Шкријељ ги посети поранешните корисници на Заводот „Бања Банско" за кои МТСП обезбеди станови за самостоен живот

Уште четири корисници на Заводот за рехабилитација „Бања Банско" во Струмица ќе добијат свој топол дом.

Заврши адаптацијата на куќа во Струмица во која ќе се преселат. Направени се соодветни прилагодувања на просторот, обезбедена е пристапност а во тек е опремување на куќата.

Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ денеска во Струмица ги посети и лицата кои претходно беа згрижени во ЈУ Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско, а сега живеат во четири стана кои се целосно прилагодени на нивните потребите.

„Продолжуваме со процесот на деинституционализација што го почнавме лани. Досега на девет возрасни лица Министерството за труд и социјална политика им помогна да го заменат Заводот „Бања Банско" со свој дом. Некои од нив во Заводот биле и по повеќе од 25 години. Тоа беа луѓе исфрлени на маргините на општеството, а сега се вклучени во заедницата. Ние ги поддржавме во нивните желби и упорност да си создадат нов живот. Тие не ја кријат радоста, таа се гледа на нивните лица. Од Заводот се деинституционализирани и четири деца. Третманот со врзување за радијатори припаѓа на едно друго време, што не смее да се повтори", изјави Шкријељ.

Насмеани и расположени, корисниците и кажаа на Шкријељ дека се задоволни од условите во кои живеат и дека слободата да одлучуваат за животните активности, што сега ја имаат, ги прави среќни.

Во рамки на трансформацијата на Заводот за заштита и рехабилитација на лица со телесна попреченост „Бања Банско" – Струмица, првите девет возрасни корисници го напуштија Заводот во текот на втората половина на 2019 година. Двајца од нив добија поддршка за враќање во сопственото семејство во село Миравци, Гевгелија, а седуммина се сместени во станови во државна сопственост.

Маријана Тошева, секретар на општинската организација на Црвен крст-Струмица посочи дека и тие го поддржуваат процесот преку обуки за персонални асистенти и негуватели. Активни се 19 персонални асистенти кои даваат услуги на 26 лица со попреченост.

Во тек е обука на третата група од 20 персонални асистенти.

Процесот на деинституционализација на Заводот „Бања Банско", Министерството го спроведува во соработка со четири агенции на ОН, кои ги опремија становите. За лицата е обезбедена потребната поддршка, вклучувајќи и лични асистенти, а за обезбедување на нега на крајот на 2019 година беа вработени пет негувателки. Со трансформацијата, се планира Заводот „Бања Банско" да прерасне во модерен Центар за рехабилитација.

Во изминатите две години, повеќе од 44 проценти од луѓето што се сместени во социјални институции за долгорочно згрижување, добија нов дом во заедницата.

Дополнителната заменик-министерка Шкријељ го посети и новиот фитнес центар во рамки на проектот „И ние постоиме". Носител на проектот е Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност" - Струмица, а партнер е Здружението на граѓани за помош и поддршка на лица со даунов синдром „Вера" - Струмица. Проектот „И ние постоиме" се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан „ReLoaD", финансирана од ЕУ и кофинансирана од општина Струмица,стои во соопштението од Владата на РМ.

„Највалканиот човек на светот“ 60 години не користел вода и сапун (ВИДЕО)

Во октомври 2022 година, медиумите ја објавија смртта на Аму Хаџи, кој беше познат како „највалканиот човек на светот“, во Иран.

Оваа „титула“ ја заслужил затоа што не се капел шест децении, а за последен пат ги затворил очите на 96 години.

Аму секогаш бил покриен со прашина и пепел, живеел во колиба направена од чакал, но бил виден и како спие во дупки што ги ископал самиот.

Еден новинар опишува дека „изгледал како карпа“ и дека се вклопувал во околината поради тоа колку бил валкан и сив, пренесува LadBible.

Непосредно пред неговата смрт, мештаните успеале да го убедат конечно да се избања. Се разбира, двата настани не се причинско-последично поврзани, бидејќи Аму починал од старост.

Се поставуваат прашања зошто 60 години избегнувал вода и сапун. Се верува дека страдал од аблутофобија, односно „постојан неоправдан страв од капење или миење“.

Наводно се плашел дека ќе се разболи ако се исчисти, односно дека водата и сапунот предизвикуваат болести.

Зборувајќи за фобијата која е поизразена кај децата, па кај жените, па дури потоа кај мажите, д-р Сива Лечор од клиниката „Толедо“ рече:

„Аблутофобијата е исклучително ретка. Во моментов почесто го гледаме кај постарите лица. Обично кај луѓе кои имале трауматски искуства во минатото“, објасни д-р Лечор.

Локалните новинари со години се обидувале да добијат информации за неговото минато и што го навело Аму да води ваков начин на живот. Вистината никогаш не била откриена.

