Палестинските безбедносни сили убиле милитант на Западниот брег

Палестинските безбедносни сили денеска на Западниот Брег убиле припадник на локална вооружена група поврзана со милитантниот Исламски џихад, откако биле под нивен оган, јавуваат британските медиуми, додавајќи дека тоа е редок судир меѓу Палестинците.

Талак Двејкат, портпарол на безбедносните служби на палестинските власти, изјави дека органите на редот биле испратени во ноќна патрола во Тулкарм и биле под оган и возвратиле и го застрелале напаѓачот, кој починал од раните во болница.

Локалната вооружена група бригади Тулкарм и Нур-Шамс објави дека загинатиот човек Ахмед Абу ал Фул е нивни член. Групата ја потврди својата поврзаност со милитантите на Исламскиот џихад. Бригадите Тулкарм и Нур Шамс го опишаа нападот на палестинските безбедносни сили врз нивниот член како „атентат“ во израелски стил. Според вооружената група, Ал-Фул бил нападнат „без причина“.

Палестинската управа, предводена од претседателот Махмуд Абас, има ограничена самоуправа на Западниот Брег и понекогаш ја координира безбедноста со Израел. Хамас, сојузник на Исламскиот џихад, ги осуди „нападите на силите на палестинската управа против нашиот народ и борците на отпорот“. /МИА

Приведен кавадарчанец по распишана централна потерница

 Кавадаречката полиција ноќеска околу 1 часот по полноќ го лишила од слобода Д.А. (36) од Кавадарци, кој бил баран по централна потерница издадена врз основа на судска наредба за издржување на затворска казна во времетраење од две години.

Како што информираат денеска од МВР, лицето било спроведено во Казнено – поправната установа Затвор Гевгелија за издржување на казната.

Баерн ќе се обиде да го привлече Бруно Фернандеш доколку Тухел остане

Баерн Минхен е заинтересиран за играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, тврди „Билд“. 

На тренерот на баварците, Томас Тухел му се допаѓаат квалитетите на португалскиот репрезентативец и ќе инсистира да го привлече на „Алијанц арената“ доколку тој самиот ја задржи функцијата.

Се поверојатна изгледа опцијата Тухел да остане на кормилото на баварците. На крајот на февруари беше најавено дека стручњакот ќе замине на крајот на сезоната, но со оглед на големиот број имиња кои одбија да го заменат на клупата, и двете страни со задоволство би ја продолжиле соработката.

За да се согласи да остане во Баерн, Тухел сака да му биде продолжен договорот и да има збор во изборот. Бруно Фернандеш е меѓу новите засилувања кои ги посакува Германецот. На списокот на Тухел се наоѓаат и Тео Ернандез од Милан и Жоао Палиња од Фулам. Јосип Станишиќ по позајмица ќе се врати во Баер Леверкузен.

Според различни информации, во трансфер плановите на Баерн се и Френки де Јонг, Чави Симонс, Асан Ведраого, Крис Фирих, Андре Онана и Јонатан Та.

Дејвид Коперфилд обвинет за сексуална злоупотреба од повеќе жени

Повеќе жени го обвинија американскиот илузионист Дејвид Коперфилд за сексуална злоупотреба. Настаните се случувале во распон од неколку десетлетија, објави британски „Гардијан“.

Од 16 жени, некои биле и помлади од 18 години кога наводно се случило она што го тврдат. Коперфилд беше обвинет за недолично однесување и во 2018 година, кога жена по име Бритни Луис тврдеше дека тој ја дрогирал и сексуално ја нападнал три децении претходно. Натаму, три жени тврдат дека Коперфилд ги дрогирал пред секс. Настаните, според можните жртви, го опфаќаат периодот од доцните 1980-ти до 2014 година.

Коперфилд (67) одрекува каква било злоупотреба и „никогаш не постапувал несоодветно кон никого, а не пак, кон малолетник“, нагласуваат неговите адвокати.

Коперфилд претходно беше „под лупа“ и поради неговите врски со обвинетиот сексуален подведувач Џефри Епстин, кој почина во затвор во 2019 година.

„Нашиот клиент не беше свесен за грозоморните злосторства на Епстин... Како и остатокот од светот, и тој дозна за тоа од печатот“, тврдат адвокатите на Коперфилд.

Друга жена, која доби псевдоним во печатот, сведочи дека го запознала илузионистот по еден негов настап, кога имала 15 години. Таа раскажува дека следниве години, тој ѝ се јавувал доцна во ноќта и ѝ испраќал подароци, а кога наполнила 18 години, вели, двајцата имале консензуални односи.

притисни ентер