По пет години истражување, осум реставратори почнаа да користат техники како дигитална фотографија и вештачка интелигенција за да го обноват делото „Ноќна стража“ со отстранување на лакот од сликата, објави Би-Би-Си.
Генералниот директор на музејот, Тако Дибитс, рече дека јавноста ќе може да го следи самиот процес на реставрација, што, според него, ќе биде уникатно искуство.
Според него, почетокот на реставрацијата е возбудлив, а отстранувањето на лакот од сликата ќе ја открие богатата историја на „Ноќната стража“.
Лакот нанесен при реставрацијата од 1975 до 1976 година ќе биде отстранет со микрофибер крпи и памучни брисеви.
„Ноќната стража“ на Рембрант ван Рајн од 1642 година е слика во масло и е една од најраните слики што прикажува група луѓе.
Сликата е обложена со темен лак и со годините се акумулирала прашина, така што остава лажен впечаток дека прикажува ноќна сцена, поради што во 18 век го добила името „Ноќна стража“, додека оригиналното име гласело : „Милициска чета на Вториот округ под команда на капетанот Франс Банинк Кок“.
Сликата била нападната со нож двапати - во 1911 година и повторно во 1975 година, кога напаѓачот направил 12 исеченици на платното.
Во 1990 година, еден човек ја испрска сликата со киселина, а благодарение на брзата интервенција на чуварот, само лакот бил оштетен.
„Ноќната стража“ е реставрирана најмалку 25 пати, а овој најнов проект за истражување и реставрација е најобемниот досега.
Повеќе од два милиони посетители годишно доаѓаат да ја видат таа слика во музејот.