Повредени и приведени во вчерашниот протест во Атина против Договорот од Преспа

Нередите започнаа половина час по официјалниот старт, кога група маскирани лица, веројатно радикални десничари и припадници и поддржувачи на Златна зора се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и да влезат во грчкиот парламент. 

Најмалку 40 повредени од кои 25 полицајци, еден фоторепортер и еден снимател, приведени 12, од кои уапсени седум лица, солзавец и сериозни инциденти, учество на околу 60 илјади граѓани, препукувања меѓу грчката Влада и Нова демократија, е билансот од вчерашниот протест на атинскиот плоштад Синтагма, пред грчкиот парламент, против Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

Нередите започнаа половина час по официјалниот старт, кога група маскирани лица, веројатно радикални десничари и припадници и поддржувачи на Златна зора се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и да влезат во грчкиот парламент. Со разни предмети, дрва, боја, пиротехнички материјали, ја нападнаа полицијата која за да спречи упад употреби солзавец и шок бомби. Инцидентите набргу се проширија во целиот дел пред Парламентот, но и по околните улици, а не ги прекина ниту дождот. Маскираните лица успеаа да скршат и дел од заштитна ограда пред парламентот, а фрлија и молотови коктели.

Полицијата континуирано одговараше со солзавци.

Инцидентите се случија токму пред грчкиот Парламент, во горниот дел од плоштадот Синтагма, додека пак во долниот дел, онаму каде што беше поставена бината од организаторите, и покрај солзавецот, на присутните паралелно им се обраќаа поканетите говорници.

По судирите меѓу маскираните лица и полицијата, што траеја околу 3 часа, ситуацијата пред грчкиот парламент се смири, протестот заврши, граѓаните си заминаа, а во центарот на Атина дојдоа возила на општинската комунална служба за да ги исчистат улиците од мермерот, камењата, предметите, шишињата, но и остатоците од солзавецот и шок бомбите.

Она што остана да сведочи за протестот беа и слоганите кои кусо пред да започнат инцидентите, ги испишаа со спреови дел од маскираните лица – Демократијата ја продаде Македонија", но и пцовки упатени кон Ципрас, а го ставија и нивниот потпис – Златна зора.

Од грчката полиција соопштија дека на вчерашниот протестот во центарот на Атина учествувале околу 60 илјади лица, а во грчката престолнина пристигнале вкупно 326 автобуси од цела Грција.

Атина беше под силно полициско обезбедување, а протестот иако беше закажан за 14 часот по локално време, граѓаните уште 2 часа претходно почнаа да се собираат пред грчкиот парламент.

Со грчки знамиња и со плакати со пораки “Македонија е грчка”, “Референдум сега” и извикувајќи слични слогани меѓу кои и “Овој Договор е предавство”, Грците протестира на собирот организиран од т. н. Комитет за одбрана на грчкиот карактер на Македонија за да го кренат својот глас против Договорот од Преспа.

Меѓу демонстрантите имаше и голем број свештени лица.

Насилните инциденти беа причина за препукувања меѓу власта и опозицијата во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Од кабинетот на грчкиот премиер коментираа дека „за жал уште еднаш тонот на протестот го дадоа екстремни елементи и членови на Златна зора кои во нивниот обид да влезат во Парламентот, маскирани и со дрва, камења и палки ги нападнаа полицајците и десетици повредени завршија во болница".

Претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис во изјавата по протестот против Договорот од Преспа рече дека вчера говорел грчкиот народ и неговиот глас мора сите да го слушнат, „а прв господинот Ципрас и поддржувачите на Договорот од Преспа, договор кој се подготвуваат да го гласаат без да имаат таков мандат од нивните гласачи".

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија додаде дека договорот е против „националното чувство" и без согласност од другите партии, но и дека признава македонски јазик и идентитет, а потенцира дека следнава седмица, Нова демократија, со аргументи и решително, ќе биде во првите редови во битката да не се ратификува Договорот од Преспа.

Мицотакис, ја обвини владата дека со употребениот солзавец сакала да ги растера граѓаните./МИА

Расте бројот на жртвите во поплавите во Бразил- најмалку 57 загинати, 67 исчезнати (ВИДЕО)

Бројот на загинати од поројниот дожд во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул се искачи на 57, соопштија локалните власти, додека десетици се уште не се пронајдени, пренесува Ројтерс.

Цивилната заштита на Рио Гранде до Сул соопшти дека 67 лица се уште се водат како исчезнати, додека повеќе од 32.000 луѓе се раселени поради невремето, кое зафати речиси две третини од 497-те градови во државата, која граничи со Уругвај и Аргентина.

Поплавите уништија патишта и мостови во повеќе региони во земјата. Невремето предизвика и лизгање на земјиштето и делумно уривање на брана во мала хидроцентрала. Друга брана во градот Бенто Гонкалвес исто така е во опасност од уривање, соопштија властите.

