Поддршка за превод на 16 македонски дела од странски издавачи

Министерството за култура ќе поддржи 16 проекти на 15 автори за превод на македонски дела на странски јазици, информираше министерката Елизабета Канческа-Милевска.

На прес-конференција во Струга таа рече дека има голем интерес од странските издавачки куќи за превод на дела на македонски автори. Во Министерството за култура пристигнале 36 апликации од издавачки куќи од 15 земји: Канада, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Руска Федерација, Германија, Словенија, Белгија, Црна Гора, Албанија, Шпанија, Турција, Бугарија и Украина.


- Конкурсот за странски издавачи е една од најкрупните реформи во областа на издавачката дејност во Република Македонија. Нашето досегашно искуство говори дека овој проект ќе има големи придобивки во контекст на афирмацијата на македонската книжевност во светот. Уверена сум дека бројот на апликации и во иднина ќе се зголемува, особено преку промоцијата на овој проект на големите саемски претставувања на Република Македонија, кои ќе се случуваат наредните два месеци во Франкфурт и Гетеборг, рече Канческа-Милевска.

Согласно со исполнетите критериуми на конкурсот, Комисијата, одлучи да биде обезбедена поддршка за превод на романите: „Трите века“ од Саво Костадиновски на германски јазик, „Храпешко“ на Ермис Лафазановски на полски и руски јазик и „Патот на јагулите“ на академик Луан Старова на руски јазик.

Белгиската издавачка куќа „Кантокен“ од Брисел на француски јазик ќе го преведе наградуваниот роман „Вештица“ на Венко Андоновски. По издавањето, романот ќе биде дистрибуиран на поширокото јазично подрачје каде што се говори францускиот јазик, пред се на територијата на земјите од Бенелукс. Романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски ќе биде преведен и објавен на полски јазик од издавачката куќа „Фоксал“ од Варшава.

На српски јазик ќе биде преведено делото „Асхаровци“ од Трајан Петровски, „Балканскиот мегаетникум“ од проф. д-р Димитар Мирчев ќе биде преведено на словенечки јазик и издадено од Универзитетот во Љубљана.

Ќе бидат преведени и дела од литературата за деца: „Првата љубов на Розевата улица“ на Киро Донев и „Весел ЗОО Парк“ на Натали Спасова, ќе бидат објавени на украински јазик од издавачката куќа „Твердинаја“.

Покрај дела од прозната продукција, поддржани се и преводи на неколку поетски збирки од истакнати македонски поети, како и антологии на македонската поезија.

На српски јазик ќе бидат преведени делата „Антологија на современата македонска поезија-Семоќни струни“ од Ристо Василевски и „Огледало на вековите – избор од поезијата на Раде Силјан“ (од издавачката куќа „Арка“ од Србија).

„Смртта има коса од морска трева“ од Игор Исаковски ќе се преведе на хрватски јазик од издавачката куќа „Меандар медиа“ од Хрватска, а избор од поезијата на Богомил Ѓузел на црногорски јазик ќе преведе издавачката куќа ОКФ од Цетиње.

„Кога ни гореше под нозете“ од академик Катица Ќулавкова ќе се преведе на албански јазик од издавачката куќа „Тоена“ од Тирана, а „Поле, бојно поле?“ на Славе Ѓорѓо Димоски на бугарски јазик ќе го преведе и објави издавачката куќа „Смол срејшн прес“ од Софија.

Нове Цветановски, претставник на стручната комисија, истакна дека Министерството за култура дава најобемна поддршка за прозните дела споредено со земјите во регионот.

- Ова е еден од најзначајните проекти за меѓународна афирмација на македонската литература и култура. Конкуросот веќе ја носи македонската додадена вредност во европската, па и во светската литература, затоа што носи вредни дела од македонски автори на други јазици. Со самиот чин на објавување на делата, се збогатува трајната вредност на тие национални култури, на јазикот на кој се преведува и воопшто на европската литература и култура, рече Цветановски.

