РФМ: Нема веќе билети за натпреварите на македонската репрезентација на ЕП

Соочена со „секојдневни барања за влезници“ за претстојното Европско првенство во Германија, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) соопшти денеска дека сите билети за натпреварите на македонската репрезентација се веќе распродадени.

Во соопштението РФМ истакна дека согласно регулативата на Европската ракометна федерација, правата за продажба на билети се во надлежност на домаќинот што во овој случај се Ракометната федерација на Германија и нивниот организациски комитет.

- Европската ракометна федерација уште во мај објави дека половина од билетите во продажба се веќе распродадени, а особен интерес и побарувачка за билети имаше во групата А каде настапува и македонската сениорска репрезентација заедно со домаќинот Германија. Организаторите во септември ги пуштија во продажба и последните слободни 10.000 билети, кои во екстремен брз временски рок беа распродадени, информираше РФМ.

Европското првенство во Германија ќе се одржи од 10 до 28 јануари идната година, а македонската репрезентација е во групата А со домаќинот, Франција и Швајцарија.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров од вчера се во Србија каде во Стара Пазова ги почнаа завршните подготовки за настапот на Европското првенство. /МИА

Најмалку 22 лица загинаа во израелските напади врз Рафа

Најмалку 22 лица загинаа во израелските напади во текот на ноќта врз градот Рафа во јужниот дел на Газа, соопштија палестинските здравствени власти. Меѓу убиените има шест жени и пет деца.

Од почетокот на војната, Израел редовно ја изложува Рафа на воздушни напади и се заканува дека ќе испрати копнени трупи, тврдејќи дека тоа е последното упориште на Хамас во крајбрежната енклава.

Над еден милион Палестинци избегаа во Рафа, барајќи засолниште во градот, кој се протега на границата со Египет. САД и другите земји го повикаа Израел да не врши инвазија за да избегне хуманитарна катастрофа.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ја започна својата седма дипломатска мисија на Блискиот Исток од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, пред повеќе од шест месеци. /МИА

Најмалку 93 лица загинаа во поплавите во Кенија

Кенија го одложи отворањето на училиштата за една недела поради последиците од големите поплави предизвикани од обилните дождови кои ја погодија оваа источноафриканска земја од средината на март и досега однесоа речиси 100 животи.

Се проценува дека 93 лица загинаа во поплавите, а се очекува бројот да се зголеми откако синоќа се преврте брод во северниот округ Гариса.

Кенискиот Црвен крст соопшти дека 23 лица биле спасени од чамецот, но десетици се уште се водат како исчезнати.

Во соопштението на Министерството за образование се наведува дека во поплавите тешко се оштетени некои училишта. Локалните медиуми објавија дека повеќе од 100 училишта се поплавени, а на многу од нив им се урнати ѕидови и покриви.

Сите училишта кои денеска требаше да бидат отворени, го одложија тоа за 6 мај.

Обилни дождови ја погодија Кенија од средината на март, а Одделот за метеорологија на земјата предупредува на опасност од нови врнежи.

Најголем број жртви се евидентирани во главниот град на Кенија, Најроби, каде во вчера беше поплавен и аеродромот. Снимките на социјалните мрежи покажуваат дека се поплавени пистата, терминалот и товарниот дел на аеродромот.

Повеќе од 200.000 луѓе низ земјата се погодени од поплавите, а куќите беа потопени во областите подложни на поплави додека луѓето бараа засолниште во училиштата.

Кенискиот претседател Вилијам Руто побара од Националната служба за млади да обезбеди земјиште за привремени кампови за погодените од поплавите.

Во источноафриканскиот регион се соочуваат со поплави поради обилните дождови, а во Танзанија се пријавени 155 загинати, додека повеќе од 200.000 се погодени во соседен Бурунди. /МИА

Гвардиола: Арсенал повеќе нема да губи бодови, ние ако ремизираме нема да ја освоиме титулата

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола изјави дека неговиот тим треба да победи на сите преостанати натпревари доколку сака да ја освои шампионската титула во Англиското фудбалско првенство.

- Мислам дека Арсенал повеќе нема да губи бодови. Ова е слично на ситуацијата со Ливерпул во минатото. Нас ни остануваат уште четири натпревари, пат тежок како да се искачиме на висока планина. Ако негде ремизираме, нема да го освоиме шампионатот, изјави Гвардиола.

Манчестер сити е втор на табелата во Премиер лигата со 79 бодови од 34 натпревари. Лидер е Арсенал со 80 бода по 35 кола.

До крајот на првенството, Арсенал ќе игра дома со Борнмут и со Евертон, а ќе му гостува на Манчестер јунајтед.

Сити ќе го пречека тимот на Вулвс и на Вест Хем, а ќе гостува кај Фулам и на Тотенхем. /МИА

притисни ентер