Пристигнува нов VW Golf, премиерата во март (ФОТО)

Volkswagen одлучи да го задржи иконското име, но на сосема нов производ.

Новиот Golf доаѓа наскоро, веќе во март, а со него и верзијата GTI. Но, немојте премногу да се возбудувате бидејќи не зборуваме за деветтата генерација на Golf. Фолксваген изгледа реши да нѐ збуни сите. Имено, во Волфсбург се подготвува фејслифт на актуелната осма генерација на Golf, а во исто време треба да пристигне и целосно нов независен модел со истото име.

Најавениот концепт ќе дебитира веќе следниот месец, а GTI треба да биде претставен во мај. Конечната сериска верзија наводно ќе пристигне во 2025 година. Новиот Golf ќе биде почетниот модел, претходно познат како ID.2, дознава британски Autocar.

Притоа, заборавете на претходниот концепт ID.Life. Изразениот аголен дизајн очигледно е напуштен бидејќи очигледно раководството не беше задоволно од дизајнот. Според последните информации, дизајнот на новиот модел ќе му биде доделен на Андреас Минд, кој во Фолксваген пристигна од Бентли.

Според инсајдерски информации, електричниот Golf ќе има должина од 4250 mm, што го прави поголем од Polo, но со димензии многу слични на ID.3. Иако ќе биде малку помал од Golf eight, би требало да биде далеку поуспешен во понудата на простор и практичност.

На изненадувањата им нема крај. Фолксваген на тој начин ја напушти ознаката GTX за спортските електрични модели. Имено, електрификацијата доживеа таква динамика што ќе се здобие со уште поспецијално име за спортска електрика - GTI. Погодувате, првиот електричен GTI ќе биде Golf.

На крајот, да напоменеме дека новиот Golf ќе се произведува во Марторело кај Барселона, каде е планирано производството на Cupra Urbanrebel и помалата електрична Škoda.

Во секој случај, да почекаме уште една недела до премиерата на концептот. Тогаш сè, вклучително и филозофијата на Volkswagen, ќе биде многу појасна.

Тежок удар за Баерн пред натпреварот на сезоната против Реал Мадрид

Дефанзивецот на Баерн Минхен, Рафаел Гереиро ќе го пропушти полуфиналниот реванш со Реал Мадрид во Лигата на шампионите, соопштија од клубот.

Тој заработи повреда при поразот од Штутгарт со 3:1.

Португалскиот дефанзивец беше подложен на лекарски преглед, по што му беше констатирано повреда на коленото и вкрстените лигаменти.

Реваншот помеѓу Реал Мадрид и Баерн ќе се одигра во среда на 8 мај на стадионот „Сантијаго Бернабеу“. Првиот натпревар заврши 2:2.

Државниот и политичкиот врв со честитки за Велигден

Државниот и политичкиот врв упатија честитка до верниците по повод велигденските празници.

-Христовото воскресение нѐ ослободува од стравот од смртта, но и нѐ обврзува, наместо пасивни набљудувачи, да бидеме активни учесници во обновата,– стои во честитката од претседателот на државата Стево Пендаровски.

Кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова која беше во Соборниот храм порача дека нема поголем празник од Велигден.

Премиерот на техничката влада Талат Џафери пак во честитката вели:

-Велигденската порака за победата на животот над смртта е порака која влева надеж дека за животот, вреди да се преземе секој чекор на храброст и пожртвуваност.

-Да се спротивставиме на сите непогоди, да ги победиме искушенијата, да бидеме солидарни едни кон други и да ги отвориме нашите срца за безусловна љубов, сочувство и заедништво, Истакнува во честитката собранискиот спикер Јован Митрески.

Честитки по повод Велигден и од лидерите на партиите. Претседателот на СДСМ димитар ковачевски пишува:

-Добрината и мудроста да бидат нашиот патоказ – стои во честитката од лидерот на сдсм димитар ковачевски. Овие големи празници носат голема духовна сила, да ги празнуваме секогаш заедно, во радост и спокој.

Додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на социјалните мрежи напиша:

-Поучени од христијанските начела, да си ја сакаме државата, да го сакаме ближниот, да направиме се утре да биде подобро од денес.

Мицкоски верува дека ќе има мнозинство–Ковачевски обвинува дека така се загрозува ЕУ иднината

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски верува дека неговата партија е блиску до мнозинство во Парламентот и не би се изненадил ако освои 61 пратеник.

Во изјава за медиумите по завршување на литургијата во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ Мицкоски изрази уверување дека во среда тие ќе слават двојна победа и на претседателските и на парламентарните избори, без да даде конкретен одговор што би било неуспех за партијата на двојните избори.

-На сите им е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори е блиску до мнозинство во парламентот. Не би се изненадил ако имаме 61 пратеник. За мене неуспехот не е неуспех. За мене е успех пред се она што се случи во првиот круг. Верувам дека во среда ќе имаме убедлива двојна победа, Гордана Силјановска Давкова ќе биде идниот претседател на Македонија, а коалицијата Твоја Македонија и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник, изјави Мицкоски.

Неговиот политички ривал, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, од синоќешниот митинг во Македонски Брод порача дека доколку ВМРО-ДПМНЕ и Силјаноска ја добијат власта, европската иднина на државата ќе биде загрозена, а земјата изолирана. Ги потсети граѓаните дека изборот на 8 мај е во нивни раце и тие одлучуваат во каква Македонија сакаат да живеат.

-Слушнете ги само изјавите на Мицкоски и неговата кандидатка Силјановска и ќе ви стане јасно дека немаат никаква намера да ја водат државата кон ЕУ. Напротив, ќе нè изолираат, ќе нè затворат, ќе нè скараат и со соседите и со меѓународната заедница. Јас можам цврсто да ви гарантирам дека СДСМ никогаш нема да се откаже од европска Македонија и ќе работиме сè додека таа цел не стане реалност, порача Ковачевски.

Двојните избори ќе се одржат во среда. Ден претходно, е изборен молк, а изборната кампања завршува в понеделник на полноќ.

притисни ентер