Почнува наградната Мој ДДВ #Моја награда учествуваат и фискални на кои нема пресметан ДДВ

Со слоганот „Секоја фискална сметка е важна" од денеска почнува наградната игра Мој ДДВ #Моја награда. Граѓаните може да ги скенираат сите сметки, дури и оние на кои е изразено нула денари ДДВ, а кои ќе учествуваат во наградната игра.

Наградниот фонд е половина милион евра, а ќе се доделат 3852 парични награди на дневна, месечна и две главни награди.

На дневна основа ќе се доделуваат четири награди по 1000 денари, три награди по 2000 денари и три награди по 3000 денари. Наградите ќе се влечат електронски, известувањето ќе се добива веднаш по скенирање на сметката, а граѓаните средствата ќе ги добијат на трансакциска сметка.

На месечно ниво предвидено е доделување 15 награди по 100.000 денари. Ќе учествуваат фискални сметки во периодот на еден месец од едно до друго извлекување. Нема да учествуваат фискални сметки што веќе биле добитни на дневна награда. Датумите на извлекување се веќе објавени, а првото ќе стартува на 4 јануари, веднаш по лото извлекувањето што се емитува на Канал 5 телевизија.

Доделувањето на главните награди од по 3.000.000 денари ќе се одвива во посебни емисии на 18 март и 19 декември 2020 година.

Наградната игра ќе трае една година до 14 декември 2020 година, а според министерката за финансии Нина Ангеловска ќе даде резултат во намалување на сивата економија.

– Граѓаните кои скенираат фискални сметки ќе имаат трикратна корист. Ќе имаат шанса да добијат една од 3852-те награди во вкупен фонд од половина милион евра. Ќе добиваат поврат на ДДВ и ќе придонесуваат во борбата против сивата економија која во нашата држава изнесува една третина, рече министерката за финансии на прес-конференција на која го најави стартот на наградната игра.

За учество во наградната игра најпрво граѓаните треба да се регистрирани на системот е-Персонален данок, да се корисници на апликацијата МојДДВ, каде се појавува известување за наградната игра при што треба да се прифатат условите за учество.

Во тек е првата исплата на поврат на ДДВ на граѓаните за месеците јули, август и септември, откако почна наградната игра.

На аеродромот во Минхен приведени осум климатски активисти

Германската полиција приведе осум климатски активисти кои упаднаа на аеродромот во Минхен. Аеродромот по два часа повторно почна со работа, но можни се доцнења на некои летови.

Шест климатски активисти се залепија на две места на пистата на аеродромот во Минхен. На еден од транспарентите пишуваше „Проблемот е владата, а не нашиот празник“.

Протестот беше организиран од климатската група „Лас џенерејшн“ (Last Generation), која и претходно имаше вакви акции.

Поради протестот на климатските активисти од аеродромот во Минхен беа откажани 60 летови./МИА

Чести самопрегледи и заштита од сонце, советуваат дерматолозите за заштита од меланом

Чести самопрегледи и заштита од сонце, се клучните совети на кумановските дерматолози за превенција и заштита од малигни меланоми. 

Од Болницата во Куманово наредната недела организираат бесплатни прегледи за сите пациенти како еден од начините да се зајакне свеста за превенција од меланом.

- Пациентите можат самите да се прегледаат, особено да посветат внимание на експонираните делови - лице, глава, ушни школки, раце, нозе, грб. Тоа е првиот чекор што го советуваме, кога ќе забележат промена која им е различна, нова да се јават кај првиот дерматовенеролог. Следува макроскопски преглед да се види промената. Со дермаскоп се гледа структурата на промената и врз основа на тоа се прави разлика дали е бенигно, малигно, што понатаму, вели примариус доктор Виолета Кузмановска, раководител на Одделението за дерматовенерологија во Општата болница во Куманово.

При проверка, пациентите треба да се запознати со системот за евалуација на промени на кожата, односно меѓународното правило (АБЦДЕ): A - асиметрија, Б - border/рабовите на самата промена ако се неправилни, Ц - color, промена на бојата, Д - дијаметар, односно неправилности на формата и Е - evolution/ развој кој се однесува на одредени израстоци.