Мајка си го фрлила болниот шестгодишен син во река полна со крокодили, таткото барал да го убие

Мајка го фрлила својот болен шестгодишен син во река полна со крокодили кои го растргнале, откако сопругот и татко на момчето ѝ рекле да се ослободи од него бидејќи малото момче било родено со физички маани.

Овој страшен настан се случил во Индија.

Како што пренесува „Дејлимејл“, Савитри Кумар (26) се скарала со сопругот Рави Кумар (27) кој ѝ наредил да се ослободи од малото дете кое тешко зборувало.

Таа го земала својот син додека спиел и го фрлила во блискиот канал полн со крокодили. Случајот, како што пренесува „The New Indian Express“, се случил во Утара Канад, област на западната индиска држава Карнатака.

Полицијата навела дека сопругот ѝ се пожалил на сопругата зошто таа родила дете со неизлечива мана. Сведоците кои ја виделе мајката како го фрла синот во каналот веднаш повикале полиција која почнала да трага по момчето. Потрагата набрзо била завршена поради темнината, а неговото осакатено тело било пронајдено во реката во неделата наутро.

Малото момче се здобило со страшни повреди и му била одгризана едната рака. Полицијата верува дека телото го растргнале неколку крокодили. Наредена е обдукција за да се утврдат точните причини за смртта.

Полицијата за локалните медиуми потврдила дека е покрената истрага за убиството и дека двајцата родители се уапсени.

Расте бројот на жртви во катастрофалните поплави во Бразил, спасените гладуваат (ВИДЕО)

Спасувачите се обиделе да ги евакуираат луѓето затрупани од разорните поплави низ јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул, при што 90 лица се мртви, а очајните преживеани се обидуваат да дојдат до храна и основни потреби.

На периферијата на градот Елдорадо до Сул, 17 километри од главниот град на државата Порто Алегре, многу луѓе кои ги напуштиле своите домови спиеле покрај патот и изјавиле за Ројтерс дека се гладни. Цели семејства заминале пеш, носејќи работи во ранци и колички за пазарење.

„Немавме храна три дена и само што го добивме ова ќебе. Јас сум со луѓе кои воопшто не ги познавам, не знам каде е моето семејство“, рече млад човек кој се претставил како Рикардо Јуниор.

Поплавите ги отежнале спасувачките напори, при што десетици луѓе се уште чекаат да бидат евакуирани со чамец или хеликоптер од погодените домови. Мали чамци ги преполнија поплавените улици во потрага по преживеани.

Агенцијата за цивилна заштита на земјата соопшти дека бројот на загинати се искачил на 90, додека уште четири смртни случаи се истражуваат, а 131 лице се водат како исчезнати, додека 155.000 луѓе останале без покрив над главата.

Обилните дождови кои почнаа минатата недела предизвикаа излевање на реките, потопувајќи цели градови и уништени се патишта и мостови.

Во Порто Алегре, град со 1,3 милиони жители на реката Гуаиба, улиците во центарот на градот се под вода.

Жителите на Порто Алегре се соочија со празни полици во супермаркетите и затворени бензински пумпи, додека продавниците ја ограничија продажбата на минерална вода. Градот користел камиони за доставување вода до болниците и засолништата.

Поплавите ги погодија и службите за водоснабдување и електрична енергија, со повеќе од 1,4 милиони погодени луѓе, според Цивилната заштита на Бразил.

Речиси половина милион луѓе останале без струја во Порто Алегре и околните градови бидејќи компаниите за електрична енергија го прекинале снабдувањето со поплавените населби од безбедносни причини. Националниот оператор ОНС соопшти дека поради обилните дождови се исклучени пет хидроцентрали и далноводи.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва изјави дека степенот на штетата ќе се знае само кога водите ќе се повлечат. Тој вети федерална помош за државата за она што се смета за најлоша климатска катастрофа.

Економистите на JPMorgan предвидоа дека влијанието на поплавите врз бразилската економија ќе биде удар за растот на БДП и маргинален пораст на инфлацијата, главно поради повисоките цени на оризот, кој главно се произведува во Рио Гранде до Сул.

Покрај уништувањето на критичната инфраструктура, обилните дождови и поплавите ги потопија житните полиња и загина добиток, прекинувајќи ја жетвата на соја и стопирани се работите во неколку погони за месо.

Пристаништето Рио Гранде работи нормално. Главното пристаниште за извоз на жито не е погодено од порастот на нивото на Лагуна дос Патос, во која се влева надојдената река Гуаиба.

Сепак, главните пристапни патишта не се проодни, што ја отежнува испораката на жито до пристаништето бидејќи камионите мораа да направат голем заобиколување, велат извозниците.

притисни ентер