Прилепскиот театар со премиерната претстава „Ученикот“

 Прилепскиот народен театар утревечер ќе ја изведе последната премиерна претстава оваа година. 

Публиката на матичната сцена на театарот „Војдан Чернодрински“ ќе ја види претставата „Ученикот“ од Мариус фон Маербург, во режија на Кирил Петрески кој ја изврши и драматургијата на текстот.

Станува збор за современ драмски текст на германскиот автор Мариус фон Маербург. Претставата „Ученикот“ е според драмскиот текст „Маченик“ од Мариус фон Маербург и со кратки сцени, со филмски јазик, ги прикажува современите предизвици на младата генерација. Авторот се занимава со проблемите со кои сите ние се среќаваме.

-Сите ние во ова време се соочуваме со предизвиците и опасностите од разни ектремности, политички, религиозни или економски. Во драмскиот текст еден млад човек се среќава со сите тие презизвици и прашање е како тој се соочува и се бори со нив, рече режисерот Петрески на денешната прес-конференција во Театарот.

Актерот Зоран Иваноски смета дека во краткиот рог на кој работеле на претставата постигнале многу.

-Во мојата дваесетгодишна актерска кариера ми се нема случено ваков интензивен краток период на работа – толку сложено, а едноставно во исто време. Младите актери ми ја вратија желбата и волјата да творам, рече актерот Иваноски.

Во претставата играат пет млади актери кои се новиот бран актери, нови, модерни, бескомпромисни уметници кои треба да го повлечат во иднина прилепскиот народен театар.

Во претставата играат: Зоран Иваноски, Марија Спиркоска Илијеска, Александар Тодески, Лора Штарго, Наум Ѓорѓиески, Димитар Паскоски, Марија Талеска и Иво Јездиќ. Сценографијата и плакатот се на Владо Ѓорески, костимите на Александар Џинго, а музиката на Серафим Чернит. /МИА

Кефалојанис: Грчката „Железна купола“ ќе има четирикратна функција

Целта е да имаме целосно функционална купола во пролетта 2026 година, која во суштина ќе има четирикратна функција.

Противвоздушна, противдронска, антибалистичка, но и противбродска одбрана ќе има грчката „Железна купола“, што се очекува во првите месеци на 2026 година да биде ставена во функција, а ќе чини над две милијарди евра, според заменик-министерот за одбрана на Грција Јанис Кефалојанис, кој откри детали говорејќи за радијата „Скај“ и „Talk radio“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Целта е да имаме целосно функционална купола во пролетта 2026 година, која во суштина ќе има четирикратна функција. Ќе биде и противдрон и антибалистички и противвоздушен, во однос на воздушните закани, но и противбродски систем во однос на поморските закани. Го штитиме Егејското море од секаква можна опасност, без во првата фаза, да мораме да ги користиме авионите кои досега пресретнуваа или бродовите кои вршат набљудување на море. Очигледно ќе биде скап систем, нема да чини, според првите процени, под 2-2,5 милијарди евра, објасни Кефалојанис за „Talk radio“.

Додаде дека конечниот износ ќе се утврди преку тендерскиот процес, а во однос на видот на системот рече дека во некои аспекти ќе биде како израелскиот, „но бидејќи заканата е различна од онаа со која се соочува Израел, карактеристиките може да бидат малку поинакви“.

Во интервјуто за „Скај“ посочи дека „кога постои нелегален casus belli од страна на Турција“, мора да бидат подготвени во секое време да ги обезбедат суверените права и истакна дека станува збор за систем што е за одвраќање, а не за напади и ќе ја покрива целата земја.

Белгија без нова Влада и 200 дена по изборите

Изминаа 200 дена од јунските парламентарни избори во Белгија, а засега на повидок нема конечен договор за формирање на нова белгиска Влада. 

По Божиќните празници, вчера беа обновени преговорите меѓу петте идни потенцијални владини партнери - десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), валонското либерално Реформско движење (МР), валонската центристичка партија Посветените (ЛЕ), фламанската социјалдемократска партија Напред (Вуројт) и десноцентристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ). Вчерашните преговори беa на техничко ниво, а средби на партиските лидери се предвидени за викендов.

Последниот состанок на лидерите на партиите од потенцијалната „Аризона“ коалиција се одржаа во понеделникот и на нив, според партиски извори, се разговарало за социо-економските реформи предложени од мандатарот и прв човек на Н-ВА, Барт Де Вевер.

Истите извори за белгиската државна новинска агенција Белга посочија дека преговорите минале во „смирена и конструктивна“ атмосфера.

Информациите за смирување на тензиите доаѓаат по минатонеделниот жесток напад на лидерот на МР, Жорж-Луј Буше врз актуелниот министер за финансии Винсент Ван Петегем, кој е еден од истакнатите членови на ЦДВ, поради реформата на законодавството за авторски права. Според медиумските извештаи, Буше наводно се заканил дека „лично ќе се погрижи“ Ван Петегем да не биде повторно министер.

Буше потоа ретерираше, па во интервју за телевизијата Бел РТЛ изјави дека не станува збор за негов личен напад врз Ван Петегем, туку дека само „немаат иста визија за оданочувањето“.

