Прв пат се самозапали електрична Дачија, целосно изгоре (ВИДЕО)

Dacia Spring е најевтиниот електричен автомобил на европскиот пазар.

Иако најмалата Dacia постигна значителни продажни резултати, не се зборуваше многу за можните проблеми со квалитетот. До сега, кога на социјалните мрежи со брзина на светлина почна да се шири видео.

Еден примерок од Spring се запали во Романија, првиот официјално регистриран случај на спонтано запалување.

Сопственикот на автомобилот Јонел Карну објави фотографии во Фејсбук групата Dacia Spring Romania, а на нив се гледаат катастрофалните последици од пожарот на електричната Dacia. Тој рече дека автомобилот се запалил на 11 мај околу пет попладне, откако неговата сопруга го управувала автомобилот и го однела дома.

Карну изјави дека сопругата го земала синот од училиште и се враќала дома, кога слушнала силен звук од подот на возилото. Таа во паника му се јавила на сопругот и го известила дека слушнала звуци од автомобилот, на само 300 метри од куќата. Таа забележала дека почнал да се шири чад од местото каде што се наоѓа батеријата, но сепак се упатила кон куќата и потоа излегла од автомобилот.

„Петнаесет минути подоцна автомобилот беше целосно зафатен од пламен“, напишал Карну на Фејсбук и додаде дека неговата Дачија е целосно изгорена. Пожарникарите пристигнале на местото на пожарот откако Дачија претежно изгорела, па можеле да забележат само краток спој како причина за пожарот.

Сопственикот открил дека го купил автомобилот пред година и пол и дека бил презадоволен од него. Тој нагласи дека автомобилот го полнел само дома. Изгорениот Спринг бил под гаранција, а поминал околу 36.000 км.

По неколку дена, Карну рече дека ги известил претставниците на производителот и им покажал снимка на која се гледа како пожарот се шири од просторот за батерии. Трауматизиран од искуството, тој вели дека тој и остатокот од семејството сигурно никогаш повеќе нема да возат Dacia Spring.

Роналдо за шансите за титула на Арсенал: Нема да ја освојат лигата, о Боже

Напаѓачот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо разговараше со промоторот Френк Ворен, навивач на Арсенал, пред боксерскиот меч меѓу Тајсон Фјури и Украинецот Александар Усик.

Нивниот разговор е снимен на видео емитувано од Ријад. Ворен му рече на 39-годишниот Португалец: „Сè уште те чекаме во Арсенал“. Роналдо се насмеа и одговори: „Нема да го освојат првенството, о Боже“.

Роналдо претходно играше во Англија за Манчестер јунајтед, со кој три пати ја освои Премиер лигата (2007, 2008 и 2009 година).

По 37 кола, Арсенал се наоѓа на второто место во поредокот, со два бода помалку од лидерот Манчестер сити.

Во последното коло, денес лондонскиот тим ќе игра против Евертон, а Сити против Вест Хем. /МИА

Гвардиола не планира наскоро да го напушти Манчестер сити

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола зборуваше за својата иднина во тимот.

- Имам договор и сакам да бидам тука. Мојот план е да останам во Манчестер следната сезона, изјави Гвардиола за „Мирор“.

Шпанскиот фудбалски стручњак го презеде Манчестер сити во 2016 година. Под негово водство тимот пет пати го освојуваше англискиот шампионат и еднаш Лигата на шампионите.

По 37 кола, во Премиер лигата води Манчестер сити со 88 бодови. Заостанувањето на второпласираниот Арсенал е два бода. Ливерпул (79) ги загуби шансите за евентуална шампионска титула. /МИА

„Билд“: Германското Министерство за одбрана бара од Владата уште 3,8 милијарди евра за Украина

Германското Министерство за одбрана побара од сојузната влада дополнителни 3,8 милијарди евра помош за Украина за оваа фискална година, пишува „Билд“.

Весникот наведува дека оваа година Германија обезбедила воена помош од 7,1 милијарди евра за Украина и дека овие пари се користат за плаќање на воена опрема што Украина ја купува директно од наменската индустрија и укажува дека на Украина и треба итно поголема поддршка за да не изгуби војната со Русија, поради што Министерството за одбрана побара дополнителни средства.

Министерот за одбрана Борис Писториус разговараше за тоа со канцеларот Олаф Шолц, а потоа се сретна со Кристијан Линднер, шеф на одделот за буџет во германското Министерство за финансии.

Дополнителните расходи треба во јуни да бидат поднесени до Бундестагот на усвојување, според „Билд“. /МИА

притисни ентер