Проектот за реконструкција на Старата прилепска чаршија е претставен пред дуќанџиите

Прилепската стара чаршија, споменик на културата, ќе се реконструира за да се зачува нејзиниот автентичен лик, но и да се уреди инфраструктурно. 

Тоа е еден од поголемите проекти на прилепската локална самоуправа. Токму затоа, градските власти се сретнаа со дуќанџиите за да ги слушнат и нивните предлози.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски и одговорните на јавните претпријатија, од претпријатието за урбанистичко и просторно планирање и од прилепски водовод, на неформалната средба со сопствениците и со закупувачите на дуќаните, го претставија идејното решение за реконструкцијата на Старата чаршија, очекувајќи мислења, предлози и идеи од дуќанџиите за изнаоѓање на најдоброто решение.

Со проектот ќе бидат опфатени улиците „Републиканска", на потегот од аптеката „Зегин" во центарот на Прилеп до раскрсницата со „Борка Талески" и дел од улицата „Херој Карпош".

Според Јованоски со реконструкцијата на Старата чаршија, постојните травертински плочи ќе бидат заменети со гранитни плочи, сите жици и кабли од кабловските оператори ќе бидат сместени во подземни инсталации, фекалната канализација ќе биде комплетно реконструирана, а ќе се изгради и нова атмосферска канализација. Согласно со идејниот проект, по завршувањето на реконструкцијата, нема да се дозволи повторно монтирање на постојните застаклени делови од кафетериите.

Освен тоа, прилепски водовод ќе направи бесплатна замена на постојната водоводна мрежа, стара преку 70 години, за зголемување на безбедноста на објектите ќе се постави видео надзор, а значително ќе се подобри и осветлувањето.

-Во зависност од временските услови, комплетната реконструкција ќе заврши за 75 до 90 дена, а за целото време на изведувањето на работите, дуќанџиите и купувачите ќе имаат пристап до дуќаните, нагласува Јованоски.

Според предлозите на дуќанџиите, на нивно барање, договорено е реконструкцијата да почне на крајот на август или во почетокот на септември годинава. Тие побараа од градоначалникот да биде направен добар оперативен план, да инсистира градежните работи да се одвиваат ефикасно и да се запази планираниот рок на изведбата за да не им се нанесе штета во нивното функционирање.

Се бара решение преку предлози за да се реши прашањето со паркирањето на возилата и за одржувањето на хигиената во чаршијата и како да се подобри пристапноста до дуќаните.

Јованоски го прифати предлогот, со дозвола од прилепскиот „Завод и Музеј", да се реновираат и да се унифицираат фасадите на дуќаните.

Пред почетокот на работите за обновата на Старата прилепска чаршија градските власти и дуќанџиите ќе имаат средба за соодветно да се следат активностите./МИА

Пожар во Дом за стари лица во струмичко Банско, нема повредени

Пожар синоќа избил во Дом за стари лица во село Банско, Струмичко. Нема повредени лица, предизвикана е само материјална штета, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според Регионалниот центар за управување со кризи - Струмица, пожарот бил пријавен околу 23.30 часот. Во гаснењето на пожарот интервенирале седум пожарникари со две противпожарни возила. Пожарот целосно е изгаснат во 50 минути по полноќ.

- Прво биле евакуирани лица од катот каде што бил пожарот, потоа од долните катови. По целосното гаснење на пожарот, евакуираните лица полека се вратени на местата, собите од каде што биле евакуирани. Причината за пожарот и материјалната штета дополнително ќе бидат утврдени, појаснуваат од ЦУК.

Во денешното соопштение се наведува и дека изминатото деноноќие имало вкупно 1.759 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи - 112 во ЦУК.

Шолц го осуди нападот врз европратеник од германската Социјалдемократска партија

„Мораме јасно да ставиме до знаење дека никогаш не смееме да трпиме такви акти на насилство“, рече Шолц на конгресот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) во Берлин.

Германскиот канцелар Олаф Шолц остро го осуди синоќа нападот во кој беше претепан европратеник од неговата германска Социјалдемократска партија и изрази загриженост дека ваквите акти на насилство се зголемуваат и „се закана“ за демократијата во земјата.

„Мораме јасно да ставиме до знаење дека никогаш не смееме да трпиме такви акти на насилство“, рече Шолц на конгресот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) во Берлин.

Тој предупреди дека „демократијата е загрозена од таквите постапки“.

На конгресот во Берлин, партијата објави во декларација дека гласачите може да сметаат на европските социјалисти дека ќе се спротивстават на крајната десница.

„Никогаш нема да соработуваме, ниту да коалицираме со екстремната десница“ – ова е цврстото ветување на гласачите што левичарските политички лидери денеска го дадоа во декларацијата што ја усвоија во германската престолнина.

На Денот на македонскиот јазик велиме: СДСМ го заштити и го унапреди македонскиот јаазик

На Денот на македонскиот јазик со гордост велиме: СДСМ го заштити и го унапреди македонскиот јазик

Со многу посветеност, труд и ентузијазам СДСМ ги исполни заложбите за заштита и унапредување на македонскиот јазик.

На Денот на македонскиот јазик сите со гордост велиме: СДСМ го заштити и го унапреди македонскиот јазик.

Сонот и аманетот на Блаже Конески се исполнети, владата предводена од СДСМ успеа да се избори за македонски јазик признат и потврден од сите.

Македонскиот јазик е на исто рамниште со сите јазици во Унијата. Македонскиот јазик во ЕУ, признат и потврден, еднаш, засекогаш.

Направивме историски исчекор, со сите 27 членки го потпишавме првиот документ со Европската унија на официјален македонски јазик, чист, без фусноти, без ѕвездички и додавки.

Службите на ЕУ вработуваат преведувачи за македонски јазик.

Со Законот за употребата на македонскиот јазик, СДСМ направи вистински потфат во унапредувањето на јазикот.

Од овој Закон произлегуваат многу важни иницијативи, меѓу кои и стипендирање ученици од четврта година средно образование и на додипломски, магистерски и докторски студии, со што се прави голем исчекор кон мотивирање на младите за проучување на македонскиот јазик.

Се отвораат нови работни места за лектори во институциите. Се преземаат конкретни и суштински чекори за македонскиот јазик, за негова заштита.

На предлог на СДСМ денешниот ден е прогласен за ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година кога првата влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.

СДСМ чувајќи го македонскиот јазик, како наша посебност, како наша татковина, ја зајакнува државноста и темелот на македонскиот идентитет.

Скопје, 05.05.2024

СДСМ

притисни ентер