Штипската Итна медицинска помош се соочува со лажни повици

Штипската Итна медицинска помош се повеќе е мета на лажни повици, последниот се случил синоќа кога единствениот тим морал да се врати од селото Таринци, за да итно помогнат на пациент на улицата „Радански пат". Но, повикот се покажал дека бил лажен.

–Пријавен е многу итен случај на „Радански пат" дека некоја личност испила киселина и бидејќи вчера не располагавме со друга екипа бевме приморани од самиот влез на село Таринци да се вратиме и да ги бараме лицата на наведената адреса и ги баравме на дадениот број каде ни се јави лице кое не ни повикало воопшто Брза помош и рече дека некој лажно го далтелефонскиот број и адреса, рече лекарот Хусеин Османов, раководител на Итна медицинска служба – Штип

Тој истакна дека во услови на летни одмори и редуциран кадар, неретко Брзата помош во Штип работи само со една екипа. Ова значи дека нечија невкусна шега може да загрози и друг човечки живот.

–Лутајќи по тие лажни повици барајќи луѓе по адреси лажно дадени во службата и настојувајќи ние да им помогнеме на тие луѓе доаѓаме до ситуација каде на други случаи или во амбулантски услови или домашни кои реално имаат потреба од помош да завршат трагично, вели Османов.

Началникот на Итната медицинска помош, Марјан Агелов апелира да не се користи бројот на Брзата помош за нечии шеги.

–Ги замолувам граѓаните,особено од овие подрачја,да се откажат од вакви постапки за да не го доведеме животот на некој друг човек во прашање, рече Ангелов.

Лажните повици често доаѓаат од деца, но и од возрасни лица, ваквите повици често добиваат и пожарникарите, коишто досега неколкупати реагираа и бараа поведување на постапки за оние коишто лажно пријавуваат случаи на броевите./МИА

Двајца фаворити на изборите во Бугарија се на американската црна листа

Двајца носители на листа и фаворити на претстојните избори во Бугарија се наоѓаат на американската црна листа поради корупција.

Лидерот на Преродба, Дељан Певски е на американската црна листа од 2021 година.

Додека Васил Божков, носител на листа на партијата ЦЕНТАР е на црната листа на САД од 2021 година и се соочува со повеќе од 16 обвиненија, групирани во три големи кривични дела. Откако најави дека ќе биде носител на листата судот во Софија го ослободи со кауција од 130.000 лева (65.000 евра), со што му овозможи на бугарскиот бизнисмен, познат како Череп, активно да учествува во изборната кампања.

Според бугарските обвинители, Божков е обвинет дека не платил речиси 700 милиони лева (350 милиони евра) такси за коцкање, нелегално поседување антиквитети и поттикнување на убиство.

Божков тврди дека е жртва на репресија од страна на поранешниот премиер Бојко Борисов и вети дека ќе се бори против политичката статус кво состојба во Бугарија, тврдејќи дека неговата партија е единствената алтернатива.

Грузија ги обвини организаторите на протестите дека со сила сакаат да ја преземат власта

Службата за државна безбедност на Грузија денеска ги обвини организаторите на протестите против предложениот закон на владата за „странски агенти“ дека сакаат насилно да ја преземат власта и ги предупреди граѓаните да не им се придружуваат.

Веќе еден месец илјадници луѓе речиси секој ден протестираат против предложениот закон, кој го сметаат за авторитарен и инспириран од сличен закон во Русија кој се користи за сузбивање на неистомислениците.

Во објава на Фејсбук, агенцијата за внатрешна безбедност на Грузија предупреди дека организаторите на протестите имаат за цел „да ги соборат државните структури и владата со насилни средства“.

Агенцијата истакна дека организаторите на протестите биле финансирани однадвор и дека планирале насилство врз полицијата, заедно со кампања на граѓанска непослушност како „обоените револуции“, серија бунтови кои ги соборија владите во поранешните советски републики во раните 2000-ти.

„Ги повикуваме младите кои учествуваат во протестите да не следат провокации“, се наведува во соопштението.

Грузискиот парламент треба да го одржи третото и последно читање на законот на 13 мај. Опозицијата повика на нова серија масовни протести од 11 мај.

Западните земји го критикуваат предложениот закон, според кој организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто пари од странство ќе мора да се регистрираат како агенти на странски служби. Европската унија, која на Грузија ѝ додели кандидатски статус во декември, предупреди дека законот може да го отежне пристапот во Унијата.

Предлог-законот предизвика конфликт меѓу владејачката партија Грузиски сон и коалицијата на опозициските партии, граѓанското општество и претседателот на земјата. Владата посочува дека законот е потребен за да се промовира транспарентноста и да се заштити грузискиот суверенитет.

Безбедносните сили често користат солзавец и водени топови против демонстрантите. Минатата недела полицајци го претепаа лидерот на најголемата опозициска партија во Грузија.

Претседателката на парламентот Шалова Папунашвили денеска најави дека владејачката партија ќе создаде јавна база на податоци „за сите лица вклучени во насилство, други незаконски дејствија, закани и уцени или секој кој јавно поттикнува такви дела“.

