Премиера на Шекспировата „Многу врева за ништо“ во режија на Дејан Пројковски

Шекспировата „Многу врева за ништо“ во режија на Дејан Пројковски и во продукција на „Театар Комедија“ ќе биде изведена премиерно в понеделник од 21 часот кај Паркот на езерата во општина Аеродром, за затворање и во чест на наградените на меѓународниот фестивал „Гола месечина“.

Според режисерот Пројковски, претставата се занимава со театарот и животот, со сонот и јавето, па во одредени моменти актерите се ликовите на Шекспир, а во други моменти се луѓе кои во гримјорната ја носат својата приказна и тежина. Посочи дека претставата се поигрува со жанрови и со стилови, како што рече: театарска илузија со големи актерски трансформации.

„Многу врева за ништо“ зборува за љубовта, за љубовните бури на младите луѓе во борбата да се пронајде и да се случи вистинската љубов. Има момент во претставата кога влегуваме многу реско во трагедијата за потоа на крајот сами да ја растуриме, да ја иронизираме, да влеземе преку една гротеска.

Но интересното е тоа што постојано се игра на различен начин. Линијата се држи меѓу двата жанра, и меѓу театарот и животот. Некогаш се обидуваме да ги споиме, па гледачот треба сам да оцени што точно е вистината или театарот. „Театар Комедија“ направи одлична актерска екипа. За еден актер да биде комплетен треба прекрасно да игра, да зборува стихови, да пее, да свири и танцува. Тие се прават во претставата и неа би ја дефинирал како театарска магија, изјави Пројковски.

Во „Многу врева за ништо“ играат актерите: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Жарко Димоски, Илија Илиоски, Роберт Ристов, Едмонд Сотир, Крсте Јовановски, Ердоан Максут, Зорица Нушева, Нина Деан, Драгана Левенска и Ева Скендеровска. Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, композитор Горан Трајковски, а кореограф Елена Прокопева.

Фестивалот „Гола месечина“, кој го организираат „Театар Комедија“ и Општина Аеродром со поддршка на Министерството за култура, се одржува од 21 јуни, кога почна со „Хамлет во пикантен сос“ во продукција на „Театар Комедија“.

Во трка за награди се: „Сомнително лице“ на МНТ, „Без паника“ на Битолски театар, „Подземна комедија“ на театарот „Антон Панов“-Струмица, и „Солунски патрдии“ на Драмскиот театар, и две гостински претстави - „Хамлет во Долна Мрдуша“ на Народно позориште од Тузла и „Пукна срам“ на белградска приватна продукција.

Директорката на „Театар Комедија“ Јелена Жугиќ е задоволна од посетеноста на фестивалот, и покрај тоа што во исто време се пренесуваат фудбалските натпревари од СП во Бразил.

- На отворањето на 21 јуни имавме две илјади и секоја вечер е така. Од вчера и полиција имаме на терен зашто луѓето ги туркаат вратите за да се пробијат, а не може да ги пуштиме да стојат. Како за прва година одѕивот е одличен и е мотив и искуство за догодина, малку со повеќе ред и со подобра логистика. Се надевам секоја година и со поголем буџет, зашто тоа значи и подобар квалитет, особено за претставите што ги носиме од надвор, а тоа е скапо, рече Жугиќ. /МИА

Работно време на паркиралиштата на ЈП ПОЦ за Велигденските празници

Паркирањето во Општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. 

Утре, во недела и понеделник, граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ појаснуваат дека согласно програмата за неработни денови за 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, сабота е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ќе работат со вообичаено работно време.

Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.

Посочуваат дека редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи во вторник со вообичаено работно време. /МИА

Србија доби нова Влада, премиер Милош Вучевић, 31 министер и 26 министерства

Собранието на Србија вечерва ја избра новата Влада на Србија на чело со претседателот Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

За новата влада од 250 пратеници колку што има српското собрание, за владата гласаа 152 од 213 присутни пратеници, а 61 беа против. Воздржани немаше, а отсутни беа 37 пратеници.

Новата Влада на Србија ќе брои 31 член, од кои пет се министри без ресор. Новата влада има третина од новите имиња во однос на претходната Влада на Србија предводена од Ана Брнабиќ.

Премиерот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница вчера најави дека владата ќе биде континуитет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Северна Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа.

Во новата влада Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ-министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар-министер за здравство, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Јелена Беговиќ-наука и иновации и Хусеин Мемиќ министер за туризам.

Милан Кркобабиќ е министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ е министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /МИА

Иран воведе санкции за поединци и правни субјекти од САД и Велика Британија

Иран воведе санкции за неколку американски и британски физички и правни лица поради нивната поддршка за Израел во војната против палестинската организација Хамас во Појасот Газа, јавија француските медиуми.

Во соопштение Исламската Република - жесток непријател на Израел – наведува дека воведува санкции за седум американски граѓани, вклучувајќи го генералот Брајан Фентон, шеф на командата за специјални операции, и вицеадмиралот Бред Купер, поранешниот шеф на американската морнарица на Блискиот Исток.

Меѓу британските функционери и институции кои се санкционирани се министерот за одбрана Грант Шапс и Кралската морнарица во Црвеното Море.

Санкции се воведени и за американските компании „Локид Мартин“ и „Шеврон“, како и за британските „Елбит системи“, „Паркер Мегит„ и „Рафаел УК“.

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека санкциите вклучуваат „блокирање на сметките и трансакциите во финансискиот и банкарски систем на Иран, замрзнување на средства под јурисдикција на Исламската Република Иран и забрана за визи и влез на иранска територија“.

Меѓутоа, останува нејасно влијанието на овие мерки врз поединците или субјектите, како и какви било средства или трансакции со Иран, пренесуваат француските медиуми.

Иран не ја признава државата Израел и ја стави поддршката за палестинската кауза како камен-темелник на својата надворешна политика од Исламската револуција во 1979 година.

Од почетокот на војната во Појасот Газа, која започна на 7 октомври со неиспровоциран напад на палестинското исламистичко движење „Хамас“ на израелска територија, мнофукратно се кренати тензиите меѓу Израел, од една страна, и Иран и неговите сојузници, особено либанскиот „Хезболах“, од друга.

Ситуацијата меѓу двете земји ескалираше на 13 април кога Иран започна невиден напад врз Израел користејќи 350 дронови и проектили, од кои повеќето беа пресретнати со помош на САД и другите сојузнички земји.

Неколку дена подоцна, во друг напад, што му се припишува на Израел, беше погоден аеродромот во Исфахан, во централен Иран, но таму беше предизвикана само ограничена штета. /МИА

притисни ентер