Отворена хибридна сала на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија

Денеска правиме еден голем успешен исчекор во следење на современите медицински трендови

Здравјето на граѓаните е најважно, изјави премиерот Димитар Ковачевски, при денешното отворање на хибридна сала на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија. Кардиохирурзите започнаа да работат во хибридна операциона сала, која е прва ваква сала во државата.

-Денеска правиме еден голем успешен исчекор во следење на современите медицински трендови, што само говори за нашата сериозност како Влада, дека во наш фокус е зајакнување на јавното здравство, инвестирање во човечки ресурси, модернизирање на болниците, посочи премиерот.

Во центарот на здравствените реформи, нагласи тој, секако, се пациентите, „тие заслужуваат најдобар, најсовремен, болнички третман, навремено лекување и рана дијагностика“.

- Јас утрово го посетив пациентот на кој вчера му беа извршени интервенции во хибридната сала и тој се чувствува добро, набрзо ќе замине дома и многу скоро ќе се врати на неговото секојдневие, информираше Ковачевски.

Тој потсети дека хибридната операциона сала овозможува хирургија со малку компликации, брз опоравок, кратка рехабилитација, таканаречена минимално инвазивна хирургија. Ваквите процедури, додаде, покрај медицинската оправданост, секогаш се преферираат од страна на пациентот. На тој начин тој побрзо се враќа на секојдневниот живот и истовремено, државата троши помалку средства во неговата рехабилитација. Со оваа хибридна кардио-васкуларна сала, рече, се има можност да се направи многу голем исчекор во следењето на медицинските трендови и медицината базирана на докази, а најголемиот бенефит од овој проект, го имаат пациентите.

-Нивното задоволство е мерило на сѐ она што како Влада, како Министерство за здравство и како Клиника се залагаме да го реализираме. Здравјето на нашите граѓани е најважно, ништо не е повредно од тоа и затоа ништо нема да нѐ поколеба да останеме посветени да овозможиме најсовремени услови за лекување. Тимот на хирурзи, лекари, целокупниот медицински персонал, овде во овој Универзитетски центар - Клиниката за кардиохирургија, досега во многу наврати нѐ направиле горди и среќни со нивната стручна експертиза, посветеност во работата, заштитата на пациентите, грижата за нив, подвлече премиерот.

Ковачевски потсети дека среде корона-кризата, на оваа Клиника се испиша историја за македонското здравство, се направи првата кадаверична трансплантација на срце во земјата, односно трансплантација од починат донор. Сега со новата хибридна операциона сала, Ковачевски верува во многу успешни операции и многу задоволни пацинети.

- Како Влада имаме одговорност да се грижиме за пациентите и за здравствените работници и ние ќе продолжиме да го правиме тоа. Повеќе од 40 години, здравствениот систем во Република Северна Македонија беше во клиничка кома. Со сите овие залагања, од реновирање на клиники и болници ширум државата, од купување на современа апаратура, реновирање и комплетна реконструкција на операциони сали, по светски стандарди, реконструкција и опремување на цели болнички оддели, ја покажуваме нашата цврста определба за развој на здравствениот систем во Северна Македонија, рече Ковачевски.

Тој истакна дека пријателската поддршка е од голема помош во зајакнување на капацитетите во јавно-здравствените установи. Премиерот упати благодарност до амбасадата на Јапонија и до амбасадорот Оцука Казуја, за донацијата на бронхоскоп, апарат што на Клиниката за кардиохирургија ќе се користи и во операциона сала и во интензивна нега.

- На целиот медицински персонал овде на Клиниката им посакувам успешна работа, што повеќе успешни операции и што поголем број излекувани пациенти. Тие не се херои само за своите пациенти, тие се херои на македонското здравство, додаде премиерот.

