Претпладне сончево, попладне дожд и ветер

 Во земјава ќе преовладува претпладне сончево време со мала до умерена облачност, a од пладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. 

На места процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со изолирана појава на град. Минималните температури ќе бидат во интервал од осум до 15, а максималните ќе достигнат од 20 до 27 степени.

Во Скопје претпладне ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност, попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималните температури ќе се спуштат до 13, а максималните ќе достигнат до 26 степени.

Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно и топло време, во попладневните часови нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На места процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со поинтензивен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.

Украинско МО: Ова е Херсон денеска - го гранатираа, поплавија, но не успеаја во ништо

Украинското Министерство за одбрана објави фотографија за која тврди дека го прикажува градот Херсон,  еден ден по поплавата предизвикана од уништувањето на браната во хидроцентралата Нова Каховка.

„Ова е Херсон денеска. Русите се обидоа со се што можеа да го освојат овој град. Испратија војска, го гранатираа, го поплавија. Не успеаја во ништо. Така и ќе продолжи. Како во Херсон, така и на други места во Украина“, соопшти украинското Министерство за одбрана.

Како потсетување, Херсон е единствениот главен град на украински регион што Русите го окупираа на почетокот на инвазијата, а потоа се повлекоа од него под притисок на напредувањето на украинските сили, за на крајот и да го ослободат. /МИА

Потпретседателката на САД повика да се обезбеди независност на судството во Израел

Американската потпретседателка Камала Харис ги повтори повиците до Израел да обезбеди независност на судството по масовните протести против реформскиот план на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Харис говореше синоќа на прием по повод 75-годишнината од основањето на еврејската држава организиран од Амбасадата на Израел во музејот во Вашингтон.

Таа вети цврста поддршка за безбедноста на Израел, но се осврна и на реформскиот план на Нетанјаху.

„Под претседателот Џо Бајден и нашата администрација, Америка ќе продолжи да се залага за вредностите кои беа основа на односите меѓу САД и Израел, кои вклучуваат продолжување на зајакнувањето на нашата демократија“, рече Харис.

Таа додаде дека „вредностите на двете земји се изградени на силни институции, контроли и рамнотежа и независно судство“.

Нетанјаху, кој ја предводи најдесничарската влада во историјата на Израел, предложи намалување на овластувањата на Врховниот суд и давање поголемо влијание на политичарите при изборот на судии.

По масовните улични протести и бојкотот од страна на противниците на реформите, кои велат дека тоа ја уништува демократијата, Нетанјаху во март најави „пауза“ за да овозможи разговори за реформи.

Во исто време, Бајден рече дека е „многу загрижен“ за предлогот на Нетанјаху, кој наиде на критики од некои десничарски сојузници на израелскиот лидер.

Харис, исто така, ја повтори поддршката за независна палестинска држава, на што се спротивставуваат голем број поддржувачи на Нетанјаху, велејќи дека Израелците и Палестинците треба „да уживаат еднаква слобода, просперитет и демократија“.

Потпретседателката на САД присуствуваше на приемот со нејзиниот сопруг Даг Емхоф, првиот сопружник Евреин на американски претседател или потпретседател, и рече дека како девојче собирала донации за Еврејскиот национален фонд за развој во израелските заедници.

„Денес, под водство на претседателот Џо Бајден, САД имаат нераскинлива врска со државата Израел“, рече Харис. /МИА

За брзо возење санкционирани 369 возачи

Вкупно 369 возачи се санкционирани во текот на вчерашната засилена акциска контрола на територијата на земјава што ја спроведе Министерството за внатрешни работи за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената.

Од нив, како што информира МВР, 24 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 199 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 170 надвор од населено место.

Од МВР најавуваат дека и во наредните денови ќе продолжат сообраќајните контроли и апелираат сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за, како што велат, заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.

притисни ентер