- Тоа се првите знаци што се гледаат со дермаскоп, со зумирање ни даваат насока како понатаму да постапуваме, појаснува доктор Кузмановска.

Посочува дека е важно да се користи заштита од сонце особено ако се оди покрај вода или природа со креми со заштитен фактор 50 кој треба правилно да се нанесува, особено на експонираните делови, неколку часа пред да се излезе на сонце и постапката да се повторува. Многу е важно да се заштити кожата со капи, очила за сонце затоа што, како што појаснува докторката, се јавува меланом и на окото.

- Секоја година во мај е акција што се спроведува на ниво на Европа во кое се зачленети 11 земји меѓу нив и Македонија и Здружението на дерматовенеролози на Македонија. Врз основа на тие испитувања од сите земји збирно се прави програма за превенција за следната година за да се намали бројот не само на меланоми, туку генерално на сите кожни промени што се симптоматични за да не поминат во карцином на кожа. Драго ми е што со години и кумановската Болница е вклучена во таа организација. Идната недела, во понеделеник и вторник од 7 до 10 часот во амбулантата за дерматовенерологија при Општата болница може да се направат бесплатни превентивни прегледи за бемки, нагласува д-р Кузмановска.

Според неа, загрижувачки е што расте бројот на заболени лица од меланом на ниво на градот, а се намалува и возрасната граница.

- Факт е дека има пораст на карциноми не само на меланоми и дека се намалува возрасната граница, што загрижува, вели доктор Кузмановска.

Промените што можат да предизвикаат меланом, како што појаснува Кузмановска, најмногу се јавуваат поради генетика, потоа поради поголема изложеност на сонце особено кај некои професии и занимања како што се земјоделци, градежни работници, рибари..... Најчесто заболените се на возраст од 50 до 60 години, но од кумановската Болница велат дека проблем за младата популација е користењето на солариум.

- Младите не се штитат со заштитен фактор, дел од нив користат солариуми за кои ние, дерматолозите, велиме исклучиво не. Најголем проблем е што пациентите доаѓаат доцна, никогаш на време. Мислат дека промената сама од себе ќе помине и постојано укажувам дека ако една раничка за месец дена не заздрави, значи дека не е раничка, мора да се оди понатаму, да се извршат испитувања. Ако навреме се препознаат, нема простор за грижа, нагласува доктор Кузмановска.

По првичното мислење на дерматолозите, се чека на второ мислење од Клиника. Тогаш се решава дали меланомот ќе се отстранува хируршки или ќе се применат други средства како маст, спреј, криотерапија....

Кузмановска вели дека од меланом поеднакво страдаат и мажите и жените, а во однос на исхраната, препорачува сезонска храна богата со овошје и зеленчук.

- Мит е дека тенот има влијание за појава на меланом. Луѓето со посветол тен побурно реагираат на сонце, но нема разлика во однос на меланомот. Важно е сите да користат заштитен фактор, порачува доктор Кузмановска.

Во претстојниот период, пролетните и летните месеци добро е да се заштити телото со лесна и светла облека особено при експонирање на сончевата светлина покрај вода. /МИА

Зеленски: Русија нема сила повторно да го нападне Киев

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.

Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.

Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.

Тие (Русите) можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право, наведе Зеленски.

Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.

Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина, истакна Зеленски.

Украинскиот претседател во интервјуто се осврна и на тоа со колкава воена опрема располага Украина. Тој истакна дека Украина бара од 120 до 130 авиони ловци Ф-16 за да може да го одбрани небото од 300 руски авиони.

Ни треба толкав број на Ф-16 за да имаме рамнотежа на силите. Украина има само една четвртина од системите за противвоздушна одбрана што и се потребни и има потреба од 120 до 130 ловци Ф-16 за да се стави крај на доминацијата на Русија во воздухот, потенцира Зеленски. /МИА

притисни ентер