Прва НАТО обука за односи со јавност во кризи

Регионалниот центар за односи со јавност при Министерството за одбрана, кој од минатата година е дел од Партнерските центри на НАТО Алијансата за едукација и обука и како единствен Центар за обука од областа на односите со јавноста, денеска ја започна првата работилница во која ќе се извршуваат обуки за односи со јавност во кризни ситуации.

Државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефановски рече дека Македонија е горда што Центарот за обука за односи со јавност во кризни ситуации е дел од центрите на НАТО Алијансата.

- Ние сме посебно горди затоа што нашиот Центар за односи со јавност е признаен како еден од 26 партнерски центри и специјализиран за оваа област. Покажуваме дека покрај учество во мировни операции имаме знаење и за други суштински работи. Ова е прва работилница после признавањето на Центарот и имаме предавачи и учесници од повеќе земји меѓу кои и од Норвешка, земјата која што го предводи овој процес, истакна Стефановски.

Според него, Центарот, на Алијансата ќе и даде можност нивните луѓе да се обучуваат за односи со јавност кој е една од најслабите алки на НАТО за која како област, многу малку се посветува внимание.

Регионалниот центар за односи со јавноста е формиран во 2005 година поради зголемената потреба од обука на кадри од полето на односите со јавноста во регионот. Својот регионален карактер Центарот го потврди во 2009 година во рамки на иницијативата „Форум за безбедносна соработка на Западен Балкан“ каде заедно со центарот за мировни операции (ПСОТЦ) од Сараево, Босна и Херцеговина и НХБ центарот од Крушевац, Република Србија, беа прифатени и промовирани како три приоритетни центри за регионална соработка.

Израел повика на евакуација на Рафа пред можна офанзива

Израелската војска ги повика жителите на источниот дел на Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, да се евакуираат во „проширена хуманитарна област“, пред можна офанзива.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) рано утрово соопштија дека ги „охрабруваат“ жителите на источниот дел на Рафа да се преселат во проширена хуманитарна област во бегалскиот камп Ал-Маваси, на Средоземното Море недалеку од границата со Египет.

- Во согласност со одобрението на владата, тековната проценка на ситуацијата ќе го води постепеното движење на цивилите во наведените области, до хуманитарните области, се вели во објава на ИДФ на социјални мрежи, пренесува ДПА.

ИДФ ја окарактеризира евакуацијата како „привремена“, додавајќи дека повиците за преместување ќе се „пренесат преку постери, СМС пораки, телефонски повици и медиумски преноси на арапски јазик“.

„ИДФ ќе продолжи да го гони Хамас насекаде во Газа додека сите заложници што ги држат во заробеништво не се вратат дома“, се нагласува во објавата.

Во друга објава ИДФ им порача на жителите на Газа дека „ќе продолжи да се бори против терористичките организации кои ве користат како жив штит“.

Индиректните преговори меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас во Каиро изминатиот викенд за нов прекин на огнот во војната во Газа и ослободување на заложниците во замена за палестинските затвореници не дадоа никакви резултати.

Израел сака да ја искористи воената операција во Рафа за да ги разбие преостанатите баталјони на Хамас. Заложниците заробени за време на терористичките напади на 7 октомври кои го предизвикаа конфликтот, исто така, се верува дека се чуваат во градот на границата со Египет.

Израелските сојузници, вклучително и САД, ја повикуваат владата во Тел Авив да не спроведува таква операција во Рафа, каде стотици илјади внатрешно раселени лица се засолниле од борбите во други места во Појасот Газа.

Прва победа за Норис во трка од шампионатот во Формула 1

 Возачот на Мекларен, Ландо Норис синоќа победи на трката од Формула 1 шампионатот возена за Големата награда на Мајами.

Дваесет и четиригодишниот Британец првпат во кариерата заврши на највисокото место на подиумот.

Второто место му припадна на возачот на Ред Бул, Макс Верстапен со заостанување од 7,612 секунди, а првата тројка ја комплетираше Шарл Леклер од Ферари со 9,92 секунди побавно време од победникот.

Актуелниот шампион, Верстапен по втор пат оваа сезона не заврши на првото место.

Најдобриот пласман во кариерата на Норис пред оваа трка беа петте втори места.

Во Топ 10 на трката во Мајами се најдоа и: Карлос Сајнц (Ферари), Серхио Перез (Ред Бул), Луис Хамилтон (Мерцедес), Јуки Цунода (РБ), Џорџ Расел (Мерцедес), Фернандо Алонсо (Астон Мартин) и Естебан Окон (Алпин).

Во Генералниот пласман лидер е Верстапен со 136 бода, пред Перез кој има 103, трет е Леклер со 98, Норис и Сајнц имаат по 83.

Сончево со јужен ветер

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од јужен правец. 

Попладне во планинските региони ќе има услови за изолирана појава на краткотраен пороен дожд. Минималните температури ќе бидат во интервал од 3 до 10, а максималните ќе достигнат од 20 до 26 степени.

Во Скопје ќе преовладува сончево време со мала облачност и со слаб ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се спуштат до 8, а максималните ќе достигнат до 26 степени.

Во вторник попладне ќе има локална појава на нестабилност, а во среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, а локално процесите ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер. Потоа условите за нестабилно време ќе се намалуваат.

притисни ентер