Ристески: Нефер трговските практики ќе се казнуваат со 20 000 евра

Обновената Комисија за заштита на конкуренцијата од почетокот на годинава може да казнува и со 20 000 евра за пронајдени договори за нефер трговски практики, истакна заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.  

Со почетокот на годинава, почна примената на казните за неправилностите при спроведувањето на Законот за нефер трговски практики кој е во функција, според директива на ЕУ од 28 септември. Процесот до крајот на 2024 година се следеше со мониторинг, сега се на сила паричните казни.

-Мониторингот за примената на законот заврши до Нова Година. До Нова Година се дооформи и Комисијата за конкуренција (КЗК) која го имплементира Законот и во практиката. Комисијата ќе ги проверува сите договори склучени помеѓу производителите, добавувачите и трговците и онаму каде ќе бидат утврдени неправилности казните се 20 000 евра, вели Ристески.

Со законот се опфатени 2 546 производи по тарифен број, а претходно се утврдени 26 нефер трговски практики. Ристески нагласува дека контролата ќе биде строга.

-Комисијата ќе може да влезе во фирмите, да ги проверува договорите по дојава. Сето тоа што ќе биде констатирано како неправилност, ќе биде казнето. Казната е висока, 20 000 евра, објаснува Ристески.

Целта на Законот, кој треба да биде пример и за другите земји од Западен Балкан, е да се регулира односот помеѓу добавувачите и трговците. Заменик-министерот посочува дека ефектите на подолг рок е стабилизација на цените на производите.

-Рабатот е ограничен на 10 проценти во текот на годината. Сето тоа ќе создаде еден ред во сета таа работа со трговските практики каде рабатите биле големи, и до 35-40 проценти. Очекуваме на подолг рок да имаме стабилизирање на цените на производите, во интерес на крајните купувачи, односно граѓаните. Овој Закон е од голем интерес и важност, бидејќи првпат се спроведува во Македонија и е по директива од Европската Унија и треба да биде пример и за другите држави на Западен Балкан.

Скопје и денеска најзагаден град во Европа

Веднаш зад Скопје е Приштина на 6 место, со индекст 161, Софија е 11. со вредност на индексот од 153 единици.

Скопје и денеска е најзагаден град во Европа. Според табелата на платформата за мерење на аерозагадувањето „Ај кју аир“, главниот град се наоѓа на петто место во светот со вредност на нивото на штетни ПМ честички од 172 единици измерени во 12 часот.

Со овие вредности воздухот во градот е категпоризиран како „нездрав“.

Веднаш зад Скопје е Приштина на 6 место, со индекст 161, Софија е 11. со вредност на индексот од 153 единици.

Листата на најзагадени градови ја предводат Делхи во Индија (225), Лахор(224) во Пакистан и Ханој (185) во Виетнам.

Пред три дена, Скопје беше најзагаден град во светот, кога, според платформата „Ај кју аир“ во главниот град беа забележани 263 единици штетни честички.

Во меѓувреме, од Град Скопје информираа дека се спроведуваат засилени инспекциски контроли и се изрекуваат казни и обвинија дека од 14 институции здолжени за животната средина, само тие се на терен.

Од власта со потсетување дека во сила се краткорочни и долгорочни мерки и со апел до локалните самоуправи да ги пуштат на терен општинските инспектори, особено во малите и средните претпријатија, а не само во оние кои имаат А и Б интегрирана дозвола.

Заменичката министерка за животна средина Ане Лашкоска, деновиве, упати апел до општините и до сите надлежни институции да се вклучат во активностите за справување со загадувањето на воздухот.

Опожарено возило на новинарка од Охрид, ЗНМ бара истрага и одговорност

 Полицијата во Охрид информираше дека синоќа во 21:30 часот до СВР било пријавено од страна на 50-годишна охриѓанка дека пред нејзиниот дом било опожарено нејзиното патничко возило „БМВ Икс3“ со охридски регистарски ознаки.

На терен интервенирала екипа на територијалната противпожарна единица, пожарот бил изгаснат, а повредени нема. Увид на самото место извршила екипа од СВР Охрид, а по наредба на јавен обвинител возилото било однесено во кругот на СВР Охрид.

„Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Здружението на новинари на Македонија информира дека опожареното возило е во сопственост на дописничката на „Сакамдажам.мк“ од Охрид, Сузана Вренцоска, како и дека постојат индиции оти се работи за намерно подметнат пожар.

ЗНМ најостро го осудува инцидентот и го повикува Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент.

„Овој случај укажува на загрижувачки тренд на зголемени ризици со кои се соочуваат новинарите во земјава. Дополнително, ова не е изолиран инцидент. Во октомври 2024 година беше запалено и возилото на колегата Благој Серсемов, уредник на локалната телевизија и онлајн медиум М-нет од Штип. Иако мотивите за овие напади сè уште не се утврдени, важно е да се истакне дека ваквите инциденти, доколку немаат правна разрешница, може да создадат чувство на несигурност меѓу новинарите и да ја поткопаат нивната работа во служба на јавниот интерес“, посочуваат од ЗНМ.

Истовремено се повикуваат надлежните институции да преземат итни и конкретни мерки за целосно расветлување на двата случаи, а сторителите мора да бидат идентификувани и соодветно санкционирани.

„Недозволиво е да постои неказнивост и да се создава простор за шпекулации во јавниот дискурс. Брзото дејствување е од клучно значење за зачувување на слободата на изразување и за спречување на самоцензура кај новинарите“, стои во реакцијата на ЗНМ.

Гвардиола: Грилиш треба да ја врати формата и да се бори за стартно место во Манчестер Сити

Џек Грилиш треба да се врати во старата форма и да се бори за стартно место во англискиот фудбалски клуб Манчестер Сити, изјави менаџерот на тимот Пеп Гвардиола, цитиран од медиумите на Островот.

Англискиот репрезентативец беше клучен играч во тројната круна во 2023 година, но беше изоставен од стартната постава оваа сезона и беше на клупата за резервната победа од 4-1 против Вест Хем викендот.

Грилиш, кој долго време беше надвор од теренот поради повреда, има само шест премиерлигашки старта во новата сезона. Наместо него, игра Бразилецот Савињо.

-Савињо е во подобра форма од Џек и затоа игра. Дали го сакам тој Џек кој ја освои тројната круна? Да, но се обидувам јасно да размислам за тоа. Секој треба да се бори за своето место во стартната постава, и не мислам дека со овие зборови можам да навредам некого, изјави Гвардиола.

Гвардиола вели дека сите во тимот мора да се докажуваат.

-Џек треба да се мотивира да се бори за своето место со Савињо и да ја заработи својата стартна позиција. Тој мора да го прави тоа ден за ден, недела по недела, месец по месец. Џек беше повреден и треба повторно да влезе во ритам. Треба да игра, но пред тоа треба да тренира. Не се сомневам во неговите квалитети, ниту во оние на останатите наши играчи. Да немаа нив, тие не би биле тука, истакна тренерот на Сити./МИА

притисни ентер