Бројни видеа објавени низ социјалните мрежи на кои можат да се забележат болници во Кина преплавени со луѓе, отворија дилема меѓу граѓаните дали на светот му се заканува уште една пандемија? Потврден е и првиот случај во Грција - објавија тамошните медиуми. Станува збор за 71 годишен маж од Солун кој бил хоспитализиран, а најверојатно се заразил од неговата ќерка која била на одмор во Кина.
Но позначавите смируваат, велат оти станува збор за респираторен вирус најчесто со полесни симптоми слични на настинка, кој во медицината постои со години и кој типично циркулира токму во зимскиот период во годината...Д-р Никола Пановски објаснува дека веројатноста секој од нас до 5 годишна возраст се сретнал со овој вирус е голема, а со тоа постои голема стапка на стекнат имунитет поради претходна изложеност.
- Од прилика до 5 годишна возраст сите ние сме биле во контакт со тој вирус, значи толку е многу проширен и затоа заболуваат пред се деца до 5 години, но и тие што биле во контакт со вирусот, значи вирусот дава потешки симптоми па можеби и хоспитализаија кај деца до 5 години кои прв пат се среќаваат со овој вирус и кај возрасни особено постари луѓе кои имаат други заболувања.
Сепак, Пановски вели дека состојбата во Кина треба да се следи од страна на експертите, поради можност од појава на повирулентен сој, во кој повторно во најголем ризик објаснува дека би биле најранливите категории. Потсетува дека тие секако треба да се особено внимателни во сезоните на вируси и грипови и да избегнуваат поголеми собирања во затворен простор.
- Посебна загришеност не треба да има, но треба да се внимава дали овој сој како што се гледа во Кина е нешто повирулентен од останатите. Ако е така да се заштитат помалите деца значи тие што воопшто не одат на училиште, постарите лица особено оние кои имаат астма кои секако треба да се заштитат кога има вакво аерозагадување.
Истражувањата покажуваат дека ХМПВ е втор најчест вирус меѓу децата до 5 годишна возраст и дека околу 12% од респираторните болести кај децата се предизвикани токму од овој вирус.