Одлуката уследи по протестите и апсењата во неколку турски градови. Полицијата употребила сила за да ги растера демонстрантите на одредени места, јавуваат локалните медиуми.
Врховниот изборен совет (YSK) во Анкара одлучи Абдула Зејдан, од прокурдската Партија за народна еднаквост и демократија (ДЕМ), да го добие својот мандат како градоначалник на југоисточниот град Ван.
„Ова се случи благодарение на отпорот на курдскиот народ, нашите соборци, пријатели и демократската јавност“, објави партијата ДЕМ на платформата Х.
На Зејдан од ДЕМ првично му беше одбиен градоначалнички мандат, иако беше избран за градоначалник на локалните избори во неделата со околу 55 отсто од гласовите, соопшти неговата партија.
На негово место, функцијата градоначалник требаше да ја преземе кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на Реџеп Таип Ердоган, кој беше втор со околу 27 отсто.
Локалните изборни органи утврдиле дека Зејдан има криминално досие и дека не требало да се кандидира на изборите, јавува агенцијата Анадолу. Од Партијата за народна еднаквост и демократија тврдат дека нивниот кандидат бил информиран за одлуката дури по гласањето во недела.
Набљудувачите на изборите стравуваа дека инцидентот може да предизвика нов бран на масовни отпуштања на прокурдските локални политичари, како во 2019 година.
Прокурдската партија, тогаш наречена ХДП, освои 65 градоначалнички места на локалните избори во 2019 година, но владата ги отстрани повеќето од нив од функцијата поради наводна поврзаност со тероризмот.