Оваа информација ја потврдиja за МИА од кавадаречката болница, од Обвинителството и од СВР Велес. За самите повреди, појасни доктор хирург Благој Митев, началник на хирургија во болницата.
-Се работи за сериозни повреди што не се за потценување. Станува збор за дете на околу шест години. Каснувањето беше завчера попладне, јас бев на работа кога го донесоа детето. Имаше две рани на лицето плус огреботини. Три на предниот дел од абдоменалниот ѕид, една од околу четири и две од околу по три сантиметри длабочина. На бутната регија, две поголеми рани. На потколеница, 3-4 рани и други повреди. Изготвивме медицински извештај. Требаше да биде хоспитализирано, но родителите одбија од лични причини и рекоа дека редовно ќе го носат на преврски, појасни докторот за МИА.
Самиот по службена должност пријавил во полиција, а кога оттаму го прашале дали да се информира обвинителството, им дал позитивен одговор.
-На 04.11.2024 во 09.25 часот во ОВР Кавадарци, Џ.М.(23) од село Ваташа, кавадаречко, пријавила дека на 03.11.2024 на улица „Крсте Мисирков“ во Кавадарци, додека се шетала со нејзиниот шестгодишен син, детето било каснато од куче сопственост на 51-годишната М.И. од Кавадарци, кое било оттргнато од случајни минувачи. Малолетникот бил пренесен во Општа болница Кавадарци, каде му биле констатирани тешки телесни повреди, рекоа од СВР Велес за МИА, во врска со случајот.
Известен бил јавен обвинител од ОЈО Кавадарци.
-Дадени се наредби и насоки до МВР, за целосно документирање на настанот и прибирање на соодветни докази, во поглед на чувањето на кучето, како и обезбедување на медицинска документација. По наредбите, се уште се постапува, подвлекоа од Обвинителството за МИА.