Од понеделник, на патниците од Јужна Африка, Боцвана, Зимбабве, Намибија, Лесото, Кралството Есватини, Мозамбик и Малави ќе им биде забранет влез на територијата на САД, изјави претставник на администрацијата на Бајден.
Во земјата ќе можат да влезат само американските државјани и лицата со постојан престој во САД, прецизира тој.
Одлуката, по слични мерки објавени од европските земји, е донесена откако претседателот Бајден ги отвори границите за патниците од целиот свет, вакцинирани против Ковид, на почетокот на ноември по 20 месеци ограничувања.
„Оваа мерка е воведена од претпазливост, поради новата варијанта на Ковид-19 што циркулира во Јужна Африка“, им објасни на новинарите висок функционер.
„Нашите научници и службениците за јавно здравје работат брзо за да дознаат повеќе за оваа варијанта“, додаде тој.
„Претседателот Бајден вети дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за да се обезбеди здравјето на Американците и да се победи пандемијата и таа мерка е препорачана од медицинските експерти на американската влада и тимот задолжен за Ковид-19“, додаде тој.