што може да го објасни налетот на нарачките однапред. Галиера тврди дека интересот „експлодирал“ кога компанијата објавила дека „Purosangue“ ќе користи „V12“.
„Ferrari“ најверојатно ќе додаде хибридни модели со помал капацитет подоцна, позајмувајќи го или хибридниот „V8“ погонски систем на „SF90“ или електрифицираниот „V6“ на „296 GTB“, чиј капацитет од 3,0 литри ќе помогне да се избегнат големите даноци наметнати на големите мотори во Кина, каде што најверојатно ќе биде многу популарен модел.
Сепак, „V12“ во „Purosangue“ веројатно ќе биде голем фактор за убедување на постојните тврдокорни сопственици на „Ferrari“ дека „Purosangue“ е достоен да го носи значката на „Ferrari“. Од „Ferrari“ велат дека приоритет ќе им биде испораката на сегашните сопственици, а не на новите купувачи на марката.
„Секој сопственик на „Ferrari“ сака да поседува „Purosangue“ и ние мораме да ги наградиме, бидејќи тие се оние кои го направија „Ferrari“ она што е денес“, изјави Галиера за „Automotive News Europe“.