Роботите што служат пиво се хит во Јужна Кореја (ВИДЕО)

Doosan Robotics, водечкиот јужнокорејски производител на колаборативни роботи, утре треба да започне со тргување на берзата, откако собра 421 милијарда вони (310 милиони долари) во најголемата првична јавна понуда во земјата годинава.

Фирмата со седиште во Сувон ги цени акциите на 26.000 вони по парче, што е горниот дел од понудениот опсег. Според компанијата, инвеститорите на мало понудиле дури 33 билиони вони за купување акции, што е рекорд за оваа година.

Иако роботите долго време се користат во индустријата за повторувачки задачи, Doosan Robotics е специјализирана за роботски раце кои работат рамо до рамо со луѓето на различни задачи надвор од фабричките капацитети. Овие роботи се користени за сè - од правење кафе и пржење пилешко, до служење пиво и ракување со багаж на аеродроми.

„Ова е пазар кој почнува да се забрзува“, рече извршниот директор Рју Џангхун во интервју за Bloomberg News.

Doosan Robotics планира да ги искористи средствата собрани од ИПО за стратешки превземања и експанзија во странство. Рју рече дека компанијата размислува да купи фирма со технологија која ќе им овозможи на роботите да бидат мобилни, како што се автономни возила кои ќе превезуваат предмети од едно до друго место во фабриките и магацините. Тие во моментов произведуваат 13 различни роботски раце со различни капацитети и способности. Наместо да создаваат хуманоидни роботи, Риу нагласи дека нивната стратегија е да изградат разновиден бизнис со помош на роботски раце.

Исто така, Doosan експериментира со вештачка интелигенција за да ги направи нивните роботи покорисни. Во август, тие склучија договор со Microsoft за користење на нивната услуга Azure OpenAI за систем за контрола на роботи базиран на јазичниот модел GPT. Со интегрирањето на GPT, корисникот може да издаде едноставна гласовна команда за да подготви оброк, а роботот може да го пресмета оптималниот редослед на задачи за да го подготви оброкот.

Позицијата на Јужна Кореја како глобална сила во технологијата и инженерството може да ѝ даде предност во колаборативната индустрија за роботи, брзорастечки потсектор на пазарот на индустриска автоматизација. Глобалниот пазар за колаборативни роботи, кој беше проценет на 1,2 милијарди долари оваа година, се очекува да достигне 6,8 милијарди долари до 2029 година.

Doosan Robotics е основана во 2015 година откако корејскиот конгломерат Doosan Group ја идентификуваше напредната роботика како област на раст. Рју (49) имаше клучни позиции во корпоративната стратегија и новите проекти на групацијата околу осум години пред да биде назначен за извршен директор на Doosan Robotics во 2021 година.

Компанијата објави приход од 45 милијарди вони во 2022 година, ставајќи ја меѓу она што компанијата верува дека е најголемиот производител на колаборативни роботи во светот. Нејзини клиенти се Hyundai Motor, LG Electronics и L'Oreal SA.

Роботиката стана една од најбараните области во Кореја оваа година, бидејќи владата и големите локални компании ги зголемија инвестициите. Акциите на Rainbow Robotics поддржани од Samsung Electronics се зголемија за приближно 350% оваа година.

Даглас Ким, аналитичар кој пишува за платформата SmartKarma, рече дека цената на акцијата на Doosan Robotics може да скокне кога ќе започне тргувањето во четврток. Rainbow Robotics, еден од неговите најблиски конкуренти, моментално има пазарна капитализација од околу 3 трилиони вони, во споредба со пазарната вредност на Doosan Robotics од околу 1,7 трилиони вони по цена на ИПО од 26.000 вони.

„Кореја има многу поволна средина за колаборативните производители на роботи“, рече Рју.

Елегантни моторџии низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста за машкото здравје

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. 

Елегантни моторџии облечени во палто, елек и вратоврска денеска по деветти пат како дел од глобалното движење „The Distinguished Gentlmens Ride“ ќе дефилираат низ скопските улици со цел да ја подигнат свеста за машкото здравје и превенцијата од рак на простатата.

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. Организаторите најавуваат учесници и од останатите градови од државата и гости од Косово. Меѓу нив има доктори, професори, личности од јавниот живот кои, како и секоја година, ќе донираат средства за фондацијата „Мовембер“ во Лондон за борба против рак на простатата.

„The Distinguished Gentlmens Ride“ годинава се одржува во 959 градови низ светот. Учествуваат 90.000 мотоцикли од 105 држави.

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. Досега учествувале 1.172 учесници, а собрани се 18.836 евра.

Глобалното движење почна на иницијатива на Марк Хава во 2012 година во Сиднеј кога тој заедно со своите пријатели продефилира низ улиците на градот во чест на неговиот пријател кој починал од рак на простатата. Оттогаш движењето станува помасовно секоја година. Од основањето на „The Distinguished Gentlmens Ride“ досега собрани се 50,2 милиони долари на светско ниво кои се донираат во институции и болници кои се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и борбата против рак на простатата. /МИА

Пронајдени телата на четворица мигранти, спасени 52 лица во близина на брегот на Тунис

Телата на четворица мигранти се пронајдени во близина на брегот на Тунис, а крајбрежната стража во посебна операција спасила 52 лица, соопшти Националната гарда.

Се додава дека гардата уапсила девет шверцери и ги запленила чамците.

Најмалку 23 туниски мигранти исчезнале откако со чамец се упатиле кон Италија, соопшти претходно Националната гарда.

Тунис се соочува со миграциска криза и ја замени Либија како главна појдовна точка за луѓето кои бегаат од сиромаштијата и конфликтите во Африка и Блискиот Исток во потрага по побезбеден живот во Европа. /МИА

Одбележување на Светскиот ден на семејниот лекар - 19 Мај

Под мотото „Здрава планета, здрави луѓе“ денеска се одбележува 19 Мај - Светскиот ден на семејниот лекар.

Здружението на лекари по општа медицина - семејна медицина (ЗЛОМ СМ), информира дека за таа цел во Градскиот парк во Скопје денеска од 11 до 14 часот граѓаните ќе можат да измерат крвен притисок, гликемија и пикфлоуметрија. Специјалистите по семејна медицина ќе даваат совети за здрави животни навики.

Предвидена е и прес-конференција за медиумите.

притисни ентер