Египет очекува овој месец да добие 1,2 милијарди долари според програмата за финансиска поддршка од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во вкупна вредност од осум милијарди долари, изјави министерот за финансии на земјата Ахмед Кучук, цитиран од онлајн изданието „Enterprise News“.
Во интервју за програма на ТВ OН, Кучук ги отфрли шпекулациите дека Каиро сака да го зголеми размерот на програмата. Изјавата доаѓа откако на крајот на декември минатата година беше постигнат договор на експертско ниво за долго одложуваниот четврти преглед на програмата и одобрување на следната транша.
„Владата има за цел да собере три милијарди долари од глобалните должнички пазари во првата половина од годинава. Ќе се вратиме на глобалниот должнички пазар со различни емисии за да привлечеме различни типови на инвеститори, но со релативно мал обем“, рече Кучук.
Тој објасни дека приватизацијата ќе помогне и за собирање средства во 2025 година. Според него, три или четири компании, ќе бидат понудени на стратешки инвеститори или на Египетската берза преку иницијална јавна понуда до крајот на фискалната година на крајот на јуни./МИА