Реновиран дел од Универзитетската клиника за психијатрија

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари, заедно со директорката на Клиниката за психијатрија Славица Арсова, денеска, свечено го отворија комплетно реновираниот дел од Универзитетската клиника за психијатрија. 

Како што посочи Таравари, ова е втора Универзитетска клиника која што ја промовира оваа Влада, со услови подостоинствени отколку на приватните клиники во државата.

– За шест месец ова е втора Универзитетска клиника што ја промовираме со услови можеби подостоинствени за нашите пациенти, отколку на приватните клиники во државата. На Дигестивна хирургија бевме пред неколку месеци заедно, денеска сме на Клиниката за психијатрија. Условите се навистина многу добри и се надевам до крај на јануари ќе одиме заедно со вас новинарите да ги промовираме Ургентниот интернистички центар на токсикологија, којшто е при крај, и се надевам, Клиниката за урологија, која што ќе изгледа исто како Клиниката за дигестивна хирургија и Клиниката за психијатрија. Секогаш како Влада, па и како Министерството за здравство, пред сѐ и над сѐ, целта ни е достоинствени здравствени услуги за пациентите во јавните здравствени установи, рече Таравари.

Директорката Арсова истакна дека со новите услови за работа на Клиниката целиот медицински персонал ќе може да обезбеди квалитетна здравствена услуга на сите пациенти, бидејќи, како што рече, без квалитетни услови не може да се очекува квалитетна здравствена заштита.

– Доколку не обезбедиме квалитетни услови, безбедни услови, пријатни услови за работа на здравствениот персонал, тогаш не може да очекуваме и квалитетна здравствена заштита и превенција на менталното здравје, за кое цело време зборуваме. Менталното здравје се негува уште од самото раѓање, па до крајот на нашиот живот и не се сомневам дека целиот персонал, од доктори до сестри, техничари, болничари и административен персонал на нашата Клиника се спремни да го пружат тоа на највисоко можно ниво. Покрај клиничката дејност, нашата Клиника се бави и со едукативна дејност, ние имаме и таква задача и цел да едуцираме нови кадри, нови здравствени кадри и да ги подобруваме и прошируваме здравствените услуги, рече Арсова.

Премиерот, пак, вели целта на Владата е да обезбеди пристојни услови за граѓаните, како и за медицинскиот персонал. Мицкоски му честиташе на министерот за здравство за потпишувањето на колективните договори, изразувајќи надеж дека мотивираноста кај здравствените работници ќе биде уште поголема.

– Сето она кое што во минатото било запоставено и заборавено, целта на оваа Влада, на министерот, како и на директорите во здравството е да направат додадена вредност да направат повеќе за граѓаните да имаат пристојни услови, онакви какви што заслужуваат и лица мотивирани кои што ќе се грижат за нивното здравје. Работевме многу и во делот на потпишување на колективните договори, му честитам на министерот и на директорот на Фондот за здравство, како и на сите кои учестуваат во тој процес, министерката за финансии исто така, бидејќи се потпишува договор којшто никогаш порано не бил направен со Синдикатите и колективен договор. Ценам дека на тој начин мотивираноста кај здравствените работници ќе биде уште поголема, им честитам на сите вклучени што направи овој објект овде када изгледа овака репрезентативно, рече Мицкоски.

Вучиќ: Не им замерувам на студентите во блокадите, тие беа мали кога злото беше на власт

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека нема што да им замери на студентите во блокадите бидејќи „тие имале само десет години кога злото беше на власт“, кое, според него, ја уништувало Србија.

„По стоти пат велам дека нема да има преодна влада, власта се добива на избори, со поддршка на народот. Нема филозофија“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк и додаде дека е бескрајно благодарен на студентите, кои сакаат да учат, за нивната „трпеливост“.

Спомнувајќи го пред се Прогласот, тој го повтори тврдењето дека тие се финансираат од странство.

Вучиќ рече дека „организаторите на протестите веруваат дека е невозможно да се издржи ваков притисок“.

„Но, издржавме уште потешко за да ја спасиме Србија“, истакна тој.

Вучиќ особено го критикуваше судијата Миодраг Мајиќ, како и некои други јавни личности кои ги поддржаа студентите, наведувајќи дека „антисрпските сили“ сакаат промена на власта.

Девојче е првото родено бебе во Куманово

Првото бебе во Куманово е девојче, второ дете во семејството Асанови од Крива Паланка. Мајката Хамиде и новороденчето се во добра здравствена состојба.

Девојчето е родено вчера во 17:10 со царски рез, тешко е 3,6 килограми, долго 49 сантиметри.

-Посакувам да биде здраво, живо и среќно, изјави мајката.

Претставници од општинската власт и од болницата и однесоа соодветни подароци.

-Ѝ посакав прво таа да се опорави, девојчето да е живо, здраво и среќно. Да си ја сака државата, да си остане овде да придонесува, изјави претседателката на Советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска.

Надлежните од болницата очекуваат плодна година, зголемување на трендот на раѓања на акушерскиот оддел во болницата.

- Раѓањето на женски плод наговестува плодна и бериќетна година. Имаме тренд на намалување на раѓањата, за жал и се надевам дека ова е предзнак и за зголемување на бројот на раѓањата, рече директорот Стефан Трајановски.

Началничката на одделот, д-р Софија Трајковиќ појасни дека тимот има седум специјалисти, добиваат помош од лекари од Скопје и со тоа, успеваат да го покријат 24-часовното работење.

- За ден и половина имаме две бебиња, двете се женски пол, двете се добри, мајките се, исто така, добри. Моментално има една пациентка во предпородилна сала, изјави Трајковиќ.

Минатата, 2024 година имало 688 раѓања во кумановската болница, што е тред на опаѓање зашто во 2023 имало 730, а кумановската општа болница е единствено родилиште за североисточниот регион.

Пленковиќ: Денеска ќе го потпишеме Протоколот за подигање на безбедносните мерки во училиштата

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на првата седница на Владата годинава најави дека попладне во Министерството за образование ќе биде потпишан Протоколот за зголемување на безбедносните мерки во училишните институции.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на првата седница на Владата годинава најави дека попладне во Министерството за образование ќе биде потпишан Протоколот за зголемување на безбедносните мерки во училишните институции, а една од мерките е вработување лица со потребните вештини за заштита.

По трагедијата што се случи на последниот ден од првото полугодие во загрепското основно училиште „Пречко“, Комисијата подготви предлог за основни мерки за зајакнување на степенот на безбедност во училиштата, а како што најави премиерот Пленковиќ на седницата на Владата, попладнево Протоколот за безбедносни мерки ќе го потпишат министерот за образование, наука и млади Радован Фукс и сите вклучени засегнати страни.

„Заедничка цел е да се подигнат безбедносните мерки во сите училишни институции. Она што го оценивме како најдобро долгорочно решение е во училишните институции, преку систематизација и едукација, да се вработат оние лица кои ги имаат потребните вештини за заштита, а истовремено се специјално сензибилизирани и едуцирани за работа со деца, родители и наставници и кои потоа трајно би помогнале безбедноста на училиштата да се подигне на повисоко ниво по оваа голема трагедија што се случи во основното училиште Пречко“, рече Пленковиќ.

„Брзите мерки како заклучување на вратите, менување врати, нови безбедносни системи се веќе во тек, а тимовите на локалната полиција ќе одржат состаноци со директорите на училиштата за безбедносни прашања“, додаде хрватскиот премиер.

притисни ентер