Меѓу тие кои служеле до сега, од тоа што е познато се двајца Македонци, кои се пријавиле во септември, едниот од нив загинал, а вториот доби кривична пријава откако се врати во земјава поради учество во странска војска. Двајцата според информациите биле регрутирани преку телеграм, каде броеви за комуникација се лесно достапни, а слични броеви има и на официјалните сајтови за регрутација. На нив, има и цел ценовник, односно за секој преживеан ден се добива по уште 80 евра, а за секој освоен километар окупирана украинска територија или за уништување на украинска воена опрема по 500 евра. Канал 5 стапи во контакт со еден таков центар за регрутација, од каде ни ги кажаа двата клучни услови.
-За да потпишете договор, на вам потребно ви е уверение за познавање на Руски јазик и официјално да сте на територија на Руската Федерација.
-Како да дојдам до Русија од Македонија?
- За тоа како да дојдете до Руската федерација, тоа сами треба да го направите. И доколку јас не знам Руски јазик, јас не можам да заминам во војската?
- За жал не, потребно ви е познавање на руски јазик, да, - Центар за регрутација во Москва.
Двајцата македонски државјани според информациите од МВР, откако контактирале преку Телеграм, заминале за Русија каде потпишале договор да служат во руската војска. Иако станува збор за прв ваков случај со официјална потврда дека лица од земјава заминале на бојните полиња во Украина, од МВР за Канал 5 велат дека ја следат ситуацијата, а за сите за кои постојат сомненија дека се дел од паравоени формации се преземаат активности за проверка во соработка со безбедносно разузнавачките служби. Дека има индиции за македонски државјани во Украина, потврди и министерот за одбрана Владо Мисајловски.
-Немам таква информација, би бил искрен со вас, но заеднички со другите институции мможеме да провериме и да ви ја дадеме, но дека има индиции дека има припадници на тие жаришта, да има,- - Владо Мисајловски – Министер за одбрана.
Руското министерство за одбрана во март годинава објави вкупен број на странски борци и загинати кои според нив, војувале на страната на Украина. Според податоците на руските власти, 30 до 90 лица од земјава се загинати во борбите против руските власти. Но, немаше податоци дали и колку лица од Македонија се борат на руска страна.
Учеството во странски војни е кривично дело во земјава, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 4 години.. Досега за ова дело осудени беа неколку десетици повратници од боиштата во Блискиот исток.