Директорот на клиниката, професор доктор Сашко Јовев, рече дека им е чест што се домаќини при отворањето на прва ваква сала во државата и пошироко и ставањето во употреба на апаратот за долготрајна вонтелесна срцева и белодробна поддршка. Тој нагласи дека работат сѐ што се работи во моментов во светот од областа на нивната субспецијалист, имаат знаење, искуство, тимска работа, најсофистицирана опрема.

- Нашиот народ добива нови модалитети за третман на најтешките и најчестите заболувања. Клиничкиот кампус поголема сигурност. А државата, ултрамодерна клиника, нагласи тој, осврнувајќи се и на други програми што ги работат и упатувајќи благодарност до стручниот тим на клиниката, Светска банка и Фондот за здравствено осигурување, министерот за здравство.

Задоволство од отворањето на првата хибридна сала во државава, изрази и јапонскиот амбасадор.

- Мило ми е што бронхоскопот, донација од народот на Јапонија, ќе се користи тука, додаде Оцука Казуја, осврнувајќи се на поддршката што континуирано ја даваат низ годините.

Кристијан Бундовски, специјализант по васкуларна хирургија, во изјава за МИА истакна дека ова е прва ваква сала во државата. Многу е значајна, бидејќи кардиоваскуларните заболувања се водечки по смртност во светот, неопходно е нивно брзо решавање, без да се губи време. Во оваа сала, ќе работи заедно со професорот Сашко Јовев, директорот, кардиохирург и со доктор Никола Лазовски, васкуларен хирург.

„Највалканиот човек на светот“ 60 години не користел вода и сапун (ВИДЕО)

Во октомври 2022 година, медиумите ја објавија смртта на Аму Хаџи, кој беше познат како „највалканиот човек на светот“, во Иран.

Оваа „титула“ ја заслужил затоа што не се капел шест децении, а за последен пат ги затворил очите на 96 години.

Аму секогаш бил покриен со прашина и пепел, живеел во колиба направена од чакал, но бил виден и како спие во дупки што ги ископал самиот.

Еден новинар опишува дека „изгледал како карпа“ и дека се вклопувал во околината поради тоа колку бил валкан и сив, пренесува LadBible.

Непосредно пред неговата смрт, мештаните успеале да го убедат конечно да се избања. Се разбира, двата настани не се причинско-последично поврзани, бидејќи Аму починал од старост.

Се поставуваат прашања зошто 60 години избегнувал вода и сапун. Се верува дека страдал од аблутофобија, односно „постојан неоправдан страв од капење или миење“.

Наводно се плашел дека ќе се разболи ако се исчисти, односно дека водата и сапунот предизвикуваат болести.

Зборувајќи за фобијата која е поизразена кај децата, па кај жените, па дури потоа кај мажите, д-р Сива Лечор од клиниката „Толедо“ рече:

„Аблутофобијата е исклучително ретка. Во моментов почесто го гледаме кај постарите лица. Обично кај луѓе кои имале трауматски искуства во минатото“, објасни д-р Лечор.

Локалните новинари со години се обидувале да добијат информации за неговото минато и што го навело Аму да води ваков начин на живот. Вистината никогаш не била откриена.

Мајка си го фрлила болниот шестгодишен син во река полна со крокодили, таткото барал да го убие

Мајка го фрлила својот болен шестгодишен син во река полна со крокодили кои го растргнале, откако сопругот и татко на момчето ѝ рекле да се ослободи од него бидејќи малото момче било родено со физички маани.

Овој страшен настан се случил во Индија.

Како што пренесува „Дејлимејл“, Савитри Кумар (26) се скарала со сопругот Рави Кумар (27) кој ѝ наредил да се ослободи од малото дете кое тешко зборувало.

Таа го земала својот син додека спиел и го фрлила во блискиот канал полн со крокодили. Случајот, како што пренесува „The New Indian Express“, се случил во Утара Канад, област на западната индиска држава Карнатака.

