Санофи ги прекина клиничките испитувања, лекот против рак се покажал за неуспешен

Француската фармацевтска компанија Санофи го прекина тестирањето на лекот за рак на белите дробови што претходно го развил по лошите резултати во последната фаза од испитувањето.

Производителот на лекови ја завршува својата програма базирана на антитела, тусамитамаб равтансин, откако лекот не успеа да ја надмине хемотерапијата во лекувањето на пациенти со метастатски неситноклеточен карцином на белите дробови, пишува Блумберг.

Акциите на Санофи паднаа за 1,7 отсто во Париз, а вкупно 12 отсто откако компанијата им објави на инвеститорите дека следната година се очекува помал профит.

Од друга страна, на почетокот на овој месец компанијата прогнозираше повеќе од 10 милијарди евра годишна продажба од неодамна лансираните лекови, како и нови лекови до 2030 година.

Во соопштението на компанијата се нагласува дека Санофи ќе продолжи да го истражува потенцијалот на лековите базирани на истите антитела во лекувањето на некои видови рак.

Десетици загинати и ранети во нападот на израелските сили врз Џабалија и Рафа

Израелски војници и тенкови денеска влегоа во северните делови на Појасот Газа кои ги заобиколуваа повеќе од седум месеци, убивајќи и ранувајќи десетици Палестинци, соопштија медицински претставници и жители.

Израелските сили, исто така, зазедоа дел од теренот во Рафа, јужен град во близина на египетската граница, кој е преполн со раселени луѓе.

Израелската војска соопшти дека нејзините сили продолжиле да дејствуваат во областите низ Појасот Газа, вклучително и Џабалија и Рафа, спроведувајќи, како што ИДФ ги нарече, „прецизни операции против терористите и инфраструктурата“.

„ИАФ (Воздухопловните сили) продолжуваат да дејствуваат во Појасот Газа и нападнаа над 70 терористички цели во текот на изминатиот ден, вклучително складишта за оружје, локации во воената инфраструктура, терористи кои претставуваа закана за војниците на ИДФ и воените комплекси“, се наведува во соопштението на израелската армија./МИА

Стара експлозивна направа пронајдена во двор во делчевското село Вирче

Во делчевското село Вирче пронајдена е стара неексплодирана граната. Случајот е пријавен од жител на селото кој експлозивната направа ја пронашол во својот двор. 

-Во Пoлициската станица Делчево, А.М.(60) од с.Вирче, делчевско, на 17.05.2024 во 19.50 часот пријавил дека при извршување градежни работи во неговиот двор пронашол една стара неексплодирана граната, се вели во информацијата од делчевската полиција.

Гранатата по извршениот увид била подигната од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување.

Зеленски: Вооружените сили на Украина го одбија рускиот напад врз Часов Јар

Вооружените сили на Украина го одбија рускиот напад врз градот Часов Јар и уништија повеќе од 20 единици со оклопни возила на непријателот, рече претседателот на Украина, Володимир Зеленски во вечерното видео обраќање.

„Не забораваме и на другите правци на битките, освен на Харков: Краматорск, Покровски, Кураково, јужните правци - каде и да е тешко нашите сили му пружаат достоен отпор на окупаторот. Особено им благодарам на момците кои го одбија рускиот напад на Часов Јар. Нашите војници уништија повеќе од 20 оклопни возила на окупаторот“, истакна Зеленски.

Тој потсети дека денеска се одбележуваат 80 години од депортацијата на кримскотатарскиот народ./МИА

притисни ентер