Петмина тинејџери обвинети за тероризам по прободувањето со нож во црквата во Сиднеј

 Пет тинејџери се обвинети за терористички дела во тековната истрага за прободувањето со нож на две лица во црква во Сиднеј на 15 април, соопшти денеска австралиската федерална полиција (АФП).

- Пет малолетници се обвинети додека Заедничкиот тим за борба против тероризмот (JCTT) Сиднеј продолжува да ги испитува соработниците на наводниот сторител кој го изврши прободувањето со нож во црквата во Вејкли, се вели во соопштението на АФП.

Повеќе од 400 полицајци од државната и федералната полиција синоќа извршија 13 налози за претрес низ Сиднеј. Уапсени се седум млади мажи. Уште пет лица, меѓу кои двајца мажи и тројца тинејџери, и помогнале на полицијата во нивните истраги, се вели во соопштението.

Седумнаесетгодишно момче и 14-годишно момче се обвинети за поседување или контролирање на насилен екстремистички материјал.

Две 16-годишни момчиња се обвинети за заговор да се вклучат во каков било чин во подготовка или планирање на терористички акт, додека друго 17-годишно момче е обвинето за заговор за вклучување во чин во подготовка или планирање терористички чин и поседување нож на јавно место.

Во полициската акција запленети се и голем број предмети, меѓу кои и електронски материјал.

Минатата недела, 16-годишно момче беше обвинето за терористички чин во врска со прободувањето со нож во црквата Christ The Good Shepherd во Вејкли, западен Сиднеј, на 15 април.

Еден 53-годишен маж се здоби со тешки повреди на главата, додека 39-годишен маж се здоби со расекотини и рана на рамото кога се обидел да интервенира.

Уапсено е 16-годишното момче, кое беше совладано од присутните очевидци.

Прогласувањето на кривичното дело за терористички акт ѝ дава на полицијата дополнителни истражни овластувања, да утврди дали некое лице дејствувало самостојно или било дел од поширока мрежа. /МИА

Ужас во Аризона: Татко си ги пронашол двете тригодишни близначки удавени во базен

Полицијата ги објави имињата на близначките кои трагично загинаа откако нивниот татко ги извлекол нивните безживотни тела од базенот во дворот.

Тригодишните девојчиња, Валентина и Пеналапи Руиз, починале во четвртокот во болница во Феникс, Аризона, соопштија официјални лица, пишува Daily Mail..

„Прелиминарните информации сугерираат дека дошло до случајно давење“, соопшти вчера полицијата.

„Во овој момент, нема ништо што откриле иследниците што изгледа сомнително“, рече пожарникарот на Феникс, Роб Мекдејд, за таткото на близнаците кој се јавил на 911.

Мекдејд додаде дека децата биле под вода „неодредено време“ пред да пристигне помошта околу 15:30 часот во четвртокот.

Девојчињата биле итно пренесени во блиската болница каде што биле прогласени за мртви, соопштија официјални лица.

Воздушните снимки од домот покажале базен во облик на бубрег што немал ограда околу него.

Расте бројот на жртвите во поплавите во Бразил- најмалку 57 загинати, 67 исчезнати (ВИДЕО)

Бројот на загинати од поројниот дожд во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул се искачи на 57, соопштија локалните власти, додека десетици се уште не се пронајдени, пренесува Ројтерс.

Цивилната заштита на Рио Гранде до Сул соопшти дека 67 лица се уште се водат како исчезнати, додека повеќе од 32.000 луѓе се раселени поради невремето, кое зафати речиси две третини од 497-те градови во државата, која граничи со Уругвај и Аргентина.

Поплавите уништија патишта и мостови во повеќе региони во земјата. Невремето предизвика и лизгање на земјиштето и делумно уривање на брана во мала хидроцентрала. Друга брана во градот Бенто Гонкалвес исто така е во опасност од уривање, соопштија властите.

Во Порто Алегре, главниот град на Рио Гранде до Сул, езерото Гуаиба се излеа, поплавувајќи ги улиците. Меѓународниот аеродром во Порто Алегре ги укина сите летови на неодредено време.

Во следните 36 часа се очекуваат врнежи од дожд во северните и североисточните предели на државата, но количината на врнежи се намалува и би требало да биде далеку под врвот забележан претходно оваа недела, соопшти државната метеоролошка служба.

Сепак, „нивото на водата во реките треба да остане високо неколку дена“, изјави денеска гувернерот Едуардо Леите во видеото на неговите социјални мрежи, додавајќи дека е тешко да се каже колку долго.

Рио Гранде до Сул се наоѓа на географската точка меѓу тропската и поларната атмосфера, што создава метеоролошка шема со периоди на интензивен дожд и други со суша.

Локалните научници веруваат дека оваа шема се интензивира поради климатските промени.

Обилните дождови веќе го погодија Рио Гранде до Сул во септември минатата година, кога екстратропски циклон предизвика поплави во кои загинаа повеќе од 50 луѓе. Ова се случи по повеќе од две години постојана суша поради феноменот Ла Ниња, со само слаби дождови.

Најбогатата актерка на светот има 3 милијарди долари, но ретко кој ја знае (ВИДЕО)

Кога ќе помислите на најбогатите актерки во светот, веројатно ви паѓаат на ум познати имиња како Џулија Робертс, Сандра Булок, Анџелина Џоли или Џенифер Анистон, но големи се шансите никогаш да не сте го чуле името на најбогатата актерка на светот.

Имено, оваа титула ѝ припаѓа на американската актерка Џејми Герц, чие богатство се проценува на 3,2 милијарди долари. Ако се прашувате која е, не сте единствените затоа што изгледа дека луѓето не можат да се сетат на неа.

58-годишната ѕвезда ја започнала својата кариера во 1981 година со улога во „Бескрајна љубов“ и оттогаш се појавила во голем број филмови, вклучувајќи ги „Изгубените момчиња“, „Твистер“, „Крстопат“, „Помалку од нула“, „Квиксилвер“ и „Шеснаесет свеќи“.

Покрај тоа, таа се појави во хит сериите Seinfeld, The Neighbors, Modern Family и This is Us, а неодамна глумеше во филмот „I Want You Back“ од 2022 година, но таа ретко се појавува на екранот.

Сепак, нејзиното богатство не се должи само на нејзината актерска кариера. Актерката е во брак со милијардерот и инвеститор Тони Реслер, со кого е косопственик на НБА тимот Атланта Хокс. Имаат четири деца, а интересно, кога се венчале во 80-тите, Џејми била хранителка бидејќи компанијата на нејзиниот сопруг пропаднала, но тој подоцна се опоравил и заработил милијарди.

Инаку, официјално најбогатата актерка на светот е холивудската ѕвезда Дина Мерил, чие богатство се проценува на 5 милијарди долари. Мерил починала во 2017 година, со што Џејми сега стана најбогатата жива актерка на светот.

притисни ентер