Синдикатот во Македонска пошта инсистира на нова систематизација, се подготвува и за протест

Се бара и итно подобрување на условите за работа и обезбедување средства бидејќи според Синдикатот во ваква состојба има огромни тешкотии во работење

Синдикатот во „Македонска пошта“ ќе изготви систематизација, ќе ја достави на идната влада и ќе инсистира на нејзина итна примена, како стартно решение за состојбата на Поштата, која, како што рече денеска синдикалниот лидер Боро Велигденов, е на работ на егзистенција, а се доведени во прашање над 2000 работни места. По изборите ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор што го подготвиле, но за кој, работата на комисијата била прекината пред година и половина. Исто така се бара и итно подобрување на условите за работа и обезбедување средства бидејќи според Синдикатот во ваква состојба има огромни тешкотии во работењето.

Велигденов на прес-конференција пред Владата истакна дека веќе се консултираат со членството за организирање нов протест и почнување постапка за штрајк, откако по минатомесечниот протест не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.

-Како Синдикат почнуваме со подготвување на систематизација со вклучување на експерти. Целта е да се приложи на која и да биде идна Влада за да се почне веднаш со реформи, реорганизација и стабилизација на друштвото. Состојбите се крајно сериозни, финансиската состојба е алармантна, како вработени сме загрижени за редовната исплата на платата. Вчера земавме плата, но имаме неисплатена плата на над 200 договорни поштари, рече Велигденов.

Нам ни е важно, истакна, да не се продолжи со оваа лоша кадрова политика, со партизацијата што со години и години наназад се провлекува и ја доведе Македонска пошта до работ на опстојување. Клучен проблем е токму систематизацијата. - Со постоечката систематизација, а веруваме дека таква организација во работењето нема во ниту една институција, имаме 15 подружници, 15 директори, седум члена на Управен одбор, шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници, а се помалку работници во технолошкиот процес, укажа Велигденов.

Целта, посочи, е да се изготви нова систематизација согласно потребите на друштвото и на пазарот и да се стави огромен акцент на технолошкиот процес и на обработка на пратките.

- Сите аномалии и проблеми во работењето со систематизација ќе се надминат и ќе се позиционираме на пазарот, односно ќе ја вратиме Македонска пошта на граѓаните со редовна и навремена достава на пратки. Има работници кои не доаѓаат на работа, има работници кои доаѓаат, а не знаат кои им се работните места, затоа е таа нова систематизација - да ја поттикнеме продуктивноста во работењето, а со самото тоа ќе ги зголемиме приходите и ќе можеме самостојно да функционираме како друштво, посочи Велигденов.

Според него, по последниот протест на вработените минатиот месец, УО и Владата не одговориле на барањата за состанок и ги нарушиле начелата и принципите за социјален дијалог и ги оставиле вработените сами да се борат за спас на Македонска пошта и за зачувување на работните места.

Велигденов рече дека во активностите што ги најавува нема да учествува другиот репрезентативен синдикат во националната Пошта бидејќи раководството на тој сидникат по протестот донело таква одлука.

Потсети дека за новата систематизација која е темел на реформите УО донел заклучок за итно почнување уште пред година и половина и е формирана комисија, но уште не почнала со работа. Систематизацијата е дел и од Спогодбата потпишана пред 2,5 години за време на генералниот штрајк.

Поради распишаните избори во тек се консултации со членството за да се одлучи како ќе се настапи за плановите за организирање протест и штрајк.

-Најавуваме натамошни активности во насока на организација на протест, како и отпочнување на постапка на штрајк. Во моментот се прават анкети, се информираат вработените за поголемо учество во натамошните активности, меѓутоа во насока на заштита на работничките права и како синдикат ќе ги преземеме сите активности и мерки за заштита на нашите работнички права, како што се протести. Бидејќи сега се избори, во наредниот период ќе одлучиме како ќе настапиме, информира претседателот на Синдикатот на Македонска пошта.

Најмалку 23 загинати во Перу, кога автобус падна во бездна и пропадна во река (ВИДЕО)

Автобус падна во бездна и пропадна во река вчера вечерта на планините Анди во Перу, при што загинаа најмалку 23 лица, соопшти денеска регионалниот обвинител.

Несреќата се случила кога автобусот се движел кон градот Сорочуко, изјавила Олга Бобадила, а пренесува Ројтерс.

„Сè уште ги собираме сите информации. Несреќата се случила ноќе на прилично нерамен и неасфалтиран пат. Автобусот паднал во бездна во реката“, додаде таа. Локалните медиуми јавија дека автобусот тргнал од блискиот град Челендино.

