Претседателката Сиљановска Давкова на 16 дена активизам против родово-заснованото насилство

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на централниот настан насловен „Насилство врз младите жени и девојки: сексуално вознемирување, демнење и контролирачко однесување“ .

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на централниот настан насловен „Насилство врз младите жени и девојки: сексуално вознемирување, демнење и контролирачко однесување“ што во организација на мисијата на ОБСЕ во Скопје се одржа во Културно-едукативниот центар Лабораториум, а во рамки на 16-те дена активизам против родово-заснованото насилство.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека овде се собрани за да се фрли светлина на едно прашање што предолго време фрла сенка на премногу животи, а тоа е родово-заснованото насилство, злосторство што ги надминува границите, ги надминува културите, го надминува социо-економскиот статус и бара обединета акција.

„Најважна за лекувањето на проблемот е идентификацијата, видливоста на оние кои се најранливите категории зошто идентификацијата тогаш е со нив и се чувствуваат покомотно и позаштитено“, истакна Претседателката повикувајќи ги сите, не само жената и децата да ја прекинат тишината и молкот.

„Треба да ја оспориме неправдата, треба да ја потврдиме посветеноста во свет кадешто безбедноста и достоинството не се привилегија на најголемите и најсилните, туку се права што мора да ги уживаат сите, и малите држави и запоставените и поинаквите по било кој основ, тоа е човечка обврска“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

„Овде како лидери, како креатори на политики, како застапници на сечии интереси, а најмногу на интересите на најранливите, имаме моќ да обликуваме еден свет во којшто нема да го толерираме ваквото насилство“, нагласи Претседателката додавајќи дека за да се постигне тоа треба да се отворат мировни фронтови на сите страни, мора да се оспорат, да се предизвикаат штетните стереотипи, мора да се посочува и да се спроведува еднаквост без оглед на припадноста, но најважно е мора да се почитуваат вредностите, да се промовира ненасилство уште од најрана возраст.

На настанот на којшто се обратија министерката за образование и наука, Весна Јаневска, пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, Жаклина Пешевска, а видео обраќање имаше шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал, беше прикажан видео материјал создаден во соработка со Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, по што се одржа панел дискусија со релевантните чинители.

Централен дел на настанот беше потпишувањето на Декларацијата на намери, како јавна заложба за борба против насилството врз младите жени и девојки и којашто содржи десет акциски точки со конкретни мерки кои Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе ги поддржи во 2025 година. Декларацијата беше потпишана од претседателката Сиљановска Давкова, министерката за образование, Весна Јаневска, претставници на локални училишта, младински организации и НВО-и активни во борбата за ставање крај на насилството врз жените, соопштуваат од Кабинетот.

Мурињо ги отфрли гласините за Роналдо во Фенербахче: Тоа е смешно

Многу светски медиуми завчера пишуваа дека Жозе Мурињо го контактирал Кристијано Роналдо и го прашал дали ќе му се придружи во Фенербахче по истекот на договорот со Ал Наср.

Било посочено дека стрелецот на 68 гола во 79 натпревари за клубот од Саудиска Арабија наводно е подготвен да се врати во Европа, но доколку тоа се случи, се чини дека во моментов нема комбинации кои повторно ги спојуваат Мурињо и Роналдо.

Во текстовите кои ја објавија веста пишуваше дека Мурињо му се јавил на Роналдо, го прашал дали е среќен во Саудиска Арабија и дали сака да замине. Наводно го прашал и дали ќе дојде во Фенербахче. Мурињо тоа го демантира.

"Вестите за Кристијано Роналдо и Фенербахче се смешни. Кристијано може да дојде во Истанбул на ручек бидејќи е на половина пат помеѓу Саудиска Арабија и Португалија. А можеби ќе дојде да го види својот стар пријател Жозе. Ќе јадеме во мојот хотел", рече Мурињо. .

Фенербахче, е турскиот рекордер со 28 освоени првенствени титули. Мурињо го водеше Роналдо низ дел од кариерата во Реал Мадрид.

Русите сменија генерал- лажел за напредувањето на трупите во Доњецк

Русија смени висок командант од функцијата поради лажни тврдења за напредокот на војната во делови од источна Украина, објавија руските медиуми.

Генерал-полковник Генадиј Анашкин, командантот на групата Јужни сили, е разрешен откако дал погрешни информации за рускиот напредок во близина на населбата Сиверск во источниот регион Доњецк, пренесе Си-Ен-Ен.

Руските медиуми ја објавија смената на Анашкин, повикувајќи се на неименувани извори во руското Министерство за одбрана кои рекоа дека тој бил отстранет како дел од планираната ротација. Нема официјална потврда од руските власти.

Некои воени блогери тврдат дека лажните извештаи на неколку команданти за ситуацијата на теренот довеле до големи загуби меѓу руските единици.

Руското Министерство за одбрана не ги коментира извештаите.

Во Уругвај се одржуваат неизвесни претседателски избори

По предизборната кампања во Уругвај која помина без жестоки конфликти, се предвидува тесна трка пред изборите меѓу левичарскиот кандидат Јаманду Орси и конзервативецот Алваро Делгадо од владејачката партија.

Иако Орси беше малку понапред според последните анкети, преовладува мислењето дека кандидатите имаат изедначени шанси.

Одлучувачки фактор ќе биде привлекувањето на гласовите на поддржувачите на кандидатите елиминирани во првиот круг. Околу 2,7 милиони луѓе излегуваат на гласање во јужноамериканската земја каде гласањето е задолжително.

Популарниот актуелен претседател Луис Лакал Поу, според Уставот, не можеше повторно да се кандидира.

Иако политичкиот живот во Латинска Америка се карактеризира со силна поларизација, политичко насилство и авторитарни тенденции, Уругвај се смета за модел на демократска земја.

Левичарот Орси, доколку победи, има намера да се бори против сиромаштијата и да преземе решителни мерки против корупцијата. Конзервативецот Делгадо најави планови за продолжување на политиките на актуелната влада и намалување на бирократскиот апарат.

Според анкетите, Уругвајците најмногу се загрижени за безбедноста, економската ситуација и работните места. Од враќањето на демократијата пред 40 години, владите на десниот и левиот центар наизменично се менуваа на власт.

Без разлика на исходот од изборите, радикални промени не се очекуваат.

„Граѓаните не сакаат длабоки промени, туку само мали прилагодувања“, вели Маријана Помиес, директор на агенцијата за истражување на јавното мислење Цифра, во интервју за весникот „Ел Обсервадор“.

притисни ентер