Седми Фестивал на француски филм од 18-ти до 22 јуни

Со филмот „Ке д’Орсе“ во режија на Бертран Таверние снимен минатата година, во среда во кино „Милениум“ ќе почне седмиот Фестивал на францускиот филм. Од 18-ти до 22 јуни ќе бидат прикажани најнови остварувања од француската кинематографија - девет долгометражни, четири кратки и еден документарен филм, на неколку локации во Скопје, а на 19 јуни ќе има и проекција во Охрид.

„Златната маска“ на фестивалот оваа година е за режисерот Фредерик Шендорфер, кому свечено ќе му биде врачена во недела на затворањето на фестивалот, кога ќе биде прикажан и неговиот филм „96 часа“ - актуелен хит, снимен оваа година.

Меѓу филмските наслови оваа година се и: „Ив Сен-Лоран“ на Жалил Лепер (кој во четврток ќе биде прикажан и во Охрид), „Венера во крзно“ на Роман Полански, „Лудата розова лимузина“ на Жозефин де Мо, „Газели“ на Мона Ашаш, „Покажете го јазикот, госпоѓице“ на Аксел Ропер, „Од трње“ на Ромен Никола, „Голгота“ од Фабрис де Велц.

На прес-конференција денеска беше соопштена фестивалската програма и синеастите кои ќе гостуваат на седмото издание на фестивалот - актерите Жаки Бероаје, Жозефин де Мо, филмскиот композитор Бруно Алексиу и француските продуценти Фредерик Бурбулон и Ален Мајор, кои на 19 јуни на Универзитетот ЕСРА ќе одржат работилница за продукцијата во Европа. Гостите ќе се запознаат со поволностите што ги нуди Законот за филмска дејност. Беше најавено и дека во јули ќе биде склучен договор за копродукции меѓу Македонија и Франција, кој ќе го води Францускиот национален центар за филм.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека Фестивалот на францускиот филм е централен настан кој ја афирмира француската култура во Македонија и е мост за интензивна комуникација меѓу синеастите од двете земји.

- Верувам дека во периодот од 18-ти до 22 јуни во скопските кина „Милениум“, „Фросина“ и Кинотеката на Македонија, како и во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, ќе бидеме сведоци на вистинска филмска атмосфера, која ќе ни ја доближи убавината скриена во подвижните француски слики, естетиката која одушевува, поттикнува, инспирира, едуцира и ја крие тајната на популарноста која францускиот филм ја ужива насекаде во светот, рече Канческа-Милевска.

Фестивалот го организира Амбасадата на Франција во Македонија. Амбасадорката Лоренс Оер истакна дека тој е клучен настан во културната размена меѓу Македонија и Франција. /МИА

Кина и Камбоџа најавија заеднички воени вежби

Камбоџанските и кинеските сили в четврток ќе ги почнат своите годишни воени вежби под името „Златен змеј“, а кои за цел го имаат зајакнувањето на заедничката соработка и споделувањето воено искуство, денеска соопшти камбоџанската војска.

Портпаролот на армијата на Камбоџа, генерал Тонг Солимо, изјави дека за време на 15-дневните воени вежби, што се одржуваат осма година по ред, ќе учествуваат 1.315 војници од неговата земја и околу 760 кинески војници, а ќе има и учество на кинески воени бродови.

Според Солимо, овие вежби се насочени кон борбата против тероризмот и давањето хуманитарна помош во двете земји и во регионот.

Кинеските власти го опишуваат пријателството со Камбоџа како „железно“. Камбоџа е најблискиот сојузник на Кина во Југоисточна Азија, додека Кина е најважниот сојузник и инвеститор во Камбоџа, со големо влијание врз нејзината економија. Шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, во април три дена престојуваше во Камбоџа за да ги зајакне врските меѓу двете земји.

Камбоџа има бројни проекти финансирани од Кинезите, особено во инфраструктурата како аеродроми и патишта, но и приватни проекти како хотели, казина и недвижен имот. Повеќе од 40 отсто од надворешниот долг на Камбоџа, вреден 10 милијарди долари, земјата и го должи токму на Кина.

Поддршката на Пекинг и овозможува на Камбоџа да ја игнорира загриженоста на Западот за лошата состојба со човековите и политичките права во земјата, а за возврат Камбоџа ги поддржува ставовите на Пекинг за прашањата на надворешната политика, како што се територијалните претензии во Јужното Кинеско Море. /МИА

Нови шестмина хоспитализирани, вкупно 553 случаи на пертусис до 9 мај

 Нови 15 случаи на пертусис - народски кажано голема кашлица, се пријавени во периодот од 3 до 9 мај, од кои шест лица се хоспитализирани.

Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје - 14, а пријавен е и еден случај од Крива Паланка. Возраста на заболените се движи од еден месец до 62 години, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во најновиот извештај, објавен денеска.

Заклучно со 9 мај, во државава се регистрирани вкупно 553 случаи на голема кашлица, со инциденца од 30,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи.

Од ИЈЗ потсетуваат дека во тек се две епидемии, пријавени во ниво на територија на Скопје и Куманово.

Од 18 јануари до 9 мај, дадени се вкупно 45.715 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица. /МИА

Во Вински музеј Кавадарци 13 илјади посетители за три ипол години

 Отворивме и две винотеки, во кои може да се купат вината од семејните винарии, како значаен потенцијал за лозаровинарството и винскиот туризам, нагласи Честоева. 

Вкупно 13 илјади посетители го имаат посетено Вински музеј Кавадарци за повеќе од три ипол години, соопшти денеска директорката Весела Честоева, информирајќи дека вчера, музејските експонати имале можност да ги видат и посетители од познатиот вински регион Алзас од Франција.

- Вински музеј за регион Тиквеш од Кавадарци, станува се поинтересна дестинација за туристите. Од ден на ден расте интересот за овој музеј, за настаните што ги организираме овде и за експонатите што говорат за историјата, културата и традицијата во најголемиот лозаровинарски регион во државата. Гостите се запознаваат со богатата традиција во делот на винската култура во Тиквешијата. Развојот на туризмот и воспоставување на соработка со други туристички дестинации, како винската област во Франција, е приоритет на Општина Кавадарци, подвлече Честоева.

Таа нагласи дека оваа културна институција е секогаш отворена за најразлични настани за различни генерации, што ги промовираат уметноста, историјата, културата и традицијата на овој простор.

- Отворивме и две винотеки, во кои може да се купат вината од семејните винарии, како значаен потенцијал за лозаровинарството и винскиот туризам, нагласи Честоева.

Таа додаде дека нивните настани вклучуваат лица од различни генерации, а им посветуваат внимание на сите видови на уметност.

- Наша цел е да го издигнеме на повисоко ниво македонското вино на светската винска карта, а винскиот музеј да биде задолжителна дестинација на вљубениците во убавото вино, што исто така претставува своевидна уметност, додаде Честоева. /МИА

притисни ентер