Пресуди за „Рекет“, 9 години затвор за Боки 13, Катица Јанева осудена на 7 години

Судот на првообвинетиот во случајот „Рекет" Бојан Јовановски – Боки 13 денеска му изрече казна затвор од девет години, а на второобвинетата Катица Јанева затворска казна од седум години.

Поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, доби казна од 7 години , за злоупотреба на своето влијание , а Бојан Јовановски – Боки 13 доби казна затвор од 9 години за примање награда за против законито влијание и за перење пари и Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување.

Јанева не присуствуваше на денешната објава на пресудата за случајот „рекет“, остана дома. На рочиштето во големата сала на Врховниот суд беа нејзините бранители Ирена Фрчковска и Дељо Кадиев.

Судот Бојан Јовановски ги прогласи за виновен за сторените кривични дела – „примање награда за противзаконити влијание" и за „перење пари", а Катица Јанева за „злоупотреба на службена положба и овластувања.

Судот за определување на казните за сторените кривични дела, рече судијката Васка Николовска Масевска, рече дека се водел од олеснителните, брачен статус, но и отежнителните околности, како угледот и положбата на обвинетите.

На објавата на пресудата за случајот „Рекет" денеска во големата сала на Врховниот суд во Скопје присуствува само првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13, додека второобвинетата Катица Јанева не дојде во судот и одлуката ќе ја слушне во домашен притвор.

Во тек на овој судски процес беа презенитрани низа материјални и вербални докази. Како сведоци за „Рекет" во судот исказ дадоа бизнисменот Орце Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинари од телевизијата 1ТВ, обвинителите Лиле Стефанова, Елизабета Јосифовска, Бурим Рустеми, Фатиме Фетаи од СЈО и други. Обвинителството изнесе видео записи и фотографии обезбедени од ПИ мерки, како и фотографии и записиници од одземени предмети од домот и канцелариите на обвинетите, но и видеа направени од домот на сведокот-оштетен бизнисменот Јордан Камчев.

Во описот на обвинителниот акт покренат од Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, се вели дека обвинетиот Бојан Јовановски, влијаел врз обвинетата Катица Јанева, за таа да донесе поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја", случај кој го почна поранешното Специјално јавно обвинителство.

Јовановски и Јанева во своите завршни зборови пред судот негираа вина и рекоа дека не го сториле делото за кое се товарат. Обвинителството, според нив, не изнело докази за делото за кое ги товари и дека целото обвинение е врз основа на исказ на еден сведок – кој е оштетен во случајот. Целиот случај за Јовановски е политичка конструкција, додека за Јанева е клевета.

Судењето за предметот „Рекет" почна во ноември минатата година. Обвинението беше поднесено против три лица. На првото рочиште за овој случај обвинетитот Зоран Милевски-Кичеец ја прифати вината и на следното рочиште беше осуден на три години затвор. Другите двајца обвинети Јовановски и Јанева, се изјаснија дека се невини и против нив се води судска постапка во која беа презентирани низа материјални и вербални докази од страна на Обвинителството.

Шолц ги посети поплавените региони во југозападниот дел на Германија

 Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.

Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.

Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.

„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.

Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.

Неколку згради во градот се евакуирани бидејќи куќи и подруми се поплавени. Автомобилите беа делумно потопени, а улиците се наполнија со вода.

Градот воспостави алтернативно сместување во училиштата и телефонска линија за погодените од поплавите.

Засега нема информации за точниот обем на штетата, ниту пак пријавени жртви.

Повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар наврнаа во Сар за помалку од 24 часа, според вчера објавените податоци на германската метеоролошка служба. /МИА

Во Украина стапи во сила законот за мобилизација

Во Украина денеска стапи во сила оспоруваниот закон за мобилизација, јавија светските агенции

Ова, како што наведуваат агенциите, се случува во момент додека Киев се обидува да го зголеми бројот на украински војници откако Русија започна нова офанзива која, според аналитичарите, може да ги доближи руските сили до вториот по големина град во Украина.

Законот ќе го олесни идентификувањето на секој регрут во земјата. Таа, исто така, обезбедува стимулации за воениот персонал, како што се парични бонуси или пари за купување дом или автомобил, што според некои политички набљудувачи, Украина не може да си ги дозволи.

Пратениците одложуваа со месеци и го усвоија законот во средината на април, една недела откако Украина ја намали возраста за повикување на воена служба од 27 на 25 години. /МИА

Едно лице загина, а шест се повредени во судири во либискиот град Завија

Најмалку едно лице загина денеска, а шест се повредени во жестоки судири во западниот либиски град Завија.

Учесниците во судирите биле повикани на прекин на огнот за да се спасат семејствата заробени во зоната на конфликтот, јави либиската телевизија Алахрар.

Али Ахнеш, шеф на огранокот на Црвената полумесечина Завија, изјави за телевизијата дека 10 семејства се евакуирани и повика на „прекин на огнот за евакуација на семејствата лоцирани во областите каде што се случија судирите“.

Волонтерите на Црвената полумесечина добија повици од семејства во конфликтните области кои бараа да бидат евакуирани, рече тој.

Засега не се знае кој учествувал во судирите ниту зошто дошло до судирите.

Либија е зафатена од немири по соборувањето и бруталниот атентат на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи во 2011 година./МИА

притисни ентер