Полицијата навела дека сопругот ѝ се пожалил на сопругата зошто таа родила дете со неизлечива мана. Сведоците кои ја виделе мајката како го фрла синот во каналот веднаш повикале полиција која почнала да трага по момчето. Потрагата набрзо била завршена поради темнината, а неговото осакатено тело било пронајдено во реката во неделата наутро.

Малото момче се здобило со страшни повреди и му била одгризана едната рака. Полицијата верува дека телото го растргнале неколку крокодили. Наредена е обдукција за да се утврдат точните причини за смртта.

Полицијата за локалните медиуми потврдила дека е покрената истрага за убиството и дека двајцата родители се уапсени.

Расте бројот на жртви во катастрофалните поплави во Бразил, спасените гладуваат (ВИДЕО)

Спасувачите се обиделе да ги евакуираат луѓето затрупани од разорните поплави низ јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул, при што 90 лица се мртви, а очајните преживеани се обидуваат да дојдат до храна и основни потреби.

На периферијата на градот Елдорадо до Сул, 17 километри од главниот град на државата Порто Алегре, многу луѓе кои ги напуштиле своите домови спиеле покрај патот и изјавиле за Ројтерс дека се гладни. Цели семејства заминале пеш, носејќи работи во ранци и колички за пазарење.

„Немавме храна три дена и само што го добивме ова ќебе. Јас сум со луѓе кои воопшто не ги познавам, не знам каде е моето семејство“, рече млад човек кој се претставил како Рикардо Јуниор.

Поплавите ги отежнале спасувачките напори, при што десетици луѓе се уште чекаат да бидат евакуирани со чамец или хеликоптер од погодените домови. Мали чамци ги преполнија поплавените улици во потрага по преживеани.

Агенцијата за цивилна заштита на земјата соопшти дека бројот на загинати се искачил на 90, додека уште четири смртни случаи се истражуваат, а 131 лице се водат како исчезнати, додека 155.000 луѓе останале без покрив над главата.

Обилните дождови кои почнаа минатата недела предизвикаа излевање на реките, потопувајќи цели градови и уништени се патишта и мостови.

Во Порто Алегре, град со 1,3 милиони жители на реката Гуаиба, улиците во центарот на градот се под вода.

Жителите на Порто Алегре се соочија со празни полици во супермаркетите и затворени бензински пумпи, додека продавниците ја ограничија продажбата на минерална вода. Градот користел камиони за доставување вода до болниците и засолништата.

Поплавите ги погодија и службите за водоснабдување и електрична енергија, со повеќе од 1,4 милиони погодени луѓе, според Цивилната заштита на Бразил.

Речиси половина милион луѓе останале без струја во Порто Алегре и околните градови бидејќи компаниите за електрична енергија го прекинале снабдувањето со поплавените населби од безбедносни причини. Националниот оператор ОНС соопшти дека поради обилните дождови се исклучени пет хидроцентрали и далноводи.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва изјави дека степенот на штетата ќе се знае само кога водите ќе се повлечат. Тој вети федерална помош за државата за она што се смета за најлоша климатска катастрофа.

Економистите на JPMorgan предвидоа дека влијанието на поплавите врз бразилската економија ќе биде удар за растот на БДП и маргинален пораст на инфлацијата, главно поради повисоките цени на оризот, кој главно се произведува во Рио Гранде до Сул.

Покрај уништувањето на критичната инфраструктура, обилните дождови и поплавите ги потопија житните полиња и загина добиток, прекинувајќи ја жетвата на соја и стопирани се работите во неколку погони за месо.

Пристаништето Рио Гранде работи нормално. Главното пристаниште за извоз на жито не е погодено од порастот на нивото на Лагуна дос Патос, во која се влева надојдената река Гуаиба.

Сепак, главните пристапни патишта не се проодни, што ја отежнува испораката на жито до пристаништето бидејќи камионите мораа да направат голем заобиколување, велат извозниците.

притисни ентер