Синер го победи Де Минаур на завршниот АТП турнир

Италијанскиот тенисер Јаник Синер синоќа го победи Австралиецот Алекс Де Минаур во меч од завршниот АТП турнир 2024 година.

Во меч што траеше 1 час и 24 минути, 23-годишниот Италијанец победи со 2:0, по сетови 6:3 и 6:4.

Синер сервираше осум пати, направи една двојна грешка и реализираше три од седум брејк топки. Неговиот противник имаше три аса, две двојни грешки и една реализирана брејк топка.

Следен противник на Синер ќе биде Американецот Тајлер Фриц, додека Де Минаур ќе игра против Русинот Данил Медведев.

Наградниот фонд на турнирот во Торино изнесува 15,3 милиони долари./МИА

Гвардиола го продолжи договорот со Манчестер Сити на уште две години

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, го продолжи договорот со клубот на уште две години.

Договорот на шпанскиот тренер би истекол на крајот од оваа сезона, но по потпишувањето на нов, Гвардиола ќе остане во Манчестер 11 сезони.

Тој го презеде Сити во 2016 година и освои 18 трофеи, вклучувајќи шест титули во Премиер лигата и Лигата на шампионите.

"Манчестер Сити ми значи многу. Ова е мојата деветта сезона. Доживеавме толку многу неверојатни моменти заедно. Имам навистина посебно чувство и затоа сум многу среќен што останувам уште две сезони", изјави Гвардиола за веб-страницата на клубот.

Тој го предводеше тимот до четири последователни титули во Премиер лигата, што е рекорд во лигата, како и до тројната круна во 2023 година, односно три трофеи во една сезона - титулата во Премиер лигата, Лигата на шампионите и ФА Купот.

„Го кажав ова многу пати досега, но имам сѐ што еден тренер би можел да посака и го ценам тоа многу. Се надевам дека можеме да додадеме уште трофеи на оние што веќе ги освоивме. Тоа ќе биде мојот фокус“, додаде Гвардиола.

Најдолго остана во Сити како тренер, откако работеше четири години во Барселона и три во Баерн Минхен.

Туристка сакала да сними силна бура во Италија, не поминала добро (ВИДЕО)

И покрај предупредувањата и забраната за приближување до моловите и карпите, за време на силно невреме, неименувана туристка решила да сними возбудливо видео.

Можно е да мислела дека ништо лошо нема да ѝ се случи, додека со телефон сакала да ги овековечи невремето и брановите кои го зафатија брегот на италијанската населба Камољи, во областа Џенова.

Сепак, жената била во голема заблуда. Додека го снимала невремето, дошол голем бран и ја однел. Снимката е објавена на социјалните мрежи и брзо стана вирална.

За среќа, таа завршила на блиската плажа и очигледно без некои посебни повреди, пренесува Fanpage.it.

Инаку, невремето не го зафати само Камољи, туку и други делови од Италија, каде однесе два рибарски чамци и дел од покрив на училиште, соопштија надлежните.

Агенцијата за заштита на животната средина до петок предупредуваше на невреме со можни бранови и до седум метри, апелирајќи до граѓаните да посветат максимално внимание на себе и на имотот.

Трамп се огласи, откако мигрант е осуден на доживотен затвор за силување и убиство на студентка

Маж од Венецуела обвинет за убиство на студенката од Џорџија, Лејкен Рајли, е осуден на доживотен затвор без можност за условно ослободување во случај кој стана точка на удар во националната дебата за имиграција.

Хозе Ибара (26) е обвинет за убиство и други кривични дела во случајот со убиството на студентка во февруари и е прогласен за виновен по сите обвиненија. Обвинителите рекоа дека Ибара ја нападнал Рајли додека таа џогирала во кампусот на универзитетот на 22 февруари и ја убил за време на борбата. Обвинителството пред почетокот на судењето одлучи да не бара смртна казна.

Семејството на девојката побарало од судијата да му изрече максимална затворска казна. Нејзината мајка Алисон Филипс изјави дека тоа не е крајот на болката, страдањето и загубата што ја чувствуваат.

„Оваа болна, развратна и злобна кукавица не покажа почит кон нејзиниот живот. Истото го бараме и за него“, му рекла таа на судијата.

Ибара не реагирал додека преведувачот му ги пренесувал нејзините зборови, но изгледаше дека повремено гледа во звучниците. Убиството на девојката додаде масло на националната дебата за имиграција кога федералните власти соопштија дека Ибара илегално влегол во САД во 2022 година и му било дозволено да остане во земјата додека го следи неговиот случај за имиграција. Новоизбраниот претседател Доналд Трамп и другите републиканци ја обвинија политиката на демократскиот претседател Џо Бајден за смртта на девојката. Трамп ја поздрави пресудата преку објава на социјалните мрежи.

„Те сакаме Лејкен и нашите срца секогаш ќе бидат со тебе. Време е да ја обезбедиме нашата граница и да ги отстраниме овие криминалци и насилници од нашата земја за да не се повтори нешто слично!“

Обвинителката Шила Рос рече дека доказите покажуваат дека Ибара ја убил Рајли затоа што не му дозволувала да ја силува. Рос рече дека ДНК-та на обвинетиот била пронајдена под нејзините нокти и дека и нејзината и неговата ДНК биле пронајдени на јакна која полицијата ја пронашла во корпа за отпадоци во неговиот станбен комплекс. Кога било пронајдено нејзиното тело, ѝ биле соблечени хеланките за трчање, а јакната и маицата ѝ биле подигнати, што е доказ за обид за сексуален напад, заклучило обвинителството.

притисни ентер