Премиера на претставата „Хенгинг Араунд“ во МНТ

Во Македонскиот народен театар  вечер од 20 часот премиерно ќе биде изведена  претставата „Хенгинг Араунд“ по текст на Љупчо Јованов, во режија и адаптација на Бојан Трифуновски.

МНТ соопшти дека дејството во претставата се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни. Главните ликови во приказната 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа.

-Можеби се Дисмас и Гестас, но пред да ги распнат, можеби некако им избегале на Римјаните и продолжиле да го живеат својот динамичен живот, овојпат празен и лишен од средба со Спасителот. Можеби патем решиле да се смират, да создадат семејство со единствена цел, да умрат во длабока старост почитувани од пријателите и сакани и жалени од најблиските. Дали нивниот карактер, судбина, ги натерала повторно да си ја пробаат среќата и да започнат нова авантура, да влезат во нова приказна..., наведува Македонскиот народен театар.

Во претставата играат Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.

Синер: Морав да се повлечам од турнирот во Мадрид

Италијанскиот тенисер Јаник Синер објасни зошто решил да се повлече од турнирот во Мадрид.

Во четвртфиналето на Мастерсот требаше да игра со Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим, кој сега автоматски се пласираше во полуфиналето, каде што ќе игра со победникот од двојката Данил Медведев - Јиржи Легечка.

- Многу е тажно да го пропуштам мојот следен натпревар овде во Мадрид. Колкот ме мачи оваа недела и болката постепено се влошува. Следејќи ги советите на лекарите, решивме дека е подобро да не играме понатаму. Во текот на следните неколку дена ќе спроведам други тестови и ќе ги следам советите на специјалистите за закрепнување. Ви благодарам за поддршката, напиша Синер на социјалните мрежи.

Оваа сезона 22-годишниот Италијанец освои три турнири - Австралија опен, како и турнирите во Ротердам и Мајами. /МИА

Блинкен го повика Хамас да се согласи за примирје за да им помогне на луѓето во Газа

Хамас соопшти дека ќе одговори „во многу краток период“ на предлогот.

Највисокиот американски дипломат Антони Блинкен го повика Хамас да го прифати планот за примирје во Газа и покрај израелското предупредување дека армијата ќе продолжи да се бори против палестинската милитантна група по каков било прекин на огнот.

Посредниците предложија договор за примирје со кој би се запреле борбите на 40 дена и би се размениле заложници.

Хамас соопшти дека ќе одговори „во многу краток период“ на предлогот.

„Хамас треба да каже „да“ и треба да го заврши тоа“, рече Блинкен синоќа додека беше во Израел на својата седма турнеја на Блискиот исток од почетокот на конфликтот во октомври.

Тој подоцна додаде: „Ако Хамас всушност тврди дека се грижи за палестинскиот народ и сака да види итно олеснување на неговото страдање, треба да го прифати тој договор“. /МИА

Фон дер Лајен во посета на Либан

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во придружба на шефот на кипарската држава Никос Христодулидес ќе престојува во посета на Либан. 

Како што соопшти Европската комисија, предвидено е Фон дер Лајен и Христодулидес во Бејрут да се сретнат со либанскиот премиер Наџиб Азми Микати и со претседателот на Парламентот, Набих Бери.

Либан нема претседател од октомври 2022 година кога истече мандатот на дотогашниот шеф на државата Мишел Аун, а Парламентот од тогаш не успеа да обезбеди мнозинство за избор на негов наследник.

Според најавите, се очекува Фон дер Лајен и Христодулидес на своите либански домаќини да им претстават пакет економска помош за земјата за справување со проблемот стотициите илјади сириски беглаци за кои постои стравување дека би можеле да се упатат кон Кипар, во обид да дојдат на територијата на ЕУ.

Дополнително на средбите ќе стане збор и за билатералните односи, безбедносните предизвиците со кои се соочува Либан и неопходните рефоми во земјата. /МИА

притисни ентер