Пожари во Скопје и Битола, 1.588 повици за 24 часа до ЦУК

 Два пожара на отворено се регистрирани изминатото деноноќие. Еден пожар во Скопје, друг во Битола, информираат денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарникарите на Град Скопје од вчера во 14:10 до 15:10 часот гаснеле запалено ѓубре на улицата „Скупи“ во општина Карпош, на површина од 500 метри квадратни. Интервенцијата ја извршиле со едно противпожарно возило и двајца пожарникари.

Битолските пожарникари вчера од 14:11 до 15:15 часот со едно противпожарно возило интервенирале на запалена дива депонија во населбата „Баир“.

- Вкупно 1.588 повици се регистрирани на Единствениот повикувачки број за итни случаи - 112 во ЦУК во последното деноноќие, од коишто „реални“ - 54,85 отсто, а 45,15 проценти - за други потреби на граѓаните, што не биле итни. Кон полицијата биле упатени 61,03 проценти, кон Итната медицинска помош - 35,66 отсто, кон пожарникарите - 1,84 проценти, а кон АМСМ - 0,37 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК, се наведува во денешното соопштение.

Елегантни моторџии низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста за машкото здравје

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. 

Елегантни моторџии облечени во палто, елек и вратоврска денеска по деветти пат како дел од глобалното движење „The Distinguished Gentlmens Ride“ ќе дефилираат низ скопските улици со цел да ја подигнат свеста за машкото здравје и превенцијата од рак на простатата.

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. Организаторите најавуваат учесници и од останатите градови од државата и гости од Косово. Меѓу нив има доктори, професори, личности од јавниот живот кои, како и секоја година, ќе донираат средства за фондацијата „Мовембер“ во Лондон за борба против рак на простатата.

„The Distinguished Gentlmens Ride“ годинава се одржува во 959 градови низ светот. Учествуваат 90.000 мотоцикли од 105 држави.

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. Досега учествувале 1.172 учесници, а собрани се 18.836 евра.

Глобалното движење почна на иницијатива на Марк Хава во 2012 година во Сиднеј кога тој заедно со своите пријатели продефилира низ улиците на градот во чест на неговиот пријател кој починал од рак на простатата. Оттогаш движењето станува помасовно секоја година. Од основањето на „The Distinguished Gentlmens Ride“ досега собрани се 50,2 милиони долари на светско ниво кои се донираат во институции и болници кои се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и борбата против рак на простатата. /МИА

Пронајдени телата на четворица мигранти, спасени 52 лица во близина на брегот на Тунис

Телата на четворица мигранти се пронајдени во близина на брегот на Тунис, а крајбрежната стража во посебна операција спасила 52 лица, соопшти Националната гарда.

Се додава дека гардата уапсила девет шверцери и ги запленила чамците.

Најмалку 23 туниски мигранти исчезнале откако со чамец се упатиле кон Италија, соопшти претходно Националната гарда.

Тунис се соочува со миграциска криза и ја замени Либија како главна појдовна точка за луѓето кои бегаат од сиромаштијата и конфликтите во Африка и Блискиот Исток во потрага по побезбеден живот во Европа. /МИА

Одбележување на Светскиот ден на семејниот лекар - 19 Мај

Под мотото „Здрава планета, здрави луѓе“ денеска се одбележува 19 Мај - Светскиот ден на семејниот лекар.

Здружението на лекари по општа медицина - семејна медицина (ЗЛОМ СМ), информира дека за таа цел во Градскиот парк во Скопје денеска од 11 до 14 часот граѓаните ќе можат да измерат крвен притисок, гликемија и пикфлоуметрија. Специјалистите по семејна медицина ќе даваат совети за здрави животни навики.

Предвидена е и прес-конференција за медиумите.

притисни ентер