Активистите го обвинуваат дека ја убил, тој се правда дека ја нашол покрај патот. Од здружението за заштита на животните Анима Мунди тврдат дека заменик директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго, минатиот месец убил мечка и се фотографирал со неа. Тие најавија и кривична пријава против Дранго и побараа негово разрешување од функцијата, бидејќи како што велат, вршителите на јавни функции треба да бидат синоним за одговорност и почитување на законите, наместо со пушки в рака да убиваат заштитени видови на животни.
„Станува збор за човек, втор во хиерархијата во јавно претпријатие кој треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела. Оттаму, се отвора прашањето дали Дранго е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку пати го има извршено овој монструозен чин?“, велат од „Анима Мунди“
Дранго пак, за Канал 5 тврди дека обвинувањата не се вистинити. Според него, мечката била прегазена од автомобил на патот Битола-Ресен, а тој бил повикан да ја отстрани од местото.
Мечката во Македонија инаку е заштитено животно. Според Законот за лов, член 11, таа спаѓа под заштитен дивеч и нејзиниот лов во земјава е трајно забранет. За лов на мечка, според кривичниот законик пак, е казниво со затворска казна од една до пет години.