СИРИЗА со критики до грчката Влада за Договорот од Преспа

СИРИЗА со критики до грчката Влада за Договорот од Преспа, бара да реагира во случај на прекршување.

Да реагира во случај на прекршување на Договорот од Преспа, со користење на средства како замрзнување на европската перспектива, бара од грчката Влада опозициска СИРИЗА, која паралелно ја критикува дека во изминатите пет години не сторила ништо за да го заштити Договорот и да ја унапреди соработката со соседната земја, јави дописничката на МИА од Атина.

Од СИРИЗА велат дека Грција сега е соочена со „негативните последици од надворешната политика на Мицотакис, кој избра катастрофална неактивност во однос на спроведувањето на Договорот од Преспа“.

- Владата мора да го напушти овој пасивен став и веднаш, врз основа на одредбите од Договорот и со мобилизирање на сите достапни дипломатски средства на меѓународно и европско ниво, со строгост, да се соочи со секоја употреба на термини или постапки од новата претседателка и членовите на новата Влада на Северна Македонија кои го прекршуваат Договорот од Преспа – особено уставното име. Потсетуваме дека овие средства вклучуваат и замрзнување на интегративната перспектива на соседната земја, како и активирање од САД на законот усвоен во јуни 2021 година, што предвидува санкции во случај на оспорување /прекршување на Договорот од Преспа, пишува во соопштението од СИРИЗА.

Дополнително посочуваат дека Владата на Мицотакис „пет години не направи ништо за да го заштити Договорот“, а како пример споменуваат дека сè уште ги нема ратификувано меморандумите, не направила ништо за „промената на учебниците“ „за промена на трговските ознаки на компаниите од соседната земја“, но и за промена на сообраќајните табли во Грција.

-Не само што не ги ратификуваше трите меморандуми од 2019 година кои имаа јасни придобивки за земјата, туку не се одржа ниту еден Висок совет за соработка – и покрај предвиденото за еднаш годишно, а беше потпишан само еден меѓудржавен договор наместо да се договорат десетици нови, велат од СИРИЗА.

Паралелно, ја повикуваат Владата „конечно да биде на ниво на задачата и да бара, како на билатерално така и на меѓународно ниво, верно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа“.

Закажани се вонредни избори во Иран по загинувањето на претседателот Раиси

По смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси, на 28 јуни ќе се одржат вонредни избори за претседател на Иран, објави денеска Мохсен Еслами, претседателот на иранскиот избирачки штаб.

„Четиринаесеттите претседателски избори во Иран ќе се одржат на 28 јуни“, рече Еслами, а пренесе агенцијата Иран Мехр.

Тој додаде дека од Советот на чувари било побарано да започне регистрацијата на претседателските кандидати пред 28 мај.

До крајот на изборите оваа должност ќе ја извршува досегашниот прв потпретседател на Иран, Мохамад Мохбер.

Советот на чувари, надпарламентарно тело составено од членови на свештенството, е задолжен за одобрување на кандидати за извршни функции во владата на земјата, вклучувајќи ја и функцијата претседател на Иран, пишува ТАСС.

Прошталната церемонија за Раиси ќе биде организирана утре во градот Табриз, а неговото тело потоа ќе биде однесено во Ком, Техеран и Бирџанд, пред да биде погребано во неговиот роден град Машхад на 23 мај.

Се огласи Бајден по налогот за апсење на Нетанјаху од МКС: Не е исто

Барањето на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да издаде налог за апсење на израелските лидери е „безобразно“ и САД не се согласуваат со споредбата меѓу Израел и Хамас, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

„Да бидам јасен, што и да се обидува да имплицира овој обвинител, нема изедначување на Израел и Хамас“, рече тој, пренесе Ројтерс.

Пресудите за апсење на МКС може да ги загрозат напорите за постигнување прекин на огнот, договор за заложници и зголемување на хуманитарната помош за Газа, рече државниот секретар Ентони Блинкен.

„Го отфрламе наводот на обвинителот со изедначување на Израел со Хамас“, нагласи Блинкен, пренесува Ројтерс.

Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, претходно денеска изјави дека се поднесени налози за апсење против Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант под обвинение за „предизвикување истребување, поттикнување глад како метод на војна, вклучително и негирање хуманитарна помош и намерно таргетирање на цивили во конфликтот“.

Освен тоа, денеска судот побара апсење на лидерите на Хамас – Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије.

Тројцата се обвинети за „истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуален напад“.

Родителите преплашени по нападот со нож во училиште во Кина- најмалку две лица загинале

Најмалку две лица загинаа, а 10 се повредени во напад со нож во основно училиште во кинеската провинција Џиангкси.

Полицијата соопшти дека жената (45) го извршила нападот употребувајќи нож за салата. Во меѓувреме била уапсена.

Нападот се случил околу пладне по локално време, но се уште не е познато дали меѓу жртвите има и деца.

По веста за нападот, родителите веднаш се упатиле кон училиштето и го опишале својот страв и шок.

„Дознав околу пладне, бев многу шокиран. Моето дете е петто одделение и безбедно си стигна дома, но училиштето не нѝ извести за ништо и сѐ чува во тајност. Се враќам да го утешам детето и да дознаам што точно се случило“, рече еден родител за Би-Би-Си.

Друг татко рекол дека е многу исплашен и дека не се исплашени само децата, туку и возрасните.

"Наставниците добро реагираа - веднаш објавија фотографии од децата во родителската група, рекоа дека децата се безбедни и веднаш ја заклучија вратата. Ги замолија родителите да дојдат да ги земат", рекол друг татко.

Тој додаде дека наставниците им рекле дека нападот е под истрага и дека не знаат повеќе детали.

притисни ентер