Советниците на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден не препорачуваат целосно затворање, туку потпирање на програма за вакцинација и лекување, соопшти Белата куќа.
САД не треба да воведат ново затворање за да го спречат ширењето на Ковид-19 и ќе се потпрат на други достапни алатки, изјави координаторот на Белата куќа за Ковид-19 Џеф Зиентс, додека портпаролката на Белата куќа Џен Псаки истакна дека советниците на администрацијата не препорачуваат целосно затворање.
– Не одиме во таа насока. Имаме алатки да го забрзаме излезот од оваа пандемија: достапни вакцини, засилувачки дози, вакцинирање деца и лекување, им рече Зиентс на новинарите во Белата куќа.
– Можеме да го сузбиеме вирусот без да ја затвориме нашата економија, додаде тој.
Зиентс истакна дека во петокот американскиот регулатор одобри т.н бустер доза за сите возрасни Американци и оти третата доза од вакцината оттогаш ја примиле три милиони Американци.
– Не одложувајте, примете засилувачка доза за да имате подобра заштита од Ковид-19 додека се приближуваме кон зимата, рече тој.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, одвоено им рече на новинарите дека здравствените власти во моментов не препорачуваат локдаун за борба против пандемијата.
Псаки истакна дека администрацијата е фокусирана на тоа што повеќе Американци да се вакцинираат.
– Ќе продолжиме да се потпираме на советите на нашиот здравствен тим, а тоа (заклучувањето) не е нешто што тие го препорачаа, рече Псаки.
Околу 71 отсто од возрасните Американци се целосно вакцинирани против Ковид-19, додека 82 отсто примиле најмалку една доза.
Моменталниот седумдневен просек на заразени со коронавирус во САД, земја со околу 330 милиони луѓе, е 92.800 новозаразени дневно, што е за 18 отсто повеќе од пред една недела, информира директорот на Центарот за контрола и превенција на болести Рошел Валенски. Хоспитализациите се зголемија за шест проценти на околу 5.600 дневно.