Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити за домаќинствата во март 5,4 проценти

 Народната банка информира дека во март годинава просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,50 проценти и бележи месечно намалување од 0,02 п.п., додека на годишно ниво е зголемена за 0,46 п.п. 

Просечната каматна стапка на вкупните депозити, пак, изнесувала 1,80 проценти и забележала месечно и годишно зголемување за 0,04 п.п. и 0,69 п.п., соодветно.

Податоците што ги сподели денеска централната банка покажуваат дека просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во март, изнесувала 4,98 проценти и забележала месечно и годишно намалување од 0,37 п.п. и 0,28 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити, пак, остварила месечен и годишен раст од 0,15 п.п. и 0,42 п.п., соодветно и изнесувала 2,46 проценти.

-Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата, овој месец, изнесува 5,40 проценти и на месечна основа е намалена за 0,05 п.п. Надолната промена е резултат на намалените каматни стапки на денарските кредити со валутна клаузула и на кредитите во странска валута (за 0,12 п.п. и 0,07 п.п., соодветно), при раст на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,10 п.п.). На годишно ниво, каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е зголемена за 0,17 п.п, соопшти НБ.

Оттаму дополнуваат дека каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата, во март, изнесува 1,76 проценти и оствари месечно зголемување од 0,03 п.п. Промената се должи на растот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,03 п.п.) и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,02 п.п.), додека каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула се намалени (за 0,01 п.п.) На годишна основа, оваа каматна стапка е повисока за 0,72 п.п.

– Овој месец, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата6 оствари месечен раст од 0,07 п.п. и изнесува 2,42 проценти. Нагорната промена целосно произлегува од растот на каматните стапки на новопримените депозити во странска валута (за 0,19 п.п.), во услови кога каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула се непроменети. Овој месец банките и штедилниците не евидентирале новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Во однос на март претходната година, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е зголемена за 0,15 п.п, информира централната банка.

Во март, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор изнесува 5,35 проценти и е намалена за 0,05 п.п. на месечно ниво. Надолната промена се должи на падот на сите компоненти, и тоа: каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,09 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,05 п.п. и 0,03 п.п., соодветно). На годишна основа, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор забележа раст од 0,65 п.п.

Од НБ истакнуваат дека во март каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор, оствари месечно намалување од 0,52 п.п. и изнесува 4,73 проценти. Анализирано по валута, промената е резултат на намалувањето на каматните стапки на сите компоненти, и тоа: денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,60 п.п. и 0,54 п.п., соодветно) и кредитите во странска валута (за 0,24 п.п.). Споредено на годишно ниво, оваа каматна стапка е намалена за 0,54 п.п.

Кај просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, во март, е забележано месечно зголемување од 0,04 п.п. и изнесува 2,12 проценти. Притоа, промената се должи на зголемените каматни стапки на депозитите во странска валута (за 0,17 п.п.) и на каматните стапки на денарските депозити со и без валутна клаузула (за 0,14 п.п. и 0,01 п.п., соодветно). Во споредба со март минатата година, оваа каматна стапка е повисока за 0,38 п.п.

‒ Овој месец, кај каматната стапка на новопримените депозити4 на корпоративниот сектор е забележан месечен раст од 0,33 п.п. и изнесува 2,52 проценти. Растот е резултат на зголемените каматни стапки на депозитите без валутна клаузула и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,55 п.п. и 0,09 п.п., соодветно), при намалени каматни стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 1,52 п.п.). Споредено на годишна основа, оваа каматна стапка бележи раст од 1,42 п.п, соопшти Народната банка.

Мицкоски на средба со „Македонија 2025“: Следува забрзан економски развој

Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, оствари средба со раководството на Македонија 2025.

Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Гордана Кочоска Димитриеска, членовите на ИК Сања Божиновска и Трајко Славески, меѓународниот секретар Стефан Андоновски и Зоран Ставрески, оствари средба со раководството на Македонија 2025.

На средбата беше потенцирана потребата од забрзан економски развој на Македонија и трансформација на државата, за што претседателот Мицкоски кажа дека е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ како идна влада.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи регулативна предвидливост за компаниите, поволен и ефикасен даночен систем и даночна администрација.

Воедно потенцирано е дека владата ќе работи на целосна дигитализација и на институциите и на услугите.

За да се подобри животниот стандард на граѓаните, потребно е да се подобри бизнис климата, што е еден од главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во партиското соопштение.

Претставничкиот дом сака да го казни Бајден за запирање на испораката на оружје за Израел

Претставничкиот дом на САД усвои нацрт-закон со кој ќе се санкционира администрацијата на претседателот Џо Бајден доколку продолжи да ја блокира испораката на оружје за Израел за војната во Газа.

Предлог-законот беше одобрен синоќа со 224 гласа „за“ и 187 „против“, а доколку помине и во Сенатот, ќе го намали буџетот на Министерството за одбрана, Стејт департментот и Советот за национална безбедност доколку Бајден не ја испорача стопираната пратка.

Законот, чиј текст ја осудува одлуката на Бајден да ја блокира испораката на бомби во Израел, беше поддржан од 16 членови на Демократската партија. /МИА

Полицијата ја претресе куќата на атентаторот на словачкиот премиер

Словачката полиција изврши претрес во домот на мажот обвинет дека тешко го ранил премиерот Роберт Фицо, кој се уште е во болница на одделението за интензивна нега, објавија локалните медиуми.

Според снимките на ТВ каналот Маркиз, истражителите го однеле осомничениот напаѓач, облечен во панцир и шлем, во станот што го дели со неговата сопруга во градот Левице.

„Полицијата помина неколку часа во станот, оттаму го зеде компјутерот и документите“, објави приватниот ТВ канал.

Полицијата одби да го коментира текот на истрагата и не сака да го открие името на осомничениот, но медиумите го идентификуваа како 71-годишниот пензионер Јурја Цинтулу.

Тој вчера беше обвинет за обид за убиство и напад кој полицијата го смета за „политички мотивиран“.

Премиерот Фицо беше нападнат завчера кога сакаше да ги поздрави насобраните на крајот од владината седница во градот Хандлови, на 80 километри од Левице. Фицо веднаш бил пренесен во болницата во Банска Бистрица, каде му била извршена петчасовна операција.

Новоизбраниот претседател Питер Пелегрини вчера рече дека премиерот се уште е во тешка состојба. Тој најави и дека во понеделник ќе заседава лекарскиот одбор за да одлучи за продолжување на лекувањето.

Нападот ја шокираше Словачка и ги поттикна стравувањата од натамошно насилство во високополаризираната земја, само неколку недели пред европските избори. /МИА

притисни ентер