Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Божиќ, упати честитка до сите граѓани кои го прославуваат денот на Христовото раѓање, до архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, господин господин Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев.
Почитувани,
Имам особено задоволство и чест на сите граѓани кои го прославуваат денот на Христовото раѓање, да ви го честитам големиот христијански празник – Божиќ и да ви посакам да го поминете во добро здравје, исполнети со радост и среќа.
Божиќ беше, е и останува за навек возвишен и светол христијански празник, симбол на животот, љубовта, почитта и солидарноста.
Христовото раѓање нè учи и инспирира како да сакаме, да шириме мир и хармонија, да им помагаме на беспомошните, безрезервно да даваме поткрепа и нудиме утеха.
Божиќ ја симболизира животворноста на верата и надежта, како суштински за човековата природа.
Да ги отвориме и на овој божиќен ден срцата за сите луѓе, да се обидеме да ја разбереме сечија потреба за среќа, да придонесеме за општествената благосостојба. Да го послушаме пастирскиот повик на Македонската православна црква и да влеземе во божјите храмови за да ја засилиме личната и националната духовност.
Христос се роди!
Гордана Сиљановска-Давкова