Потпишан договор за заемно признавање на пензиите меѓу Италија и Албанија

Потпишан договор за заемно признавање на пензиите меѓу Италија и Албанија, бенефит ќе имаат 500 илјади албански граѓани.

По околу 10 години интензивни преговори, Италија и Албанија денеска го финализира меѓусебното признавање на социјалното осигурување, односно заемното признавање на пензиите.

-Овој долгоочекуван договор за албанските граѓани кои живеат и работат во соседната земја, во Рим, го потпишаа министерот за надворешни работи на Италија Антонио Тајани и албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани. Се очекува имплементацијата да започне со околу четири илјади пензии годишно, а од година в година да продолжи да се зголемува. Една од главните придобивки е спојувањето на периодите за придонеси, објави Топ чанел.

Во врска со ова прашање реагираше и премиерот Еди Рама преку објава на социјалните мрежи наведувајќи дека од овој договор со Италија корист ќе имаат 500 илјади албански државјани во Италија и илјадници италијански државјани во Албанија.

-Добра вест денеска од Рим, каде се потпиша финалниот документ од долгоочекуваниот договор за заемно признавање на социјалното осигурување. Директни корисници на овој договор се над 500 илјади албански државјани во Италија и илјадници италијански државјани во Албанија. Ви посакувам убав ден, пишува Рама.

Според Топ чанел, Италија е 17. земја со која Албанија има потпишано вакви договори, додека во процес на преговори е со 17 други земји.

По потпишувањето, Договорот ќе биде ратификуван од двете држави, во согласност со нивните соодветни процедури, а инструментите за ратификација ќе бидат разменети што е можно поскоро.

Десетици загинати и ранети во нападот на израелските сили врз Џабалија и Рафа

Израелски војници и тенкови денеска влегоа во северните делови на Појасот Газа кои ги заобиколуваа повеќе од седум месеци, убивајќи и ранувајќи десетици Палестинци, соопштија медицински претставници и жители.

Израелските сили, исто така, зазедоа дел од теренот во Рафа, јужен град во близина на египетската граница, кој е преполн со раселени луѓе.

Израелската војска соопшти дека нејзините сили продолжиле да дејствуваат во областите низ Појасот Газа, вклучително и Џабалија и Рафа, спроведувајќи, како што ИДФ ги нарече, „прецизни операции против терористите и инфраструктурата“.

„ИАФ (Воздухопловните сили) продолжуваат да дејствуваат во Појасот Газа и нападнаа над 70 терористички цели во текот на изминатиот ден, вклучително складишта за оружје, локации во воената инфраструктура, терористи кои претставуваа закана за војниците на ИДФ и воените комплекси“, се наведува во соопштението на израелската армија./МИА

Стара експлозивна направа пронајдена во двор во делчевското село Вирче

Во делчевското село Вирче пронајдена е стара неексплодирана граната. Случајот е пријавен од жител на селото кој експлозивната направа ја пронашол во својот двор. 

-Во Пoлициската станица Делчево, А.М.(60) од с.Вирче, делчевско, на 17.05.2024 во 19.50 часот пријавил дека при извршување градежни работи во неговиот двор пронашол една стара неексплодирана граната, се вели во информацијата од делчевската полиција.

Гранатата по извршениот увид била подигната од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување.

Зеленски: Вооружените сили на Украина го одбија рускиот напад врз Часов Јар

Вооружените сили на Украина го одбија рускиот напад врз градот Часов Јар и уништија повеќе од 20 единици со оклопни возила на непријателот, рече претседателот на Украина, Володимир Зеленски во вечерното видео обраќање.

„Не забораваме и на другите правци на битките, освен на Харков: Краматорск, Покровски, Кураково, јужните правци - каде и да е тешко нашите сили му пружаат достоен отпор на окупаторот. Особено им благодарам на момците кои го одбија рускиот напад на Часов Јар. Нашите војници уништија повеќе од 20 оклопни возила на окупаторот“, истакна Зеленски.

Тој потсети дека денеска се одбележуваат 80 години од депортацијата на кримскотатарскиот народ./МИА

притисни ентер