Потребни состојки: 1 копан со наткопан, 100 гр. печурки, 1 парче пршута, 1 главица кромид, неколку листови спанаќ, малку масло со лук, малку бибер, малку путер, малку маслиново масло, малку оригано, малку кора од лимон, малку магдонос, малку лимонов сок, неколку шери доматчиње и 2-3 лажици пире.
Постапка:
Копанот со наткопан се тенчи со внимателно чукање со дебело сукало.
Со помош на електрично сецко се сечкаат шампињоните.
Со нож се сечкаат пршутата и кромидот.
Во тава со загреано масло најнапред се пропржува кромидот а потоа се додава пршутата и малку масло со лук.
Се зачинува со малку бибер и се остава да се излади.
Во друга тава со малку путер и оригано се пропржуваат шампињоните.
На штица со стреч фолија се става пилешкото месо.
Врз пилешкото месо се редат листови од спанаќ.
На спанаќот се реди пропржената пршута со кромид.
Врз неа се ставаат пропржените шампињони и со помош на фолијата се прави ролат.
Краевите од фолијата треба добро да се врзат за да не влезе вода во пилешкото месо при бланширањето кое трае 40-тина минути.
Откако ќе се избланшира месото се отстранува фолијата.
Жолтиот дел од кората на лимонот ситно се сечка.
Ситно се сечка и магдоносот.
Во тава со путер и малку маслиново масло се пропржува пилешкото месо од сите страни.
Месото се остава малку да одмори, а во истата тава се пропржува кората од лимон и магдоносот.
Притоа се додава малку масло со лук и лимонов сок.
Месото се послужува со неколку испечени шери доматчиња и пире.
Одозгора се полева со сосот од кора од лимон и магдонос.