САД поддржуваат настап на руски спортисти на ОИ 2024 под неутрално знаме

 САД ги поддржаа напорите на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) да им биде овозможен настап на руски и белоруски спортисти на Олимписките игри 2024 во Париз под неутрални знамиња, соопшти синоќа Белата куќа.

„САД од самиот почеток поддржуваа исклучување на националните спортски тела на Русија и Белорусија од меѓународните спортски федерации. Во случаи кога спортските организации и организаторите, како што е во случајов МОК, ќе одлучат да им дозволат на спортистите од Русија и Белорусија да учествуваат во спортски настани, тоа треба да биде на јасен начин дека не ги претставуваат Русија или Белорусија“, изјави портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, додавајќи оти официјален Вашингтон и натаму се противи на какво и да е истакнување национални симболи.

Американскиот одговор доаѓа нешто помалку од една недела откако МОК одлучи, и покрај руската инвазија врз Украина, да ја разгледа можноста да им дозволи на спортисти од Русија и Белорусија настап на официјалните натпреварувања меѓу кои и на Олимписките игри идната година во Париз, без истакнување на нивните национални симболи.

Најавата на МОК наиде на жестоки реакции од Украина, која најави можен бојкот на Игрите во Париз, додека балтичките земји и Полска во заедничка изјава побараа забраната за настап на руските и белоруските спортисти на сите меѓународни натпреварувања да биде на сила додека трае војната во Украина.

Пропаѓа едно од седумте светски чуда, снимките го потресоа светот (ВИДЕО)

Таџ Махал, едно од новите седум светски чуда, се распаѓа поради неодржување.

Почнаа да кружат фотографии кои откриваат пукнатини во познатата зграда, што ги поттикна шпекулациите дека клучниот сојузник на индискиот премиер намерно дозволува да се урне скапоцениот камен на муслиманската уметност.

Активистите со години предупредуваат дека на Таџ Махал му се заканува уништување поради загадувањето на брегот на реката на кое се наоѓа и аерозагадувањето кое предизвикува белата боја на мермерниот мавзолеј да пожолтува. Во 2018 година, Врховниот суд на Индија им нареди на властите веднаш да го затворат и обноват мавзолејот или да го урнат. Сепак, оттогаш не е направено многу за да се подобри состојбата на Светското наследство на УНЕСКО.

Најновите фотографии, објавени на социјалните мрежи, откриваат пукнатини на различни места на ѕидовите и подот на мавзолејот, како и индиската света смоква која никнува од столбот, пишува британски Тајмс.

Ахилеш Јадав, пратеник од опозицијата и поранешен главен министер на сојузната држава Утар Прадеш, го обвини својот наследник за уривањето на уникатната зграда. Тој тврди дека министерот Јоги Адитјанат, хинду свештеник и сојузник на премиерот Нарендра Моди, е најодговорен за падот.

„Владејачката партија Бхаратија Џаната и нејзините заспани одделенија целосно не успеаја да го одржат мавзолејот Таџ Махал, чудо што привлекува туристи од целиот свет. Од главната купола капе вода, растат растенијата... Ако корените на дрвјата продолжат да се шират, Таџ Махал можеше да пукне“, рече Јадав.

За време на неодамнешните поплави во Агра, градот каде што се наоѓа споменикот, водата стигнала до гробот на Јахан и неговата сопруга. Шах Јахан, индискиот владетел од династијата Могал, го изградил мавзолејот за неговата сакана сопруга Мумтаз Махал во 17 век.

Иако Археолошкиот институт на Индија е одговорен за споменикот, критичарите на владата веруваат дека Адитјанат, кој е хинду по вера, како Моди, е рамнодушен кон неговото влошување бидејќи е муслимански споменик. Алтаф Хајдер Разви, индиски муслимански политичар, рече дека најновите фотографии откриваат невидени размери на занемарување на споменикот.

„Ова мора да се истражи независно. Иако Адитјанат нема директна улога во неговото одржување, познато е дека тој е непријателски настроен кон спомениците на Могал и наследството на Мугалите“, рече Разви, мислејќи на преименувањето на железничките станици што носат муслимански имиња.