За академик Катица Ќулавкова, активирањето на проектот за превод на македонски дела на други јазици, кои ќе бидат објавувани од реномирани издавачки куќи во странство, е знак дека неколку потези и концепции за развојот на културата на Република Македонија се добро испланирани.

- Очекувам големи резултати од овој проект на планот на промоција на македонската култура и литература во светот. Мислам дека нема писател кој не е задоволен од овој потег, бидејќи знаеме дека во минатото навистина сме наидувале на многу проблеми - прво во преводот на нашите дела, а потоа и во објавувањето затоа што преводот е еден од условите без кои не се може нашите дела да бидат објавени во странство и особено кај реномирани издавачи, рече Ќулавкова.

Министерството за култура на почеткот на 2014 година објави конкурс за странски издавачи, односно за финансирање на преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската литература на странски јазици. Конкурсот беше предвиден како приоритет во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 со цел да обезбеди посоодветен третман на нашите автори кај странските издавачи и меѓународна промоција на македонското творештво и на државата./МИА.

Анчелоти: Ова беше мојата најдобра сезона како тренер

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти даде оценка за сезоната која е во завршница.

Реал Мадрид синоќа во натпревар од 37. коло на Шпанското фудбалско првенство го победи Алавес со 5:0.

- Тимот има многу таленти, многу млади луѓе и многу квалитетен тим. Овој клуб може да одбележи ера во иднина со оглед на вредноста на младите играчи кои ги имаме во моментов. Ова беше мојата најдобра сезона како тренер. Тимот се претстави фантастично во Ла Лига, достојно и без никаков сомнеж ја освоивме титулата. Сите чекаа наш пад, но до тоа не дојде. Среќни сме и на седмо небо. Но, треба да продолжиме бидејќи сè уште не сме го одиграле најважниот натпревар, изјави Анчелоти за официјалниот сајт на клубот.

Реал Мадрид ја освои деветтата победа во низа во Ла Лига.

Тимот предводен од Карло Анчелоти, кој одамна ја обезбеди шампионската титула е лидер во поредокот со 93 освоени бодови.

Алавес е на 11. место со 42 бода.

Балетот „Заспаната убавица“ на фестивалот „Мајски оперски вечери“

На 52. „Мајски оперски вечери“ вечер од 20 часот на програмата е класичниот балет „Заспаната убавица“ на музика од Петар Илич Чајковски.

Диригент на претставата е Најер Нагуи - главен диригент на оркестарот на Операта во Каиро, кореограф е Виктор Јаременко од Украина, асистент-кореограф - неговата сонародничка Тетјана Белецка, а сценограф и костимограф на балетот е Миодраг Табачки од Србија.

Во главните улоги ќе настапат Марта Петкова и Никола Хаџитанев од Софиската опера и балет кои се добитници на голем број престижни награди и признанија. Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

-Повеќе од 100 години оваа класична балетска бајка за вечната борба помеѓу доброто и злото ја одушевува публиката на најголемите светски сцени. Сложените варијации, брилијантната изведба и чистата класична техника го прават овој балет од бајките врвен балетски бисер, соопшти Националната опера и балет.

Стејт департментот му префрли на Конгресот една милијарда долари помош за Израел

Американскиот Стејт департмент го информирал Конгресот за пакет помош оружје за Израел во вредност од милијарда долари, јавија американски медиуми повикувајќи се на анонимни извори.

Според нив, пакетот ќе вклучува тенкови, минофрлачи и оклопни тактички возила. Претседавачите и водечките членови на Комитетот за надворешни односи на Сенатот и Комитетот за надворешни односи на Претставничкиот дом на Конгресот на САД се оние кои ги разгледуваат главните договори за оружје со други земји.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела изјави дека ја одложил испораката на бомби до Израел поради стравувањата дека тие би можеле да бидат употребени во голема офанзива против градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.

Бајден го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не започнува офанзива врз Рафа без да ја гарантира безбедноста на цивилите.

притисни ентер