Во Порто Алегре, главниот град на Рио Гранде до Сул, езерото Гуаиба се излеа, поплавувајќи ги улиците. Меѓународниот аеродром во Порто Алегре ги укина сите летови на неодредено време.

Во следните 36 часа се очекуваат врнежи од дожд во северните и североисточните предели на државата, но количината на врнежи се намалува и би требало да биде далеку под врвот забележан претходно оваа недела, соопшти државната метеоролошка служба.

Сепак, „нивото на водата во реките треба да остане високо неколку дена“, изјави денеска гувернерот Едуардо Леите во видеото на неговите социјални мрежи, додавајќи дека е тешко да се каже колку долго.

Рио Гранде до Сул се наоѓа на географската точка меѓу тропската и поларната атмосфера, што создава метеоролошка шема со периоди на интензивен дожд и други со суша.

Локалните научници веруваат дека оваа шема се интензивира поради климатските промени.

Обилните дождови веќе го погодија Рио Гранде до Сул во септември минатата година, кога екстратропски циклон предизвика поплави во кои загинаа повеќе од 50 луѓе. Ова се случи по повеќе од две години постојана суша поради феноменот Ла Ниња, со само слаби дождови.

Најбогатата актерка на светот има 3 милијарди долари, но ретко кој ја знае (ВИДЕО)

Кога ќе помислите на најбогатите актерки во светот, веројатно ви паѓаат на ум познати имиња како Џулија Робертс, Сандра Булок, Анџелина Џоли или Џенифер Анистон, но големи се шансите никогаш да не сте го чуле името на најбогатата актерка на светот.

Имено, оваа титула ѝ припаѓа на американската актерка Џејми Герц, чие богатство се проценува на 3,2 милијарди долари. Ако се прашувате која е, не сте единствените затоа што изгледа дека луѓето не можат да се сетат на неа.

58-годишната ѕвезда ја започнала својата кариера во 1981 година со улога во „Бескрајна љубов“ и оттогаш се појавила во голем број филмови, вклучувајќи ги „Изгубените момчиња“, „Твистер“, „Крстопат“, „Помалку од нула“, „Квиксилвер“ и „Шеснаесет свеќи“.

Покрај тоа, таа се појави во хит сериите Seinfeld, The Neighbors, Modern Family и This is Us, а неодамна глумеше во филмот „I Want You Back“ од 2022 година, но таа ретко се појавува на екранот.

Сепак, нејзиното богатство не се должи само на нејзината актерска кариера. Актерката е во брак со милијардерот и инвеститор Тони Реслер, со кого е косопственик на НБА тимот Атланта Хокс. Имаат четири деца, а интересно, кога се венчале во 80-тите, Џејми била хранителка бидејќи компанијата на нејзиниот сопруг пропаднала, но тој подоцна се опоравил и заработил милијарди.

Инаку, официјално најбогатата актерка на светот е холивудската ѕвезда Дина Мерил, чие богатство се проценува на 5 милијарди долари. Мерил починала во 2017 година, со што Џејми сега стана најбогатата жива актерка на светот.

Кавга меѓу Шпанија и Аргентина- сѐ почнало со обвинение дека претседателот се дрогира

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи ја обвини шпанската социјалистичка влада дека ја загрозува средната класа со политики „кои носат само сиромаштија и смрт“.

Неговата изјава доаѓа откако шпански министер навестил дека Милеи бил под дејство на дрога за време на кампањата.

„Владата на шпанскиот премиер Педро Санчез треба да се занимава со поважни прашања, како што се обвинувањата за корупција изнесени против неговата сопруга, прашање што дури го натера да размисли за оставка“, напиша Милеи во официјалното соопштение од Канцеларијата на Претседател на Република Аргентина.

Расправијата меѓу Буенос Аирес и Мадрид започнала откако шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте вчера сугерирал дека Милеи бил под дејство на дрога за време на телевизиските настапи.

Милеи, самонаречен десничарски слободар, исто така ги критикуваше договорите на Санчез со баскиските и каталонските сепаратисти, велејќи дека шпанскиот премиер „го загрози единството на Кралството, склучувајќи договори со сепаратистите и доведе до распаѓање на Шпанија“.

Тој додаде дека илегалната имиграција во Шпанија ја загрозува безбедноста на жените. Шпанската влада денеска категорично ги отфрли тврдењата на аргентинскиот лидер, велејќи дека таквите тврдења „не одговараат на односите на две братски земји и народи“.

Односите меѓу Шпанија и Аргентина се заладија откако Милеи дојде на власт минатиот декември, пишува Politico. Аргентинскиот лидер јавно ја поддржа шпанската десничарска опозициска партија Вокс.

притисни ентер