Запрашан дали Ван Петегем би можел да остане министер за финансии и во идната Влада, Буше одговори дека за да се случи такво нешто ќе мора да ја „прилагоди својата позиција“ за даночната политика.

Буше во интервјуто уште изрази и надеж дека договорот за формирање на нова Влада ќе биде постигнат до 9 јануари, кога пратениците во белгискиот Парламент се враќаат на работа по божиќните и новогодишните празници.

Името „Аризона“ за потенцијалната идна владина коалиција потекнува од боите на петте партии – жолта (НВ-А), сина (МР и ЛЕ), црвена (Ворујт) и портокалова (ЦДВ), кои се и на знамето на американската сојузна држава Аризона. Актуелната владина коалиција во Белгија се нарекува „Вивалди“, како алузија на делото на композиторот Антонио Вивалди, „Четири годишни времиња“, бидејќи Владата ја сочинуваат либерали, социјалдемократи, демохристијани и екологисти.

На изборите на 9 јуни, Н-ВА освои 24 пратеници, пред националистичката и десно популистичка Фламански интерес (ВБ) и РМ со по 20, валонската Социјалистичка партија (ПС) со 16, Работничката партија на Белгија (ПВДА/ПТБ) со 15, ЛЕ со 14, Вуројт со 13, ЦДВ со 11, Отворени Фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) со 7, Зелените со 6, Еколо со 3 и бриселската регионална либерална партија Независни федерални демократи (ДЕФИ) со 1 мандат.

Неколку недели по изборите, белгискиот крал Филип му довери задача на Де Вевер да се обиде да состави нова владина коалиција, но кон средината на август тој го врати мандатот. По ова, кралот на 23 август го задолжи лидерот на ЛЕ, Максим Прево да посредува во обидите за формирање нов владин кабинет. На 1 септември Прево изјави дека неговата мисија била успешна и дека петте партии потенцијални коалициски партнери ја потврдиле „својата решеност да ги спроведат важните структурни реформи, кои треба да ја вратат Белгија на колосекот на просперитетот и благосостојбата за нејзиното население и економија“. Веќе следниот ден кралот Филип одново го задолжи Де Вевер да ги продолжи преговорите за формирање идна владина коалиција, за што првичниот краен рок беше 23 септември, но тој потоа беше продолжуван во неколку наврати. Последниот „каен рок“ што кралот му го даде на Де Вевер е 7 јануари.

Според медиумските извештаи, спорни прашања во преговорите за новата Влада се усогласувањето на државниот буџет за 2025 година и реформите на пазарот на трудот, пензиската политика и даночниот систем.

Како еден од поголемите проблеми се посочуваат и одредени несогласувања меѓу Вуројт и МР, кои според белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ, не се само во однос на содржината на владината програма, така и на персонална основа. Така МР го обвини лидерот на Вуројт, Конер Русо дека „не се осмелува или не сака да постигне договор“ за нова Влада, додека фламанските социјалдемократи тврдат дека токму првиот човек на валонските либерали Буше го оневозможува постигнувањето договор со тоа што „вика и вреска на состаноците“.

На почетокот на декември пратеникот Жан-Лук Круке, кој е еден од главните преговарачи на ЛЕ, изјави дека сите партии вклучени во преговорите „имаат намера да успеат“, а тоа што не успеваат да постигнат договор „не мора да значи дека процесот е блокиран“.

- Петте партии останаа на преговарачка маса. Она што е важно е волјата да се преговара до самиот крај, изјави Круке, изразувајќи надеж дека договор за формирање нова Влада сепак ќе биде постигнат до пред крајот на годинава.

Инаку, Актуелната белгиска Влада во заминување беше формирана во октомври 2020 година, 494 дена по изборите одржани на 26 мај 2019 година. /МИА

Како да ги исчистите валканите седишта во автомобилот?

Одговорите се скриени во вашето домаќинство.

Автомобилските седишта се направени од исклучително цврсти ткаенини кои можат да издржат големи оптоварувања. Сепак, тие се чувствителни на мрсна храна или чоколадо, па дамките остануваат.

Како да ги отстраните? Покрај специјализираните алатки што можете да ги купите во продавниците, решението можеби се крие во вашето домаќинство.

Со дамки на седиштата можете да се борите со пена за бричење, вода во која ќе додадете малку оцет или ако не ви се допаѓа мирисот на оцет, сок од лимон, пишува Ревијахак.

Нанесете пена за бричење на делот од седиштето што е валкан или мрсен, почекајте една минута, а потоа темелно избришете ја целата површина со сува крпа.

Ако користите оцет, додадете малку од него во сад со топла вода. Можете да додадете и малку течен детергент за миење садови. Лесно намачкајте го валканиот дел од седиштето, а неколку минути подоцна избришете го со крпа натопена само во чиста вода и повторно, неколку минути подоцна, избришете сè со сува крпа. Истото важи и за сокот од лимон, кој можете да го користите наместо оцет.

Доколку овие домашни методи не го решат проблемот, сепак ќе треба да купите специјализиран производ или да го однесете автомобилот на професионално чистење.

Извор: Б92

притисни ентер