Откако случајно ја пронашол сликата во подрум на куќа на италијанкиот отров Капри во 1962 година, Луиџи Ло Росо го однел платното дома во Помпеја. Ја закачил на ѕид во дневната соба, а неговата сопруга ја сметала сликата за „страшна“, пишува „Гардијан“. Се верува дека тоа е уште еден портрет на Дора Мар - француска сликарка и фотографка која му била љубовница и муза на Пикасо. Во горниот лев агол на сликата се гледа карактеристичниот потпис на познатиот уметник, но Луиџи Ло Росо не го знаел тоа.
Дури многу години подоцна, неговиот син Андреја се заинтересирал за сликата откако забележал слични уметнички дела во енциклопедија за историја на уметноста и семејството побарало стручно мислење и совет...
- Татко ми беше по потекло од Капри и често собираше секакви антиквитети, коишто потоа ги продаваше речиси „за џабе“. Тој ја нашол оваа слика пред да се родам и немал поим кој е Пикасо. Не беше премногу образован. Дознав за делата на Пикасо од историска енциклопедија. Го споредив и потписот. Постојано му кажував на татко ми дека потписот е сличен, но тој не обрнуваше внимание на тоа, раскажува Андреја.
На крајот, Чинција Алтиери - графолог и член на Фондацијата „Аркадија“ којашто се занимава со проценки, реставрации и верификација на уметнички дела, потврдил дека потписот на сликата е автентичен.
Пикасо починал во 1973 година, а за време на неговиот живот насликал повеќе од 14.000 дела. Па така, Фондацијата секојдневно добива пораки од луѓе кои тврдат дека имаат оригинал. Често престојувал на Капри и се верува дека оваа слика е создадена меѓу 1930 и '38 година и оти има неверојатна сличност со Пикасовата претходна „Женска биста“ (Buste de femme) (исто така портрет на Мар). Во меѓувреме Луиџи починал, а Андреја денес има 60 години и ја продолжува потрагата. Лука Марканте, претседател на Фондацијата „Аркадија“, верува дека може да има две верзии на делото „Женска биста“.
- И двете би можеле да бидат оригинали. Веројатно се работи за два портрета, не сосем исти, но се работи за истата тема што Пикасо ја насликал во различно време. Сепак, едно е сигурно: Сликата најдена на Капри денес се чува во трезор во Милано и е автентична, изјави Марканте за весникот „Ил џорно“ (Il Giorno).
Следно, Марканте ќе ги презентира доказите пред Фондацијата „Пикасо“.
Вредноста на ова дело на Пикасо денес се проценува на 6 милиони евра. /МИА