Пред десет години стигнал меѓуѕвезден сигнал, поврзан со вонземјани – сега е откриено што е

Звучните бранови за кои се сметало дека дошле од метеор кој се урнал северно од Папуа Нова Гвинеја, речиси сигурно се вибрации на камион од блискиот пат, според истражувањето предводено од научниците од Универзитетот Џонс Хопкинс.

Овие откритија, исто така, фрлаат дополнителна сенка на материјалот пронајден од дното на океанот минатата година, за кој се верува дека е од истиот метеорит, се вели во соопштението на Универзитетот.

- Сигналот со текот на времето го променил правецот, така што точно се совпаѓа со патеката што минува покрај сеизмометарот. Многу е тешко да се земе сигнал и да се потврди дека не е од нешто. Но, она што можеме да го направиме е да покажеме дека има многу сигнали како овој и да покажеме дека сите тие имаат карактеристики што би ги очекувале од камион, а ништо што би очекувале од метеор“, рече Бенџамин Фернандо, планетарен сеизмолог во Универзитетот Џонс Хопкинс и водач на истражувањето.

Кога метеорот навлегол во атмосферата на Земјата над западниот Пацифик во јануари 2014 година, настанот бил поврзан со вибрации на земјата снимени на сеизмичка станица на островот Манус. Во летото 2023 година, материјалот е извлечен од океанското дно, во близина на местото каде што се сметало дека паднале остатоците од метеорот, за кои велат дека може да имаат „вонземско технолошко потекло“, пренесува EurekAlert!

Сепак, Фернандо смета дека сето тоа се заснова на погрешни податоци и дека метеорот всушност влегол во атмосферата на различно место. Неговиот тим не нашол докази за сеизмички бранови од метеорот.

- Локацијата на огнената топка всушност беше многу далеку од местото каде што океанографската експедиција ги извади овие фрагменти. Не само што користеа погрешен сигнал, туку отидоа и на погрешно место - изјави Фернандо.

Користејќи податоци од станиците во Австралија и Палау, кои се дизајнирани да ги детектираат звучните бранови на нуклеарно тестирање, тимот на Фернандо ги идентификувал потенцијалните места за удар кои се оддалечени повеќе од 100 милји од локацијата за истражување.

Патем, физичарот од Харвард, Ави Лоуб, објавил експлозивна теорија за вонземското потекло на фрагментите пронајдени од дното на Тихиот Океан уште во август. Тој рече дека тоа е дел од објект кој стигнал до Земјата е од далечен Сончев систем.

- Одлична вест! За прв пат во историјата, научниците анализирале материјали од објект од приближно еден метар кој дошол од надвор од Сончевиот систем. Објектот го запали небото над Пацификот кога слета пред речиси една деценија. Имав доволно среќа да ги организирам анализите на 57 сферули кои останаа по падот на првиот познат меѓуѕвезден метеор IM1 - изјави тогаш Лоуб.

Сепак, неколку научници ја побија оваа теза. Во ноември, Патрисио А. Галард, физичар од Универзитетот во Чикаго, објави дека воопшто не станува збор за остатоци од метеори, туку дека е пепел од јаглен.

Астрофизичарот д-р Итан Сигел во напис за Big Think неколку дена подоцна објави дека „Лоуб нема докази за неговите извонредни тврдења бидејќи не знае каде големиот метеор удрил во Земјата, не знае дали сферите што ги зел од дното на океанот се дури и поврзани со тој метеор и нема потврда дека се од друг сончев систем, а уште помалку дека се напредна вонземска технологија“.

Исто така објавено на arXiv во ноември било делото на Стивен Даш, професор на Факултетот за истражување на Земјата и вселената на Државниот универзитет во Аризона и Алан Џексон, професор на Катедрата за физика, астрономија и геонауки на Универзитетот Таусон, кои го оспоруваат мислењето на Лоуб со теза дека на нашата планета воопшто паднал меѓуѕвезден метеор, а камоли вонземјански сфери.

Водата во Скопје е безбедна за пиење

Анализите на Секторот за санитарна контрола, направени на 149 примероци од 41 мерни места во градот, во период од 22 до 26 април, покажаа дека водата во Скопје е безбедна за пиење, соопшти ЈП Водовод и канализација.

Секторот за санитарна контрола земал 149 примероци за физичко-хемиска и 149 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 41 мерни места во град Скопје и согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци ОДГОВАРААТ на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Неформална дводневна средба на Советот за општи работи на ЕУ

Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) денеска и утре ќе одржи неформално заседание, на кое централен настан ќе биде одбележување на 20-годишнината од големото проширување на Унијата на 1 мај 2004 година. 