Несреќите се релативно чести на небезбедните патишта во Перу. Во септември минатата година, дваесет лица загинаа во несреќа, а во јануари 2023 година, најмалку 24 загинаа кога автобус падна од карпа.

Дали Хамас ќе ја прифати дарежливата понуда на Израел?

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Ријад изјави дека се надева дека палестинското движење Хамас ќе ја прифати „исклучително дарежливата“ понуда за запирање на израелската офанзива во Појасот Газа.

„Хамас има понуда пред себе која е крајно, крајно дарежлива од израелска страна“, рече Блинкен на Светскиот економски форум, пренесува Тајмс оф Израел.

Тој нагласи дека Хамас мора брзо да донесе одлука за понудата.

„Се надевам дека ќе донесат правилна одлука“, рече Блинкен.

Делегација на Хамас денеска престојува во Каиро за да преговара за прекин на огнот во Газа.

Во саботата, висок функционер на Хамас, Калил ал-Хаја, рече дека групата го разгледува предлогот на Израел, но не даде детали.

Тој истакна дека понудата на Израел за примирје е одговор на предлогот на Хамас испратен пред две недели.

Светските медиуми објавија дека предлогот предвидува примирјето, доколку биде склучено, да биде претставено како „хуманитарен прекин на огнот“.

Хамас би ги ослободил заложниците во замена за неколкунеделен прекин на огнот и ослободување на палестинските затвореници во израелските затвори.

Разговорите се во застој за двете главни прашања, Хамас бара израелските трупи да се повлечат од Газа и да го прекинат конфликтот и детали за бројот и имињата на палестинските затвореници во израелските затвори.

Некои извештаи сугерираат дека Израел покажал подготвеност да направи дополнителни отстапки во иднина, вклучително и повлекување на силите кои го преполовија Појасот Газа и дозволувајќи им на жителите да се вратат на север.

Блинкен денеска отпатува за Саудиска Арабија, каде една од темите на разговор ќе биде војната меѓу Израел и Хамас и повоената иднина на Газа.

Шефот на американската дипломатија ќе разговара со саудиски претставници во Ријад, а ќе има средба и со министрите за надворешни работи на Советот за соработка на арапските држави од Персискиот залив.

Тој ќе се сретне со министрите на Саудиска Арабија, Египет, Јордан, Катар, Обединетите Арапски Емирати, како и со палестинската управа.

По Саудиска Арабија, Блинкен ќе ги посети Јордан и Израел.

Тренчевска: До 2028 година 70% од децата ќе бидат вклучени во предучилишно воспитание

Ко-носителката на листата за пратеници, Јованка Тренчевска на изборната единица број 4 на СДСМ од вечерашната трибина во Неготино порача дека пораката која граѓаните ја испраќаат е примена.

Ко-носителката на листата за пратеници, Јованка Тренчевска на изборната единица број 4 на СДСМ од вечерашната трибина во Неготино порача дека пораката која граѓаните ја испраќаат е примена, но дека знае дека градењето на систем е многу поважно за граѓаните отколку само популистички мерки кои не оставаат долготрајни траги во подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните!

„Во 2016 година затекнавме детска заштита со опфат на деца во градинките од само 25%, куп лажни ветувања и сон за брза изградба на 100 градинки од нашите политички опоненти. Од 2017 година до денес, владата предводена од Социјал-демократскиот сојуз отвори 84 нови градинки и опфатот на деца го зголеми на 48%! Вие сте сведоци на нашето вложување во Неготино, во градинката „Фемо Кулаков“, објектот „Темјанушка“ каде инвестиравме и ги зголемивме капацитетите овозможувајќи детска заштита за дополнително 161 дете“ рече Тренчевска објаснувајќи ги заложбите на СДСМ за унапредување на детската заштита.

Таа посочи дека до 2028 година опфатот на деца во предучилишно воспитание и образование ќе се зголеми на 70% и дека патот кон исполнување на таа цел ќе се потврди со отворањето на 14 нови градинки во 2024 година!

Тренчевска истакна дека покрај влогот во најмладите СДСМ вложува и во највозрасните!

„Инвестираме во државни старски домови. Во поголеми пензии. Најниска пензија 20000, просечна 30000 денари. Поголеми плати. Минимална плата 36000 денари, просечна плата 67000 денари. Пoголеми права од социјална и детска заштита за 30%. Нови услуги за највозрасните достапни во сите 81 општина“ изјави Тренчевска.

На крај таа повика сите граѓани да ја заокружат опцијата со број 1 на изборите, затоа што нема друг начин Македонија да чекори напред, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер