Повеќе од 280 милиони луѓе се соочиле со акутен глад минатата година, покажува извештај на ФАО

 Над 280 милиони луѓе во 59-те земји во светот каде кризата со храна е најтешка, се соочиле со акутен глад минатата година, покажува извештајот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Се забележува дека иако вкупниот удел на луѓето во светската популација кои се соочуваат со голем недостиг на храна во 2023 година беше малку помал отколку во 2022 година, тој остана над нивото пред пандемијата.

Во него се нагласува дека процентот на луѓе кои се соочуваат од акутен глад останува висок, а главни фактори зад овој тренд се воените конфликти, екстремните временски услови и економските шокови, кои продолжуваат да го загрозуваат одржливиот развој на светот.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации предупредува дека влошувањето на ситуацијата во светот како резултат на овие фактори претставува сериозна закана за глобалната безбедност на храната во тековната 2024 година.

Извештајот на ОН ги става Авганистан, ДР Конго, Нигерија, Судан и Етиопија во првите пет земји погодени со најакутна криза со храна. /МИА

Приведени двајца дилери на дрога, пронајдени над три килограми марихуана

 Двајца прилепчани се приведени синоќа бидејќи во возилото „пежо“ со кое се превезувале биле пронајдени торба со над три килограми марихуана и автоматска пушка со празна рамка. 

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека двајцата дилери се приведени на регионалниот пат Дебар-Струга околу 21:30 часот. Автомобилот марка „пежо“ со скопски таблички било на рент а кар компанија. Возилото го управувал 34-годишниот Б.С., а сопатник бил 36-годишниот Д.Н.

Лицата се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Галант: Израел нема избор, мора да почне офанзива во Рафа

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант синоќа му кажал на својот американски колега, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин дека Израел нема друг избор освен да почне офанзива во градот Рафа на југот на Појасот Газа.

Галант во телефонски разговор го информирал Остин за вчерашниот смртоносен ракетен истрел од Рафа на позициите на израелската армија, соопшти неговиот кабинет.

Тој изјавил дека се прават сите напори од страна на државата Израел да се постигне договор за ослободување на заложниците и привремен прекин на огнот и оти Хамас го отфрла секој предлог што ќе го овозможи тоа.

Галант му рекол на Остин дека „нема избор“ и дека тоа значи „почеток на израелска операција во Рафа“.

Притоа, тој се заблагодарил за блиската соработка и истакнал дека САД имаат важна улога во унапредувањето на дијалогот за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас, пренесоа израелските медиуми.

Демократскиот сојуз:Да гласаме за Македонија

Демократскиот сојуз ги повикува сите граѓани, без разлика на етничка, верска или политичка припадност, да излезат на гласање, да гласаат  за стабилна, силна и унитарна Македонија.

Партиите кои се на власт, кои ги разградија институциите, ја криминализираа државата, ги загрозија националните и државните интереси, ги доведоа граѓаните во очај и предизвикаа масовно иселување, треба да одат во опозиција и да одговараат за грабежот и загрозувањето на опстанокот на државата.

Во овие сложени состојби кога се одлучува за иднината на Македонија, Ве повикуваме на масовно гласање за промени, за Гордана Силјановска Давкова (2) и за кандидатите за пратеници на Коалицијата ТВОЈА МАКЕДОНИЈА, предводена од ВМРО-ДПМНЕ (Број 2).

Бојкотот е антимакедонски чин и затоа повикуваме на разумно и одговорно однесување и гласање.

притисни ентер