Заседанието ќе започне вечерва со свеченост во Центарот за ликовни уметности „Бозар“ во Брисел со која ќе се одбележи годишнината од приемот на Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка во Европската унија.

Работниот дел од неформалното заседание на ГАК ќе продолжи утре во чии рамки министрите или државни секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања ќе одржат серија работни сесии на кои ќе разговараат за процесот на проширување, вклучувајќи и за искуствата од проширувањето во 2004 година, за потребата од зајакнување на Унијата, како и инструментите на блокот за заштита на владеењето на правото.

Меѓу другото, предвидено е европските министри да одржат размена на мислења со претставници на земјите кандидати и аспиранти за членство на ЕУ за владеењето на правото во рамките на процесот на проширување.

На заседанието ќе стане збор и за важноста за почитување на владеењето на правото во рамки на Унијата, како и за потенцијални подобрувања на постоечките механизми на заштита на овој принцип и нивната ефикасност.

На состанок европските министри ќе разговараат и за иднината на ЕУ, при што се очекува да разменат мислења за потребните чекори и реформи за зајакнување на капацитетот за дејствување на Унијата.

Неформалните заседанија на Советите на ЕУ се средби на ресорните министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за различни теми и прашања по кои треба да се решава на формалните средби или на состаноци на други тела на Унијата. /МИА

Александар Николовски од УКИМ избран за претседавач на Националното студентско тело

Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје Александар Николовски е избран за претседавач на Националното студентско тело со мандат од една година односно до април 2025.

На втората седница на ова тело одржана во саботата, тој е избран од присутните претседатели на студентски собранија на универзитетите „Св. Климент Охридски“ - Битола, „Гоце Делчев“ - Штип, Универзитет на Југоисточна Европа, Американски универзитет во Европа ФОН и Американ колеџ Скопје.

Целта на Националното студентско тело е да претставува највисока форма на обединување на универзитетските студентски собранија во државата кое ги застапува студентите.

На седницата беше претставена и кандидатурата на Николовски за претседавач со предлог акциски план која ќе стане дел од програмата за работа на ова тело.

Краткорочни цели во неговиот Акциски план, кои планира да ги реализира до крајот на мандатот, Николовски ги наведува: Националното студентско тело да добие правна форма и преку измена на Законот за високо образование, телото да биде официјален претставник на студентите и студентските права во земјата.

Во краткорочните цели се и: инкорпорирање на Декларацијата за придружување во Статутот на телото; на Резолуцијата во програмата на телото; на целите на Студентскиот манифест потпишан од пет универзитетски студентски собранија во програмата на телото и повик за придружување на останатите функционални универзитетски студентски собранија кон телото.

Исто така, Николовски планира ова тело да стане дел од Интеруниверзитетската конференција, планира зголемување на соработката и координацијата помеѓу универзитетските студентски собранија, подигнување на студентскиот активизам, а воедно и младинскиот; поддршка на работата на универзитетските студентски собранија и апликации за придружување кон НМСМ и кон Европската студентска унија.

Во долгорочните цели на претседавачот на Националното студентско тело се настојувањата, како што вели, „да се решат суштинските студентски проблеми и предизвици“, креирање можности преку инкорпорирање на целите на Резолуцијата и Студентскиот манифест, во соработка со надлежните институции.

Николовски во целите на долг рок ги посочува: бесплатно високо образование на јавните универзитети, подобрување на студентскиот стандард со итно носење на новиот Закон за младински стандард; зголемување на студентските права - измени во Законот за високо образование; квалитетно високо образование - во соработка со агенциите за акредитација и за евалуација, универзитетите и МОН; кариерни можности - соработка со Агензијата за вработување, МОН, центрите за кариера и бизнис-секторот.

Во долгорочните цели се и дигитализација, интернационализација и автономија. Процест на дигитализација ќе се остварува со „притисок за исполнување на целите на Националната стратегија за млади 2023 - 2027 во која е предвидена целосна дигитализација во високото образование“. За интернационализацијата предвидува изработка на стратегија за привлекување поголем број странски студенти, согласно праксата во регионот.

Во однос на автономијата, Николовски ќе се залага за „остварување реална кадровска и финансиска автономија на државните универзитети, поголема автономија за универзитетите и нивните единици во процесот на создавање студиски програми“.

притисни ентер