Познат германски политичар земал политички затвореници од Белорусија да му работат како робови

Јорг Дорнау, член на германската екстремно десничарска партија АфД во парламентот во Саксонија, користел политички затвореници како евтина работна сила на своите плантажи со кромид во Белорусија, објави белорускиот медиум Reform.news.

Дорнау склучил договор со локалниот затвор и вработил белоруски политички затвореници во неговата земјоделска компанија ООО Зибулка-Бел, пишува Politico.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко ја засили политичката репресија и започна масовно затворање на дисиденти и политички противници по изборите во 2020 година, кои другите земји главно ги сметаат за наместени.

Еден работник од нивите во Дорнау рекол дека сортирал кромид за околу пет евра дневно, откако во февруари 2024 година завршил во затвор за една објава на социјалните мрежи. Тој ги опишал тешките услови за работа каде појадуваат во 7 часот наутро, а потоа нема вода и храна до крајот на работниот ден во 8 навечер.

"Нѐ донесоа во некој ужасен подрум. Луѓето носеа секаква облека, а рацете и нозете ни се смрзнуваа. Но, кромидот беше вкусен", рекол затвореникот.

Работниците се под надзор на чувар кој одлучува дали затвореникот воопшто ќе добие пари или не. Иако работата не била форсирана, сите заработени пари оделе за одржување на затворот.

Според извештаите, Дорнау ја посетил својата плантажа со кромид барем еднаш и лично ги видел работниците.

"Го видов. Висок, ќелав човек", рекол затвореникот, потврдувајќи дека човекот кој ја посетувал плантажата е навистина Дорнау.

„Дојде еднаш со својот автомобил со германски регистерски таблички. Дојде во магацинот каде заедно со ангажираните работници чистевме кромид“, тврди соговорникот.

Дорнау се уште не одговорил на прашањата на бројните медиуми кои во меѓувреме ја објавија оваа вест.

Јорг Дорнау ја претставуваше екстремно десничарската, популистичка партија АфД во парламентот на Саксонија од 2019 година и веќе беше на удар на критики поради неговите односи со Белорусија, земја која одржува пријателски односи со Русија.

Минатиот месец, парламентот му наредил на Дорнау да плати казна од нешто повеќе од 20.000 евра затоа што не ги пријавил своите деловни врски со плантажата Зибулка-Бел. Компанијата била регистрирана во Белорусија во 2020 година, додека земјата беше потресена од продемократски протести.

Според белоруската организација за човекови права Вијасна, во Белорусија има 1.300 политички затвореници. Белорусија е под санкции на Европската унија поради постојана внатрешна репресија и кршење на човековите права.

Свекрва по грешка ја отворила вратата од кампер во движење, што го возела снаата

Германска пензионерка (84) испаднал од кампер, што возел со голема брзина, паднала на автопат и била прегазен од автомобил кој доаѓал.

Несреќата се случила во утрово околу 5:30 часот на автопатот А7 кај Ротгл и Корбер во шпанската провинција Валенсија, соопшти полицијата. Жената починала на лице место, пренесува Билд.

Според претходните истраги, свекрвата и снаата биле на пат за Денија (Шпанија). Камперот се движел со брзина од околу 90 км/ч кога се случила несреќата.

Се претпоставува дека 84-годишната би можело да ја збуни во темнината помеѓу вратата од караванот и вратата од тоалетот. Зад воланот била снаата.

Возачот на камион кој го следел камперот го гледал драматичниот момент:

„Вратата се отвори и една постара жена буквално падна на патот“.

Набргу потоа во жената удрило друго возило.

Снаата најпрвин продолжила кон блиската бензинска пумпа. На полицијата ѝ објаснила дека застанала кога слушнала силен звук и дека нејзината свекрва не одговарала на нејзините повици. Но, дури на бензинската го забележала отсуството на постарата жена.

Сите учесници во несреќата, вклучително и снаата, возачот на возилото што ја прегазило жената и возачот на камионот, се во шок, соопшти полицијата.

Телото на германската пензионерка во моментов е на обдукција во Институтот за судска медицина во Валенсија. Камперот е задржан поради истрага.

притисни ентер