Се зголемуваат трошоците на живот на граѓаните

Минималната синдикална кошничка прв пат ја надмина и психолошката граница од 60 илјади денари.

Речиси 3 минимални плати или една просечна и една минимална му се потребни на едно четиричлено семејство за врзе крај со крај во месецот. Трошоците за живот во април порасна за 1.200 денари и сега изнесуваат 60.212 денари. Во уште потешка состојба се семејствата кои плаќаат ќирија во просек за стан од 60 квадрати. Ним да го истуркаат месецот им се потребни над 75 илјади денари.

- За жал работниците во Македонија од месец јануари до месец април се посиромашни месечно за некаде околу 3000 денари или за 50е. Психиолошката бариера од 60.000 денари, новата пресметка на синдикалната минимална кошничка сигурно ја поминува и тоа треба да биде црвен картон за сите оние кои се сомневаа во пресметката на синдикалната минимална кошничка и укажуваа дека работниците во Македонија можат да преживеат со далеку помалку.- Слободан Трендафилов – претседател на ССМ

Од пекарската индустрија велат дека иако во моментов цената на лебот е стабилна, таа би можела да претрпи измени во зависност од тоа како би се развивала состојбата со воените конфликти на Блискиот исток и во Украина.

- Војната што се случува во близина и Блискоисточната војна која што директно се рефлектира на цената на нафтата. Исто така не знаеме во Русија и Украина каква ќе биде жетвата, што ќе се случува со производството на жито, повеќе параметри се кои влијаат на финалната цена и сметаме дека во овој момент ќе имаме стабилна цена на лебот.

Токму поради незадоволството од ниските плати и зголемените трошоци за живот ССМ организира Работнички протест на 1ви мај, кој ќе започне од 11 часот пред Работничкиот дом и ќе заврши пред Владата. Трендафилов посочува дека барањата кои ќе бидат упатени од протестот ќе бидат враќање на надоместокот за храна и превоз и зголемување на минималната плата на најмалку 450 евра.

Истражителка на ОЈО Скопје за компјутерски криминал со меѓународно признание од ИЛЕА

Меѓународната академија за спроведување на законот (ИЛЕА) во Будумпешта додели признание за работата и постигнувањата на Марина Пешовска, истражителка за компјутерски криминал од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство Скопје.

Пешовска беше избрана како финалист во категоријата “оперативен успех” поради успешна примена на вештините за дигитална форензика во борбата против локалниот и транснационалниот сајбер-криминал.

Успехот на Истражниот центар го истакна и Амбасадата на САД во Скопје. “Американската амбасада е горд партнер на Основното јавно обвинителство Скопје во неговата борба против компјутерскиот криминал и промоцијата на одговорноста”, објави Амбасадата на САД во Скопје за признанието од ИЛЕА.

Пешовска е еден од 17-те истражители во Истражниот центар на ОЈО Скопје.

Истражниот центар е своевидно јадро на обвинителството и бројот на предмети во кои постапувале истражителите за една година е практично речиси удвоен – од 150 предмети во 2022 на над 280 предмети во текот на 2023 година. Истражителите самостојно преземаат голем број различни дејствија – прибирање документација, барања до институции, учествуваат при претреси и лишување од слобода на лица, а се ангажирани и во дејствија на меѓународна соработка со истражни органи од други земји.

Најголем дел од опремата за Истражниот центар на ОЈО Скопје е донација од Амбасадата на САД, соопштија од Обвинителството.

Данска ќе им дозволи абортус на малолетни девојчиња без согласност од родителите

Данската влада денеска соопшти дека жените во оваа скандинавска земја ќе имаат право да изберат да ја прекинат бременоста до крајот на 18-та недела од бременоста.

Досега границата за абортус во Данска беше 12 недели.

Данската министерка за внатрешни работи и здравство, Софи Лоде, рече дека „нема медицински докази за сегашната граница, а исто така нема ништо што сугерира дека ќе има значително повеќе абортуси или дека тие ќе бидат извршени многу подоцна ако ја подигнеме границата“.

Измената на законот треба да стапи на сила кон средината на 2025 година. Дополнително, на девојчињата на возраст од 15 до 17 години им се дава слобода да абортираат без родителска согласност или одобрение од специјалистичка комисија.

Данска беше една од првите западноевропски земји што на жените им даде право на абортус по сопствен избор.

Од 1973 година, бремените жени кои живеат во Данска можат да абортираат до крајот на 12-та недела без потреба да наведат причина и без надоместок на трошоците.

И после тоа, абортуси се можни под одредени услови, но потребно е одобрение од комисијата за абортус.

Германска компанија лансира во вселената ракета на парафински погон (ВИДЕО)

Германската компанија HyImpulse денеска успешно лансираше ракета напојувана со парафински восок која ќе може да носи комерцијални сателити.

„Ја покажуваме силата на Германија како вселенска нација и го прошируваме пристапот на Европа до вселената“, објави шефот на компанијата Марио Кобалд.

Дванаесет метри долгата и 2,5 тони тешка ракета наречена SR75 беше лансирана околу 5 часот по европско време од Куниба, Австралија.

Може да носи помали сателити со тежина до 250 килограми до височина до 250 километри, а може да работи на парафински восок или течен кислород.

Парафинскиот восок се користи како поевтино и побезбедно алтернативно ракетно гориво. HyImpulse тврди дека заштедиле до 50 проценти.

Германската компанија со околу 65 вработени објави дека веќе добила преднарачки за лансирање на сателити во вредност од над 100 милиони евра.

HyImpulse сака да го прошири својот бизнис бидејќи расте побарувачката за транспорт на комерцијални сателити, па до 2032 година сака да оствари приходи од 700 милиони евра.

притисни ентер