Шолц: Мирот на Западен Балкан не е нешто што се подразбира само по себе

Германија интензивно се залага за прием на земјите од Западен Балкан во Европската унија бидејќи членството е ветувано долго време, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на средбата со Денис Беќировиќ, член на Претседателството на БиХ.

Кога станува збор за Босна и Херцеговина, таа не напредувала колку соседите, но Шолц потсети дека во март „заедно со колегите од Советот на ЕУ“ дал зелено светло за почеток на преговорите за полноправно членство со БиХ, пишува ДВ.

„Тоа беше важен чекор на кој работевме многу долго, но се надевам дека разбуди нова надеж во БиХ во Европа и дека е барем мал поттик да продолжиме со реформите“, рече Шолц и додаде дека тоа е „мал сигнал за силите ориентирани кон реформи“.

Германскиот канцелар потоа потсети дека членството во Европската Унија пред сѐ зависи од условите што земјата-членка мора да ги исполни на патот кон таа цел. Можеби тоа беше мал одговор на сите оние од Западен Балкан кои се чувствуваа заобиколени откако на крајот на минатата година им беше отворен патот на преговорите на Украина и Молдавија по скратена постапка. Сега Шолц уште еднаш јасно стави до знаење дека патот е долг, за некои многу, многу долг.

Некои веќе можат многу брзо да ја замислат Црна Гора во Европската унија, како што рече Антон Хофрајтер, политичар од владејачката партија Зелени и претседател на Комисијата за прашања на ЕУ во Бундестагот, минатата недела по посетата на Спајиќ на Берлин. На Босна и Херцеговина ѝ претстои долг пат. „Знам дека напорите се големи, но овие напори на крајот ќе се исплатат и тоа не само финансиски“, изјави Шолц.

Како дел од берлинскиот процес, германскиот канцелар сака да продолжи со зајакнување на регионалната соработка бидејќи, според него, придонесува за мир, што е особено важно во актуелните геополитички околности. „Нападот на Русија врз Украина ни покажа колку е важна соработката, а исто така покажа колку е важен мирот“, рече Шолц, кој го поздрави покажувањето на солидарност на БиХ со Украина и приклучувањето кон санкциите против Русија.

Германскиот канцелар се осврна и на безбедносната ситуација во регионот и рече дека мирот на Западен Балкан „не е нешто што се зема здраво за готово“. „Босна и Херцеговина игра важна улога овде и ќе се спротивставиме на секој обид за загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина“, рече Шолц и нагласи дека поради тоа Германија ќе истрае да учествува во воената мисија Еуфор и Алтеа.

Претседателот на Претседателството на БиХ, Беќировиќ, рече дека се заблагодарува „во име на огромното мнозинство граѓани на БиХ“ за поддршката што Германија со децении ѝ ја дава на неговата земја. „БиХ е земја со долга историја и има добра меморија и како таква не ги заборава своите пријатели, а Германија е голем пријател“, рече Беќировиќ, кој укажа и на подобрувањето на економските односи меѓу БиХ и Германија.

„Меѓу 75 и 80 отсто од жителите на БиХ сакаат што поскоро нашата земја да биде полноправна членка на ЕУ и НАТО. За жал, и за тоа го информирав канцеларот Шолц, имаме проруско малцинство во Босна и Херцеговина што ги загрозува основите на Дејтонскиот договор и уставниот поредок на Босна и Херцеговина. Тој рече дека треба да биде подготвен да одговори на „предизвиците“ околу ова прашање во наредниот период.

Тој, исто така, и се заблагодари на Германија за нејзината улога во однос на резолуцијата на ОН за „одржување на вистината за геноцидот во Сребреница“. Шолц, на прашањето на ДВ за односот на Германија кон оние кои се против резолуцијата, повеќе или помалку избегна директен одговор и рече дека Германија предводи „група пријатели“ кои се залагаат за усвојување на резолуција што е таму за да „сеќавањето не избледува за да останат предупредувањата за во иднина“.

И оваа посета на висок политичар од Западен Балкан покажа дека германските напори за приближување на земјите од овој регион кон Европската унија не стивнуваат. Она што владата на Олаф Шолц го започна веднаш по преземањето на власта со назначувањето на Мануел Саразин за специјален комесар на германската влада за Западен Балкан и интензивната дипломатска активност повторно се активира.

Оваа година самитот како дел од Берлинскиот процес ќе се одржи во Берлин на десетгодишнината во октомври, а Германија се уште важи за најсилна сила кога е во прашање задржувањето на Западен Балкан на листата на приоритети на Европската унија. И досегашните успеси во рамките на овој процес, т.е. зајакнувањето на регионалната соработка, како што е договорот за меѓусебно признавање на дипломите, Германија го доживува како успех на берлинската дипломатија.

Без Германија, Босна и Херцеговина веројатно немаше да добие зелено светло за почеток на преговорите во март. „Горд сум на фактот што развивме ново темпо во процесот на приближување на земјите од Западен Балкан до Европската унија. Сега Европската комисија предложи отворање на преговорите за Босна и Херцеговина. Ова е јасно сигнал дека ЕУ се прилагодува на новата ситуација, европскиот мировен проект ќе биде силен во светот, кој се менува“, рече Шолц за време на неговото владино соопштение во март, кое му претходеше на самитот во Брисел.

притисни ентер