Русија ѝ се закани на Полска

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков се закани дека Русија ќе ги таргетира нуклеарните оружја и објектите на НАТО, доколку тие бидат распоредени во Полска.

Тој рече дека заедничките нуклеарни мисии на НАТО во близина на руската граница се сметаат за закана за нејзината безбедност, пренесува руската државна агенција ТАСС.

„Да не кажам ништо за трајно распоредување, за што зборуваат вжештените глави во Варшава. Затоа сите оние политичари кои разговараат за таква опција во Полска и во странство треба да разберат: соодветните капацитети неизбежно ќе бидат цел. Тие ќе бидат први на список на нашето воено планирање“, се закани тој.

Да потсетиме, Полска во понеделникот објави дека е подготвена да прифати нуклеарно оружје на своја територија доколку НАТО, чија членка е, одлучи да го зајакне своето источно крило бидејќи Русија распоредува ново оружје во Калининград и Белорусија.

„Доколку нашите сојузници одлучат да распоредат нуклеарно оружје на наша територија како дел од дистрибуцијата на нуклеарно оружје за да ја зајакнеме безбедноста на источното крило на НАТО, ние сме подготвени на тоа“, изјави Анджеј Дуда за весникот Факт.

„Војната меѓу Русија на Владимир Путин и НАТО би завршила со неизбежен пораз на Москва“, изјави денеска полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.

„Ние, Западот, не треба да се плашиме од конфликт со Путин, туку обратно“, рече Сикорски за време на говорот во Сејм, Долниот дом на полскиот парламент. Сикорски додаде дека рускиот воен и економски потенцијал „бледнее во споредба со оној на Западот“, бидејќи НАТО има три пати повеќе воен персонал, три пати повеќе воздушен персонал и четири пати повеќе бродови од Русија.

Денес е ден на Македонскиот јазик

Денеска Македонија го одбележува 5 мај – денот на Македонскиот јазик.

На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.

Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.

Садик Кан третпат избран за градоначалник на Лондон

Садик Кан го освои рекордниот трет едноподруго градоначалнички мандат во Лондон на локалните избори во Англија на кои што неговите лабуристи ѝ нанесоа тежок пораз на конзервативната партија.

Кан, кој првпат беше избран во 2016, ја победи ривалката Сузан Хол со разлика од повеќе од 276.000 гласови.

„Мојата животна чест е да му служам на градот што го сакам. Во моментов сум многу понизен. Ова беа тешки неколку месеци, во кои се соочивме со кампања на постојана негативност. Горд сум што одговоривме на поттикнувањето страв со факти“, изјави 53-годишниот Кан, кој е и првиот муслиман кој беше избран за градоначалник на Лондон.

Тој истовремено го повика премиерот Риши Сунак да распише парламентарни избори.

Ди Марија пред трансфер во Турција

Турскиот гигант Бешикташ испраќа сезона полна со неуспеси и веќе размислува за новата кампања. „Црните орли“ се во потрага по нов тренер, а планираат и летни трансфер потези.

На „Тупраш“ има сериозен интерес за аргентинскиот ветеран Анхел Ди Марија и ќе преземат конкретни чекори за да го привлечат, тврди „ТРТ Спор“. Тоа се очекува да се случи во наредните денови.

Триесет и шест годишниот офанзивен играч за врска најверојатно ќе ја напушти Бенфика на крајот на сезоната бидејќи му истекува договорот. Има опција да се продолжи за уште една сезона, но тоа веројатно нема да се случи.

Ди Марија има втор престој во португалскиот гигант. Тој минатото лето се врати на „Луж“ откако го напушти Јувентус. Играше и за Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед и ПСЖ.

Доколку дојде до трансфер на Аргентинецот во Бешикташ, тоа најверојатно ќе биде неговиот последен европски тим.

притисни ентер